Во Скопје згради се градат на секој чекор, но никој не го почитува Законот за урбано зеленило, велат од Здружението за еколошко одржлив развој „Зелен институт“. Со цел зголемување на зеленилото во Скопје „Зелен институт“ почнa проектот „Повеќе зеленило за отпорно Скопје“, што ќе се работи во соработка со Град Скопје и Факултетот за шумарство, а во партнерство со граѓанските организации „Флорозон“ и „Македонско женско лоби“.
„Според Законот за урбано зеленило треба да обезбеди 25 метри квадратни зеленило по глава на жител. Но, пет години од донесувањето на законот, се соочуваме со негово непочитување, а причините се дел поради институционален отпор, дел поради неусогласеност на овој закон со законите за урбанистичко планирање и за градење“,вели Кирил Ристовски од „Флорозон“.
Во првата активност, експерти од сферата на урбанизмот, шумарството и правото, ќе го анализираат Законот за урбано зеленило, неговата примена и ускладеност со законите за урбанистичко планирање и за градење. Втората активност ќе биде анализа на урбанистички планови, за да се лоцира преку кои пропусти или злоупотреби на закони се врши узурпацијата на зеленилото. Ќе се анализира и зелениот катастар на Скопје, изработен пред повеќе години, но никогаш завршен, а подоцна и целосно заборавен. Ќе се понудат законски решенија со кои ќе се заштити зеленилото и ќе се принудат градежниците да ги почитуваат стандардите и нормативите од Законот за урбано зеленило. Третата проектна активност е озеленување на блоковско зеленило според современ хортикултурен план. Четвртата активност се однесува на ЈП ‚Паркови и зеленило‘, кои се клучни за производство на садници отпорни на климатски промени, за да се постигне поголема успешност и одржливост при садењето и одгледувањето.
Во сите активности ќе бидат вклучени еколошки граѓански иницијативи и граѓани, кои, заедно со експертите, ќе ги дискутираат законските измени и ќе лобираат за нив, како и за поголема посветеност на институциите за зачувување и надградување на зеленилото во Градот Скопје.
Грантот за спроведување на овој проект е дел од климатската програма на „Екосвест“, финансирана од Шведска.