БЕЗБОЛ- ИГРАЛИШТЕ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:106:"СлободанМилошевиќ-кандидатза"Нобелованаграда"замир

    1. Добра ноќ, Америко, каде и да си! Превентивно! Во Панама, Гранада, Кувајт, Сомалија, Филипини, Македонија…
    Најпрвин портпаролот на Белата куќа, госпоѓата Диди Маерс, навести дека Американците планирале да испратат трупи во Македонија за да се спречи про­ширувањето на конфликтот во бивша Југославија кон југ. Уште немаше доволно време да се почне со шпекулации, па и со обиди за деманти, какво што беше она на американската амбасада во Белград, која побрза да рече дека такво нешто било “истресено од ракав”, веќе самиот претседател на САД Бил Клинтон во Чикаго ја издаде државната тајна, изјавувајќи дека американската админис­тра­ција навистина размислувала на темата “Трупи во Македонија”, па дури и ја спомена и бројката од 700 војници.
    Државниот секретар на САД Ворен Кристофер потврди дека има такви размислувања, ама дека за тоа сé уште не била донесена конечна одлука. Конечно и претседателот на Македонија Киро Глигоров по враќањето од Њујорк изјави дека од нас никој официјално не побарал дозвола за такво нешто, а и ние официјално не сме го барале тоа.
    Не се сеќавам најдобро. Дали во соопштението по посетата на сенаторите од САД, остварена неодамна, меѓу кои имаше и стручњак за воени прашања, пишу­ваше дека раководството на државата со нив водело официјални или неофи­цијални разговори? И врз основа на кои извори добро информираните новинари во добро информираните гласила уште пред неколку месеци најавуваа: “Американците доаѓаат!”?
    А и тој Бил Клинтон го сметавме за сериозен државник. Како може да си дозволи седумстотини американски граѓани да ги остави незаштитени под влија­нието на македонската стварност. Ќе ги инфицираме луѓето, па ете ти,  после остварување на онаа легендарна песна за Америка и Англија што ќе станат пролетерски земји.

    2. Пред извесно време ја следев репортажата од турнир во мал фудбал на кој учествуваше екипата на УНПРОФОР во Македонија. И многу се израдував дека нашата екипа на Министерството за одбрана ги “тепаше” гостите. Кога се знае дека меѓу унпрофорците се и Данците, а тие се европски прваци во фудбал, задоволството е уште поголемо.
    Слушам, сега екипата на Министерството за одбрана тренира безбол. Да може успешно да им парира на Американците. Само, каде ќе најде толкава површина за безбол-игралиште? Тој што нема да успее да ја врати топката со палката, ризикува да ја пропушти преку граница. Ако отиде во Грција, ете ги граничен инцидент и запирање на преговорите за градење доверба. Ако отиде во Србија, Шешељ ќе ни пушти од тие, ракетите, зашто ќе мисли дека ние ја поддржуваме интервенцијата против босанските Срби. Ако отиде во Бугарија – готово, нема враќање. Топчето за безбол ќе биде крунски историски доказ дека Бугарите го откриле безболот уште пред да ја откријат Америка. Одлета ли топчето во Албанија, ете ти уште едно вето во КЕБС поради кршење на човековите права на Албанците во Македонија, вознемирени од фијучењето на безбол-топчињата над нивните глави.
    Кутрите американски војници. Толку ли не можеа да најдат некоја помалку проблематична земја за превентивно да дејствуваат?

    3. Ако и по вчерашниот Сесрпски собор во Центарот “Сава” во Белград не­кој си има илузии дека Голема Србија, составена од сите српски земји, како што милува да каже идеологот Добрица Ќосиќ, конечно не доби и легитимитет, тогаш навистина не знам што уште треба да му текне на Милошевиќ (а сé што му текнува, за жал, и остварува), за конечно да ни стане јасно дека, додека двајцата тераат по Меморандумот на САНУ, нас ни Американците не нé спасуваат. За српската опозиција, пак, ич не вреди да се размислува, кога Вук Драшковиќ, пред два  дена, во четничкото светилиште на споменикот на Дража Михајловиќ на Рамна Гора изјавува дека “наш идеал, а ние и ќе го оствариме, е под еден покрив и Македонија и цела Босна и краините”. Само што до тој идеал немал намера да дојде со војна, омраза и етничко чистење.
    Како веројатно има на ум Милошевиќ, кој деновиве доживува невидена трансформација од сатана и господар на војната во ангел и миротворец. Колку е смешна Европа, особено во играта за запирање на војната во бивша Југославија. Нема да ме зачуди ако за некоја година на некој самит на Европската заедница, по иницијатива на Грција, го предложат за кандидат за Нобеловата награда за мир.

    4. Уште еден мудар и промислен политички потег на Владата, во напорите за усогласување со наметнатото дополнително име “бивша … итн…”, е вчераш­ното нама­лување на цената на телефонскиот импулс за Србија и Црна Гора. По невидениот грабеж на ПТТ, по очигледната одговорност на Владата за тоа (бидејќи дозволи нејзиното јавно претпријатие наместо со државни да се модер­низира со пари на граѓаните, небаре се работи за самопридонес), по смешните објаснувања за големите сметки и трагикомичните објаснувања на одговорните “поштари” дека во наш интерес е помалку да зборуваме, за да имаме солиден телефонски сообра­ќај, Владата единствено што успеа да прокнижи, како соод­ветна реакција кон безобразниот монопол, е да ја намали цената на импулсот за СРЈ од 18 на 9 денари. За Словенија и Хрватска сé уште се плаќа 30, за Албанија и Бугарија 20, за Грција 25 денари. Само оние кои комуницираат со Србија ќе бидат привилегирани.
    Пред неколку дена, во Охрид, на учесниците на министерската средба меѓу Бугарија, Македонија и Албанија, на која присуствуваа и дипломатските претс­тав­ници на Италија и Турција, им се делеше пропаганден материјал на чии корици пишува “Охрид – Југославија”.
    Железницата, како претпријатие кое не верувам дека не е под некаква Владина контрола, сé уште на вагоните го има она “ЈЖ”. А и режиските карти за попуст на територијата на Македонија, Србија и Црна Гора.
    Па, тогаш, кому треба да му се лутиме за она глупаво “БЈРМ”? На Грција!?

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари