Нема да биде дозволена легализација на дивоградбите во Охридско-Струшкиот Регион, се предвидува со новиот Предлог-закон за легализација на бесправно изградени објекти. Законот утре треба да помине на владина седница, по што ќе биде доставен до Собранието.
Од граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ денеска реагираа дека јавноста е отсечена во подготовката на новиот закон и целосно ѝ е одземено правото да учествува во процесот на усвојување на еден од најштетните закони во Македонија. Јавноста немала увид бидејќи тој не бил поставен на веб страната на ЕНЕР, како што е пракса со другите закони, пред да бидат усвоени на Влада и доставени до Собранието.
Со Законот се дава можност за легализација на сите објекти изградени до први октомври 2019, освен оние во Охрид и Струга.
„Ако овој закон не важи за Охридскиот Регион, тогаш кој закон ќе важи? Како ќе се третираат новоподнесените барања за легализација во Охридскиот Регион од 01.01.2019 година имајќи предвид дека со актуелниот закон се опфатени само барањата до 31.12.2018 година? Охридскиот УНЕСКО Регион се протега на територија на три општини, но не ги зафаќа во целост. Како ќе се регулира легализацијата во овие општини во деловите надвор од УНЕСКО Регионот без да настане хаос поради грешки или манипулации, се вели во писмото кое од „Охрид СОС“ го доставиле до Министерството за транспорт и врски.
Со новиот Закон за легализација на дивоградби не се согласува ниту градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиевски.
„Државата сака сериозна битка со дивоградбите, а спремаат нов закон за легализација на дивоградби. Мене ме тераат да рушам, а другите легализираат. Ако Охрид е изземен од новиот закон, тој може да падне на Уставен суд, со преставка на граѓани дека се дискриминирани“, изјави Георгиевски за САКАМДАКАЖАМ.МК на 28 ноември.
И адвокатската комора во Штип преку младиот адвокат Љупчо Докузов јавно излезе со став дека текстот на Законот е скандалозен и противуставен, затоа што масовната легализација е политичка одлука која ги еродира урбанистичките планови, а со тоа и правната држава.
„Факт е дека со ваквата легализација на некој начин се казнуваат сите чесни граѓани кои во изминатите години легално изградиле објекти во рамките на ДУП, а се наградуваат оние кои градеа на диво, без овластена градежна фирма, со необучени мајстори и без урбанистичка документација, односно плаќаа по едно евро за квадрат, цена која важеше како во Мариово, така и во Скопје“, вели Докузов.
Со Предлог-законот дивоградбите нема да се легализираат по едно евро за квадрат туку ќе се плаќаат комуналиите кои ги плаќаат граѓаните кога добиваат одобрение за градба плус 50 отсто казна од висината на цената за легализација.
А. АНТЕВСКА