Денес на пладне, при вливот на реката Тополка во Вардар е регистриран помор на риби, а водата е заматена. Место бистра река, водата во неа е бела, а по нејзиниот тек се гледаат риби како пловат на грб. Велешките риболовци алармирале до здружението на спортски риболовци ,,Бабуна“ за поморот , кое пак настанот го пријавило во велешката полиција.
Од таму велат дека нивните екипи, заедно со надлежниот државен инспектор се не терен и засега не може да дадат информации. Очевидци раскажуваат што се случувало околу пладне во долниот тек на реката Тополка.
„Наеднаш реката побеле, доби неприродна боја. Имаше умрени риби, белевица беше од толку што имаше изумрено примероци. Реката ги носеше. Многу лоша слика. Реката е побелена се до Превалец“, вели Никола Димов, кој тука има времено живеалиште.
Се жали дека и шатките кои до неодамна тука живееле, веќе ги нема. Потсетува дека ист ваков помор беше регистриран и кон крајот на август, на верскиот празник Успение на Св. Богородица. Според него, умрените примероци риба се од видот еѓупка, амур, кркушка.
Колку е реката загадена најдобро зборува нејзиниот влив во реката Вардар, каде Тополка е бела, како вар.
П. ПЕЧКОВ