БЛАГ СЕДАТИВ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:170:"Д-рБлажеРистевскијаспасиберзатавоЊујоркодмонетарназбркасонесогледливипоследици

    1. Појавата на потпретседателот на владата д-р Блаже Ристевски на завче­рашната прес-конференција дејствуваше како благ седатив врз “неточно алар­мираната светска заинтересирана јавност” и во последен момент го спречи наглото паѓање на доларот на њујоршкиот Вол Стрит, кој за малку ќе го предиз­викаа новинарите на македонските редакции, што неодговорно известија оти Републи­кава ќе воведе сопствена валута.
    Дополнително смирувачко дејство, насочено кон домашната јавност, имаше обраќањето на другиот потпретседател д-р Беќир Жута. Сознанието дека ние, како и досега, ќе чекаме да видиме прво што ќе направи Србија, “па врз основа на тоа и ќе реагираме”, зајакнато со конечното разоткривање на главниот винов­ник за инфлацијата и сосема изместениот монетарен систем во ликовите на неодговорни­те и непрофесионални новинари, против кои во текот на вчерашниот ден во редакциите се “правеа соодветни постапки” (по сугестија на д-р Ристевски), во јав­носта во Републиката беше примено со забележително олеснување. Наоѓајќи си утеха во неспорниот факт дека денес ни е добро, затоа што утре ќе ни биде полошо, вознемиреното, а потоа со ефикасна акција на Владата брзопотезно смиреното граѓанство се врати на своите вообичаени активности. Продолжи неуморно да ги обиколува продавниците и да ги споредува цените од пред неколку часа, застана трпеливо и спокојно во редиците пред бензинските станици, а богами без нервози ги посетува сите аптеки, затоа што знае дека лекови едноставно – нема, и затоа нема потреба за тоа да се секира.
    Конечно, општопознатиот и широко прифатен стил на работа на Владата е – сé што работи да го сработи со што е можно повеќе компликации. Следејќи го позитивниот тренд на зацртаната Владина програма “секоја недела – барем едно мајтапење”, дури и премиерот Кљусев на собраниската говорница се покажа како врвен чувар на државни тајни кога на пратениците им најави вонредна седница. А и министерот Лепавцов, од истото место, само десетина дена пред тоа на целата македонска јавност театрално ѝ соопшти: “Па, ние сме пред воведување на сопствена валута”.
    Што би рекол строгиот Блаже Ристевски: “Сите информации и коментари ги оценуваме како неодговорност, зашто редакциите треба самите да си направат оценка и да ги направат соодветните постапки”.

    2. За тоа време Владата нема да презема никакви постапки, затоа што за “чин што претставува првостепено значаен потег за секоја држава” (Б. Ристевски, повторно) се одлучува во Белград. Па сега чекаме Милошевиќ да си ја направи својата Југославија. Потоа ќе видиме како ќе реагира Владата, која сигурно “нема да седи со скрстени раце” (Б. Жута). Тоа што од понеделник можеме да се најдеме во ситуација да пазариме со странска валута, не е многу трагично. Само, досега барем се расправавме со марки.
    Ослободување и овозможување на пријатно чувство кое го дава мирисот на српскиот динар ни ветува и Воислав Шешељ. На завчерашната седница на српс­кото собрание тој предложи во Македонија “веднаш да се испратат две дивизии и да го растераат бугарското раководство”.
    Во исто време Милошевиќ ги убедуваше Карингтон и Пињеиро дека Србија нема територијални претензии ни кон една република.
    Во исто време српскиот министер за надворешни работи Владислав Јовановиќ го убедуваше својот германски колега Геншер дека “Србија не е агресор”.
    Во исто време ниту еден од присутните министри во српската влада, кои го слушнаа овој повик за агресија, не реагираше.
    Карингтон си одлета, а Милошевиќ остана во Белград да си ја прави Југосла­вија. Бидејќи пред извесно време изјави дека од сите “опозициони” лидери нај­симпатичен му е војводата Шешељ, најмногу ми е страв да не го наименува ток­му него за министер за одбрана на новата Југославија.

    3. Без разлика што Србија прави нова Југославија, многу глупаво ќе биде ние да правиме нова Македонија. Ќе излезе дека ги копираме. А и не е фер за нашиот весник, да се даваат несериозни предлози, државата да ни се вика “Нова Маке­донија”. Зошто да не биде “Вечер”? Остави што и националностите пак ќе се бунат дека се обесправени и загрозени. Зошто, на пример, да не се викаме “Флака”? Или, во знак на благодарност кон Турција – “Бирлик”?

    4. На дежурните составувачи на соопштенија од ВМРО-ДПМНЕ им требаа неколку дена да напишат неколку реда осуда за тепањето на Македонците кај Роженскиот манастир. Злоупотребата на манифестацијата покрај гробот на Јане Сандански од страна на врховистичката ВМРО-СМД не ја споменаа.
    Завчера во весникот се појави ваква вест: “На иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ од Битола, вчера во Медицинскиот центар “Д-р Трипун Пановски” пристигна пратка од 18 тони лекови како помош од ВМРО-СМД од Бугарија”.
    Ништо не коментирам. Кој ќе помисли нешто лошо – срам да му е! И нека си ја “ишка” мувата од капата.

    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари