ВО СКИ ЦЕНТАРОТ НИЖЕПОЛЕ НА ПЕЛИСТЕР ГОДИНАВА САМО 15 САНТИМЕТРИ СНЕГ, А ЛАНИ ИМАШЕ 2,5 МЕТРИ

    ВО СКИ ЦЕНТАРОТ НИЖЕПОЛЕ НА ПЕЛИСТЕР ГОДИНАВА САМО 15 САНТИМЕТРИ СНЕГ, А ЛАНИ ИМАШЕ 2,5 МЕТРИПоследниците од климатските промени се чувствуваат во ски центарот Нижеполе - минатата сезона ви­син­а­та на вкупната снежна прекривка беше околу 2,5 метри, а преклани 70 сантиметри. (Фото: СДК.МК)

    Снег нема или брзо се топи во ски центарот „Нижеполе“ на Пелистер, како последица на глобалното затоплување. Од Јавното претпријатие „Стрежево“ кое стопанисува со овој центар, велат дека околу 15 сантиметри е вкупната снежна покривка која се создаде оваа сезона 2019/2020 на скијалиштето. Тоа е драстично намалување, ако се земе в предвид дека минатата сезона ви­син­а­та на вкупната снежна прекривка беше околу 2,5 метри, а преклани 70 сантиметри.

    „Поради недоволна снежна покривка, за жал оваа сезона досега немаше ноќно скијање. Мин­атата сезона реализиравме вкупно 37 ноќни скијања. Според временската прогноза, за нар­едните денови не се очекуваат пообилни врнежи од снег за да ја поправат оваа ‘не­ск­и­ја­чка’ слика“, вели директорот на ЈП „Стрежево“ Менде Граматковски.

    Тој додава дека пр­ичините за актуелната состојба се комплексни, се должат на глобални климатски промени и неповолна хидролошка година, една од најлошите во изминатите децении.

    Од Јавното претпријатие „Стрежево“ велат дека се превземаат чекори за поефикасно справување со климатските промени. Заради збогатување и подобрување на вкупната туристичка понуда на Пелистер, потребна е продолжена сезона за скијање, па ја почнаа процедурата за подготовка на физибилити студија за вештачки снег. Со тоа очекуваат да се оствари сонот на битолчани – скијачка сезона од декември до март.

    „Физибилити студијата ќе даде одговор на многу прашања и ќе ни даде натамошни насоки како да ја реализираме оваа на­ша децениска желба. Реализацијата на проектот ќе опфати повеќе фази, и тоа изработка на проектно-техничка доку­ме­нт­ација, набавка на трафостаница со поголем капацитет, изградба на базени, опрема за производство на вештачки снег“, вели Граматковски.

    Средства ќе вложат од сопствени извори, а дел планираат да обезбедат од локалната самоуправа и владини институции. Овој проект е еден од најголемите потфати во историјата на претпријатието кој ќе придонесе за развојот на планинскиот туризам во Битола, регионален развој и промоција на земјата.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира