БЕРЛИН-САРАЕВО

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:190:"ЗоштотелохранителитенаПретседателотбеавоподобраположбанапремиератанафилмот"Македонскасага"

    1. Повторно не нé примија во КЕБС. Ама, ни Грција не ја примија во Западно­европската унија. Не оти ние ќе се изнасекиравме нешто особено што и овојпат останавме со куси ракави поради ветото на Грција, ама некако, тоа што европските партнери го зафркаваа нашиот сосед на состанокот во Париз, ни дојде како храна за душичката. Ете, имало некој што може и нив да ги зезне.
    Арно ама, сето тоа се случува на Балканот и тоа во ова лудо време, кога и размислувањата на луѓето не се баш премногу рационални. Па, приказната за Македонија и КЕБС и Грција и ЗЕУ ти доаѓа како она: Да му цркне кравата на соседот. Претпоставувам дека во нормални услови на ниту една држава не би ѝ пречело нејзиниот сосед да биде член на КЕБС, ниту пак дел од силна воена одбранбена алијанса. И  двете работи се поврзани со безбедноста – нивна сопстве­на и на регионот.
    Така ти е тоа со соседите на Балканот. Секогаш имаш чувство дека што по­­ло­­шо е за нив – тоа подобро е за нас. А всушност… Каде ли ќе ни беше крајот ако Грција немаше националистичка влада, ако Бугарија беше богата, ако Србија не се однесува агресорски, за да не мораат да ѝ воведуваат санкции, ако Албанија навистина беше “Запад”?

    2. Наместо тоа, на југ од нашите граници ние си ја имаме “најевропската земја на Балканот”, со еден заменик-министер за надворешни работи, задолжен за европските прашања, кој се вика Тодорос Пангалос. Човекот треба да биде главен координатор од први јануари, кога Грција ќе мора да ја преземе претсе­давачката улога на Европската унија, па како подготовка реши да се испокара со највлијателните партнери од Унијата. Колку да знаат луѓето со кого ќе си имаат работа наредните шест месеци.
    Господинот Пангалос и порано ја имал истата функција во кабинетот на Папандреу. Колегата од “Нова Македонија”, што повеќе години беше дописник од Атина, се сеќава на една хистерична изјава на Пангалос, од летото 1988 година, кога нé притисна суша и кога Вардар само што не пресуши. Којзнае што си мислел човекот, што ли му правиме ние на Вардар, па рекол: “Ова што ни го прават скопјаните, не би го правел дури ни Хитлер”. Македонија тогаш сé уште беше во рамките на СФРЈ. Пангалос воопшто не ни беше важен. Изјавата му е одбиена на глупост.
    Бидејќи “Скопје” веќе е апсолвиран проблем, сега заменикот “европски” ми­нистер ги решава односите во рамките на Унијата. И започнува со кого друг, ако не со – најсилниот. Па за Германија вели дека е “гигант со ѕверска сила и со детски ум”. Ова со силата – и така и така. Мора некој да е силен, штом може да одвојува најмногу пари во Фондот за солидарност на Унијата, чиј најголем корисник е токму Грција. Ама, она за детскиот ум… Германците пак ќе му одбијат на глупост. Ќе најдат оправдување, велејќи дека очигледно човекот бил под опсесија на својот лик виден на огледало.

    3. Во Македонија конечно една недела без некој голем настан или афера. Смртна здодевност за новинарите. Би можела да нé спаси само случката со сменувањето на потсекретарот за јавна безбедност во МВР Павле Трајанов. Само, нели се работи за сосема нормална, редовна смена во Министерството! И тоа по неколку успешно изведени акции, кои без оперативците на господинот Трајанов веројатно не ќе добиеја толку добар прием кај јавноста.
    Министерот молчи. Бившиот потсекретар молчи. Партиите молчат, Владата молчи, никој не бара расправа во Собранието, никој не го стави човекот на оваа или онаа страна… Кој ли ќе ја прекине здодевноста? По функцијата што ја имаше, човекот мора да знае многу работи. Само, професионалните полицајци знаат дека треба да молчат. Ако прозборат, ќе ѝ наштетат на државата.

    4. Сиромашкиот претседател Глигоров – и тој мораше да молчи и цели два часа да не се побуни зошто мораше да се смрзнува во незагреаната сала на киното “Центар” на скопската премиера на филмот “Македонска сага”. Веројатно тоа беше придонес кон културата дојден од највисокото место во државата – да се издржи свечената премиера стуткан во капут на седиштето од 11 ред. Ако им беше целта на организаторите најпластично да му ја прикажат на претседателот состојбата со македонските кино-сали – тогаш ја постигнаа. Ама, мораа ли да ги жртвуваат и оние триста други гледачи, кои исто така не успеаја да ја прикажат свечената премиерна гардероба, криејќи се во капутите?
    На премиерата најдобро поминаа телохранителите на претседателот. Цело време стоеја меѓу десеттиот и единаесеттиот ред. За разлика од него, тие имаа шанси да потцупнуваат. И да дуваат во рацете за да си ги загреат.

    5. И најцрните прогнози од хумористичната серија на сараевската телевизија “Топ листа на надреалистите” се остварија. Сараево најверојатно ќе биде поделено. Две третини за Муслиманите, една третина за Србите.
    Светот што пред четири години се радуваше на уривањето на Берлинскиот ѕид и што најавуваше нова ера во односите меѓу Исток и Запад сега немоќно и без срам го гледа ѕидањето на Сараевскиот ѕид.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари