БАБА РОГА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:103:"КакоможепретседателотнаЈугославијаданебидеСрбин?

    1. И на Боро конечно му дојде неговиот “свршен чин”. На општа жалост и паника што ги зафати редовите на младите мајки. Токму го научија рецептот за успивање на палавите деца, не давајќи им до доцна навечер да зјапаат во теле­визорот, заканувајќи им се: “Брзо во кревет, сега ќе се појави чичко Боро”, кога и нему му истече мандатот.
    Сега ќе мораат повторно да ѝ се вратат на старата Баба Рога. Што, со оглед на напреднатоста на децата, не верувам дека ќе ги даде очекуваните резултати. Баба Рога не знае така убаво да раскажува за крвопролевање, хаос и граѓанска војна. Освен тоа, нема никакви врски во армискиот врв. Едноставно, не може да се мери со мајстор Боро, кој малку-малку, па ќе ни приредеше некоја атрактивна изложба на најсовремено тешко оружје. Тоа, од друга страна имаше и значајно образовно значење. Бидејќи по мирниот сон мајките ќе си ги изведеа децата на проштека и патем, на некој плоштад, можеа да ги поучат: “Гледај чедо, ова се вика – тенк!”.

    2. Во последната епизода од југословенската крими-серија “Полноќен повик”, главниот јунак практично покажа како ја сфаќа демократијата. На српски начин. Во согласност со својата чест и совест, во рамките на девизата: “Сите сме рамно­правни, ама Србија е најрамноправна”, и почитувајќи ја волјата на базата која не може да дозволи на чело на Југославија да дојде некој што не е Србин, Јовиќ гласаше против Месиќ.
    Во име на Србија таму беа повикани и некои претставници на некакви ав­тономни покраини, само за да дигаат раце. Момир Булатовиќ пак беше прозван да ја прочита домашната задача. Додека не донесат одлука српското собрание да го избира и членот на Претседателството од Црна Гора. Во меѓувреме ќе се создадат услови сите членови на Претседателството, од сите републики, да ги избира Собранието на Србија. Плус од САО Краина. Него ќе го користат како џокер. На тој начин ќе го исполнат барањето на Воислав Шешељ само Србин да може да биде претседател на Југославија.

    3. Сигурно во моментот на гласањето Борисав Јовиќ ги имал на ум овие барања на четниците и Шешељ. Затоа, не само во согласност со својата чест и совест, туку и во договор со лидерот на мирољубивото четничко движење, Јовиќ беше против Месиќ. Од друга страна и Шешељ му се реваншира на Јовиќ, повторувајќи ги неговите зборови за Анте Марковиќ како најголем антисрбин на светот.
    Кога си пијан, особено од национализам, сé е можно. Па и тоа, таканаречената Социјалистичка партија да се изедначи со четниците на Шешељ. Се очекува, кога наскоро Борисав Јовиќ ќе стане претседател на СПС, во Србија да биде потпишана нова коалиција. Ќе имаат убаво и звучно име –  националсоцијалисти!

    4. Инаку, четниците од скоро во Србија се регистрирани како политичка партија. Во Министерството за внатрешни работи ги водат како непостоечки. Со што се согласува и билтенот на Слобо “Политика експрес” велејќи дека четниците некому му се привидуваат. Шетаат како духови. А министерот во доживотна оставка, Радмило Богдановиќ, вели дека тие духови не прават беља низ Србија, туку низ Хрватска, па таму треба да ги уапсат. Тој е задолжен да ги лови тие што се против Слобо, како што успешно си ја заврши работата на 9 март.
    Од преголема љубов кон великиот вожд и секирации како да го заштити од обожавателите, тој не ни знае каде се наоѓа Собранието на Југославија. Пред чии порти Шешељ порачуваше “Око за око, заб за заб”. Што е оценето како длабока хумана порака за братска размена на човечки органи меѓу нациите. А тоа што извикуваа “Ќе го убиеме Месиќ!” и “Ќе го убиеме Марковиќ!” се длабоки па­триотски пораки, интерпретирани како желба за ослободување на српството од најголемите непријатели. И како израз на верност кон Борисав Јовиќ, кој не сака да ги гледа во својата близина закоравените “усташи”.
    Конечно, зошто има потреба да се реагира на такви настапи пред сојузните органи? Кога и онака цела Југославија е приватна сопственост на Милошевиќ.

    5. Европа засега не покажува интерес да се меша во приватните работи на Југославија. Може евентуално, по концертот за Курдите, на лондонски “Вем­бли” да се организира уште еден добротворен концерт. Посветен на жртвите на Јовиќ и анонимните дигачи на раце. А Италија и Грција, наместо летувања на своите крајбрежја, на нашите туристи можат да им организираат бегалски кампови.
    За воена интервенција Европа уште не размислува. Освен, како што мисли Васил Тупурковски, ако оцени дека југословенските настани драматично ѝ ја загрозуваат безбедноста. Барем додека Воислав Шешељ не ѝ ги донесе своите четници пред Европскиот парламент во Стразбур. Или пред седиштето на ЕЕЗ во Брисел. Па да почне да им се заканува на сите европски влади што го под­држуваат Анте Марковиќ.

    6. Во Скопје се врати парламентарната делегација на македонското собрание, која во Сплит ги испитуваше околностите под кои загина Сашко Гешовски, а беа ранети двајца македонски војници. Според изјавата на пратеникот Љупчо По­повски, таму тече мед и млеко. Секој родител би бил будала ако не си го испрати синот во војска во Сплит.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари