1 Пред Нова година го гледав директорот на Кардиологија, инаку познат и почитуван специјалист, како ни објаснуваше зошто странците не чекаат за снимање на единствениот исправен апарат на неговата клиника. Тие плаќале за услугата, па со нивните пари Клиниката ќе купела нов апарат и за домашните граѓани. Тоа ти е проста репродукција на македонското здравје. Плаќаш за апарат кој ќе го користат други, па кога ќе платат за твојот апарат, ќе добиеш нов. Болните од срце, ако не умрат во меѓувреме, ќе добијат дијагноза некаде кон крајот на пролетта, кога ќе им дојде редот за снимање.
Една 19 годишна девојка од скопското село Побожје отишла да слави Нова година на плоштад. Не била на список за снимање, со себе не ги носела сините картончиња, немала ни упат, ама немала ни среќа. Од толку “типични” истрели со огнено оружје, неа и била судбината да добие “нетипична рана во градниот кош”. Судбината била сурова, оти другарите ја однеле во болница. Во болницата лекарите констатирале “лесна повреда”. А и лабораториските наоди покажале дека нема куршум во телото. По два дена девојката умре.
Никој нема да биде виновен за смртта на девојката. Од понеделник пак ќе пишуваме за реформите во здравството, за тендерите, за набавките во четири очи, за фармацевтската мафија, за малите плати на лекарите, за разликата меѓу митото и спонзорствата, за расипаните апарати, недостигот на медицински материјал… Девојката едноставно имала судбина да биде третирана од македонското здравство. Како и сите ние. Дали 19 годишната девојка што умре од “лесна повреда” на Клиничкиот центар во Скопје ќе преживееше ако беше од Косово? Странците, особено оние од Косово плаќаат, па ги добиваат сите неопходни прегледи. За нив работат сите апарати. За нас обичните сопственици на сини картончиња апаратите не работат. Оти ние не плаќаме кеш. Нам ни одбиваат од плата.
И ние сега тоа треба да го прифатиме како судбина!?
2 Тео Вајгел уште се мисли дали да биде советник на Владата на Бучко. Тој уште не е свесен што може да го снајде кога ќе седне на иста маса со Никола Поповски. Уште кога овој нашиот ќе почне да му раскажува концизно во два часа и 14 минути за реформите на македонската економија, Тео ќе си го фати првиот авион за Германија со дијагноза дека ни нема спас.
Всушност, нам и не ни е толку лошо како што пишуваат медиумите. Завчера Никола Поповски имаше некое ТВ интервју и не убедуваше дека наспроти тоа што го мисли јавноста, работата оди добро. Ние и не сфаќаме колку ни е добро сега, а не пак кога ќе заврши програмата на оваа влада.
Што муабет ќе прават Тео Вајгл и Никола Поповски? Едниот бил министер за економија во три германски влади и тоа во периодот на обединувањето на Германија и воведувањето на еврото, а другиот е на функција министер за финансии само затоа што е член на партија и затоа што “бил к не”. Едниот доаѓа од школа на либерална економија, а другиот од Кумровечка школа на договорна економија. Плус едниот доаѓа од Германија да помогне, а на другиот не му треба помош оти се знае.
Реформите на Никола Поповски одат под слоганот: “Сите да сме еднакви во сиромаштијата”. Високите плати ќе се оданочат повеќе, така што сега државата нема да го добие и тоа што го добиваше. Вистинската плата ќе се крие, а другото ќе се дели како награда. Тие што возат големи коли ќе платат повеќе за платите на државните службеници, или ќе се вратат на “југо”. Оти со реформите за еднаква сиромаштија дури и “шкодата” на Рада Шеќеринска ќе се смета за луксуз.
Баш му е гајле на Никола во што ќе се возиме ние. Тој ќе си се вози во државна кола.
3 Никола Поповски и Петар Гошев се добар тандем за реформите. Тие се за штедење. Гувернерот на Народната банка во декември ги собра вишокот денари во оптек за да не се трошело премногу. Оти трошењето ќе предизвикало инфлација. А инфлацијата ќе ја уништи економијата.
А кога да се троши ако не пред празници и за време на одмор? Во цела западна Европа постои институцијата “тринаесетта плата”. Пред Божик и Нова година се купуваат подароци, се оди по вечери и забавит, се патува… Трошат како луди. Гледам инфлацијата им ги сотре економиите.
За да се спасат од пропаста на сопствените економии, луѓето бегаат од дома. Со тринаесеттата плата уплаќаат аранжмани за егзотични места. Илјадници западноевропејци исчезнаа од јужноазиските цунами. Таму биле како туристи.
Затоа ние си седиме дома. Нема опасност да загинеме од цунами на некоја егзотична плажа. Ние си штедиме пари. Умираме од лесна повреда во болница.
4 Градоначалникот Ристо Пенов направи светска забава на плоштадот. Само го заборави светскиот настан. Не му текна да постапи како неговите колеги од светските метрополи да им оддаде почит на загинатите од земјотресот во јужна Азија.
Ете и тоа е наша судбина. Имаме политичари кои мислат дека ќе го фатат чекорот со светот само ако го почитуваат Рамковниот.