АЛИЈАНСА КИРОСЛАВИЈА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:146:"СенаближуваатстотеденанамакедонскатаВлада.Сеплашамданепобарауштесто

    1. Ситуацијата ни е дефинитивно за никаде, дури и оние кои живеат од коцка почнаа да им испраќаат пораки за разум на шестмината суверени. Учесниците на традиционалната средба на работниците од лотариските организации од Југо­славија, кои деновиве се дружат во Нови Сад, го имаат тоа задоволство да им гостува членот на Претседателството на Југославија од Војводина Југослав Костиќ, кој на претседателите на републиките им порача конечно во Сараево да се договорат “по мерка и желба на граѓаните на оваа земја, а не така како што сакаат одделни републички раководства”.
    Бидејќи Југослав Костиќ, како втор, трет или четврт глас на Србија, многу добро знае што е “по мерка и желба на граѓаните на земјата”, не е воопшто чуд­но што слична порака не им упати и на колегите кои заедно со него седат во фантом­ското Претседателство на Југославија. Сосема друга работа е што на оваа средба едноставно заскитал. Отворање на “Лотаријада” сепак е вистинско место за вистинскиот човек во Претседателството – Сејдо Бајрамовиќ. Како иску­сен шеф на томбола, координаторот Сејдо конечно ќе имаше можност да ѝ покаже на југословенската јавност и што знае и умее.
    Под раководство на така спретен томболџија и шестмината суверени ќе можат да продолжат да се коцкаат. Со судбината на граѓаните.

    2. Ако соопштението од Сараево не е најобично наивно блефирање, кое во коцката обично донесува загуби, тогаш на нас новинарите црно ни се пишува. Доаѓаат тешки денови, бидејќи нема да имаме со кого да ги пополнуваме весниците и термините во телевизиската и радио-програмата, резервирани за забава и развеселување на народот.
    Со оглед на искуството од претходните пет самити, може да се каже дека сме имале среќа што на новинарите во Сараево не им беше дадена можност да поставуваат прашања. Да имаше прес-конференција, тие со своите прашања само ќе ги испокараа меѓу себе претседателите и сé ќе паднеше во вода.
    Во 1943 година на 6 јуни започна истоварувањето на западните сојузници на плажите во Нормандија. Она што беше “Ди деј” во Втората светска војна пред речиси пет децении, на истиот тој шести ден во шестиот месец, кога се одржа шестиот самит на шестмината претседатели, оваа година можеби претставува потклекнување пред “истоварувањето” на истиот тој Запад, кој сé повеќе го стега обрачот на економската и политичката блокада, дигајќи бариери за одбрана од југословенското беснило.
    Искрено кажано, формулацијата “конструктивна основа за продолжување на разговорите за уредување на односите меѓу југословенските републики”, сé уште ми личи на конструктивна основа за продолжување на агонијата. Она за што сега се вели дека е “чекор напред” е само прифаќање на разговор за нешто што претседателот на Македонија Киро Глигоров упорно се обидуваше да го стави на дневен ред уште на самиот почеток на преговорите. Од тогаш мина многу време, а резултатите се видливи. Која е гаранцијата дека уште утре Туѓман и Милошевиќ нема да си ги продолжат своите тренинзи на воена вештина и трпение на граѓаните?

    3. За добрата волја на Киро Глигоров народот веќе ѝ измисли име на пре­уредената заедница – КИРОСЛАВИЈА. Меѓутоа, почитувајќи ја неговата скромност и во чест на вториот предлагач на заедничкиот компромис, пре­тседателот на Босна и Херцеговина Алија Изетбеговиќ, а на иста линија со зборот “сојуз”, Југославија би можеле да се вика – АЛИЈАНСА КИРОСЛА­ВИЈА. Во секој случај звучи многу поевропски отколку само КИРОСЛАВИЈА.

    4. Најсуверената република Словенија забрзано се подготвува за осамостоју­вање. На 26 јуни ќе ја напушти Југославија и затоа во изминатите денови донесе повеќе самостојни закони. Тие ќе ѝ обезбедат нормативна самостојност.
    Донесен е закон за пасоши, отпечатени се нови словенечки патни исправи, но словенечките граѓани и по 26 јуни ќе патуваат во странство со југословенски пасоши. Усвоен е и Закон за обезбедување на државната граница, ама ЈНА ќе остане таму “уште некоја година”. Отпечатени се нови словенечки пари, ама и по 26 јуни платниот промет ќе продолжи да се одвива со југословенскиот динар…
    Дали некој праша зошто се носат закони кои нема да стапат во сила?

    5. Најдобриот комичар не би можел да замисли посмешно сценарио: Бугарски функционер слетува со бугарски авион, изнајмен од македонска авиокомпанија и накитен со македонски национални симболи, среде грчки аеродром. Недостига уште податокот авионот да го возел српски пилот, за да биде вистинска урнебесна балканска комедија.
    По нервозното реагирање на грчките власти на слетувањето на авионот на “Палер Македонија” на атинскиот аеродром, пребоен со “светите знаци од Верги­на кои се цврст доказ за грчкиот карактер на Македонија”, добро нека размислат производителите на автомобилите “Пежо” пред да ги пласираат на пазарот на Грција. Французите ќе мораат да го вадат заштитното “лавче” од автомобилите, би­дејќи според остроумното и историско толкување ќе излезе и дека светиот знак од Вергина е цврст доказ за грчкиот карактер на Франција.

    6. За инает на Грците ѝ предлагам на македонската влада да донесе одлука сите службени возила да бидат “Пежо”. Само ќе ја замолам по два дена да не се предомислува. Зашто има таков обичај. Прво го укина надоместокот за превоз и хранарина, па повторно го воведе. Ги зголеми цените на бензинот, па по два дена ги намали. Им даде пари на партиите за еден месец, па ја смени одлуката да важи шест месеци.
    Стоте дена се наближуваат. Како што почнале со тактиката “Пу, не играм!”, се плашам да не ни побараат уште сто.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари