ПЕТ МЕСЕЦИ НЕ СE ГОРИ ФАРМАЦЕВТСКИ ОТПАД ВО СКОПСКА „ДРИСЛА“ ОТИ ГРАДСКОТО ПРЕТПРИЈАТИЕ НЕМА ПАРИ ЗА НОВ ЕКОЛОШКИ СИСТЕМ

    ПЕТ МЕСЕЦИ НЕ СE ГОРИ ФАРМАЦЕВТСКИ ОТПАД ВО СКОПСКА „ДРИСЛА“ ОТИ ГРАДСКОТО ПРЕТПРИЈАТИЕ НЕМА ПАРИ ЗА НОВ ЕКОЛОШКИ СИСТЕМСпоред лиценцата од Министерството за животна средина, „Дрисла“ требало на печката да постави систем за континуиран мониторинг на работата кој чини околу 150.000 евра. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Веќе петти месец во депонијата „Дрисла“ во Скопје не се прима и не се согорува фармацевтски отпад оти печката има забрана за работа. Државниот инспекторат за животна средина во јануари изрекол забрана за работа на печката, бидејќи јавното градско претпријатија не поставило еколошки систем како што предвидува лиценцата за работа.

    Сега, фармацевтските компании кои имаат лекови и реагенси со истечен рок не можат да ги депонираат во „Дрисла“ за да се уништат, туку ги чуваат во фирмите. Велат дека поради овој пропуст на депонијата сега тие не можат да ги прокнижат завршните сметки и да ја исполнат законската обврска.

    Според лиценцата издадена од Министерството за животна средина во 2021, депонијата „Дрисла“ требало на печката во која до пред некоја година се гореше медицинскиот отпад, да постави систем за континуиран мониторинг на работата. Како што велат од Инспекторатот, станува збор за опрема и систем кои чинат околу 150.000 евра и со неа ќе се следи што се гори во печката 24 часа на ден. Но, раководството на „Дрисла“ им рекло на инспекторите дека не поставиле ваков систем оти немале пари да го купат.

    „При направената инспекциска контрола е констатирано дека на депонијата нема имплементирано систем за континуиран мониторинг односно не постапила според издадената лиценца. Затоа изрековме забрана за работа на печката се` додека не се постапи соодветно“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот на Државниот инспекторат за животна средина Сретен Костовски.

    Тој додава дека нема проблем со согорувањето на медицинскиот отпад, бидејќи тој се третира во новиот стерилизатор кој беше пуштен во употреба лани во февруари. Оттогаш медицинскиот отпад веќе не се гори во старата печка, туку во неа се третираат само лековите и реагенсите со поминат рок.

    ЈП „Дрисла“, бидејќи нема пари, доставило барање до Министерството за животна средина да му се издаде друга лиценца во која нема да се бара мониторинг на печката 24 часа на ден, туку само кога се гори отпадот. Тоа значи дека може да ангажира фирма која еднаш или два пати во денот ќе ги врши потребни мерања. На ваквото барање на „Дрисла“ уште не е одговорено од Министерството.

    Директорот на „Дрисла“ Александар Кузинаков не одговараше на нашите телефонски повици ниту смс пораки со прашање зошто не е поставен систем за континуиран мониторинг на печката.

    Поставивме прашање и до кабинетот и пиар тимот на градоначалничката Данела Арсовска, што ќе преземат зашто фармацевтските компании не можат да го согоруваат отпадот оти печката на „Дрисла“ е со забрана за работа? Ниту оттаму не добивме одговор.

    ЈП „Дрисла“ е под надлежност на Град Скопје. Во времето на ексградоначалникот Коце Трајановски беше дадено под концесија на италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“. По низа скандали кои излегоа во јавноста околу работата на оваа фирма, во времето на ексградоначалникот Петре Шилегов „Дрисла“ беше вратена под надлежност на Градот.

    А. АНТЕВСКА

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира