Животинските и растителните видови и пештерите во Националниот парк Галичица се природни богатства од непроценлива вредност и нужно е тие да се заштитат од негативните ефекти на климатските промени, но потребни се редовен мониторинг и долги години за да се види нивното влијание. Научните истражувања кои се спроведуваат во рамките на проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк Галичица од негативните ефекти на климатските промени“ претставуваат први, но одлучни чекори кон збогатувањето на знаењето за влијанието на климатските промени врз тамошните биолошка разновидност и пештерски екосистеми.
Билјана Гичевски од истражувачкото друштво „Урсус спелеос“ вели дека воспоставувањето мониторинг систем ќе помогне да се разберат климатските промени и нивното влијание врз животинските и растителните видови.
„Ова што се спроведува сега, но и она што би се правело наредниве две-три години не може да утврди ефекти на климатските промени. Хрватска и Словенија, кои имаат ставено инструменти во пештерите пред стотина години, можат да зборуваат за некаква појава. Нашата тенденција беше да воспоставиме еден систем во државава, да развиеме свесност дека мора да имаме редовен мониторинг за да видиме што се случува во пештерите и какво е влијанието на надворешната средина врз пештерскиот екосистем. Досега во Македонија не е ништо направено за да видиме како климатските промени влијаат врз лилјаците, на пример. Ова е обид да ја убедиме државата дека треба да правиме редовен мониторинг“, вели Гичевски.
Во првата година од имплементацијата на проектот се спроведуваа научно-истражувачки активности во пештерите во НП Галичица. Во овие активности се вклучени експерти од повеќе научни дисциплини кои вршат спелеолошки, биоспелеолошки и микроклиматски испитувања. Покрај тоа, се спроведува инвенторизација на спелеолошки објекти во националниот парк. Врз основа на резултатите од научно-истражувачките активности ќе се изработат студии за пештерите Самотска Дупка и Лескоечка, како и база на податоци за евидентираните пештери во НП Галичица.
„Во истражуваните пештери евидентирани се 14 видови троглобити, организми кои се среќаваат само во пештери, дваесет видови троглофили, организми кои ги преферираат пештерите, но можат да се сретнат и надвор од нив, десет видови троглоксени, организми кои понекогаш влегуваат во пештерите и тие им служат како прибежиште од надворешната средина и еден вид случаен троглоксен. Сите видови лилјаци кои се среќаваат во пештерите се наоѓаат на Црвената листа на Меѓународната унија за конзервација на природата, а четири од нив се заштитени со Законот за природа на Република Северна Македонија. Исто така, експертите евидентираа 39 спелеолошки објекти, од кои 14 за првпат“, вели координаторката на проектот, Катерина Наумоска од Црвен крст Охрид.
Во рамките на научно-истражувачките проектни активности опремена е биолошка лабораторија во просториите на Јавната установа НП Галичица. Оваа лабораторија беше пуштена во употреба во април и оттогаш се користи во научни и едукативни активности. Дополнително, се постави заштитна врата на влезот од Лескоечка Пештера, која овозможува заштита на пештерските канали и лилјаците и другата пештерска фауна.
Имплементацијата на проектот, што го спроведува Црвен крст Охрид во партнерство со „Урсус спелеос“ од Скопје, а со поддршка од Prespa Ohrid Nature Trust, започна минатата година и ќе трае до 2025.
С. ВРЕНЦОВСКА