„МАКЕДОНСКИ ШУМИ” СО ДИВА СЕЧА НА ДРВА ЌЕ ГО ЗАГАДИ РЕГИОНАЛНИОТ ВОДОВОД ЛУКАР, ОПШТИНА КАВАДАРЦИ БАРА ЗАБРАНА

    „МАКЕДОНСКИ ШУМИ” СО ДИВА СЕЧА НА ДРВА ЌЕ ГО ЗАГАДИ РЕГИОНАЛНИОТ ВОДОВОД ЛУКАР, ОПШТИНА КАВАДАРЦИ БАРА ЗАБРАНАСпоред овие фотографии снимени деновиве на планината Кожуф, исечени се дрвја во близина на сливното подрачје на Стара Река, од која меѓу другото се напојува регионалниот водовод Лукар од кој вода за пиење добиваат 60 илјади граѓани од неколку општини во Тиквешијата (Фото: СДК.МК).

    Советот на Општина Кавадарци покрена иницијатива подрачјето на сливот на Стара Река до водоснабдителниот систем Лукар на Кожуф да се прогласи за заштитена зона со забрана за експлоатација. Советот бара да се организира јавна трибина за проблемите кои сметаат дека произлегуваат од бесправната сеча на Јавното претпријатие „Македонски шуми” и да се покрене истрага на Основното јавно обвинителство. Исто така, советниците решија да се задолжат стручните служби на Општината и Инспекторатот од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како и Инспекторатот за животна средина да извршат увид на лице место и соодветно да преземат мерки.

    Зад овие заклучоци едногласно застанаа кавадаречките советници во општинскиот Совет, по расправата за која побара да биде дел од дневниот ред независниот советник Ташо Радњански, поради штетата од бесправна сеча на шума околу регионалниот водонабдителен систем Лукар и кршењето на законот.

    „Шеесет илјади граѓани од неколку општини во Тиквешијата пијат вода од системот Лукар. Ако во подрачјето околу изворот се сече шума, се загадува водата што ја пијат тиквешани. Тоа место е богато со антимон и со сулфур, уште пред шеесетина години таму имало рудник кој го експлоатирале Германците. И нормално е дека кога ќе исечете многу шума, настанува лизгање на земјиштето, тлото се мие и оди во системот од кој ние пиеме вода. Никаков филтер не може механички да го исчисти тоа. Тој што го крши законот треба да одговара за тоа. Кој се штити? Тоа е неповратна штета која не може да ја санираме. Но ние таа штета можеме да ја превенираме. И пред шест години ова истото го зборував. Затоа што сеча над Лукар имаше и пред неколку години, за која им текна повторно да пробиваат патишта. Има ли некој од службите да отиде да праша дали тоа може да се сопре?”, рече од говорицата Радњански и додаде:

    „Има ли кај нас јавно обвинителство? Јас мислам дека нема. Па по допрен глас може да реагира. Еве го допрениот глас. Го крши некој законот. А се знае дека има точна законска норма дека на одредена оддалеченост од извор на вода за пиење, не смее да се сече шума. И не ли ни е доволна опомена она што се случи откако имаше бесправна сеча на шума по Скопска Црна Гора, кога како последица имаше дваесет жртви и голема материјална штета. А некој не сакаше да го санкционира бесправното сечење. Заштитата на шумите е во директна надлежност на ‘Македонски шуми’. Зарем да молчиме на кршењето на законот?”, нагласи Радњански, барајќи координација на сите засегнати општини, за заедничко решавање на проблемот.

    Тој побара и одговорност од „Македонски шуми” од Скопје, заради превентива во наредниот период, никогаш повеќе да не се сече шума во тој дел на планината Кожуф.

    „Пред осум години им реков дека во село Радња има проект за постоечки систем за вода за пиење , а тие го сомлеа делот кај месноста Бела Вода. Од каде сега радњани ќе пијат вода? Како смеат да уништат проект? А нив мува не ги лази, нив ништо не ги допира. Не можат тие да се спротивстават на кавадарчани. Не смее тоа никој да го прави, без разлика од која партија да доаѓа. Ние мораме да ги заштитиме нашите сограѓани од оваа работа”, рече Радњански.

    С. ДАРУДОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира