БЛАГА НАДЕЖ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:48:"РуфиОсманиработизаСДСМ

    1. Одамна не сме го виделе премиерот Бранко Црвенковски толку насмеан и расположен, каков што беше по завчерашната средба со сите регистрирани политички партии во земјата. Конечно ја пронајде формулата според која ќе го прави изборниот модел: како ќе кажат повеќето.
    Во други услови, сите оние гости што ги собра во тркалезната сала би ги сметал за ситна боранија. Не верувам дека и денеска се сеќава на имињата на тие со коишто разговараше. Ама, сега му се потребни. Што повеќе партии, тоа подобро. Затоа што на крајот на разговорите ќе направи “сублимат како предлог зад кој би застанале повеќето политички партии”. А не – повеќето избирачи. Така што гласот на едно Демократско движење на Египќаните, на пример вреди исто колку и гласот на ВМРО-ДПМНЕ. Да не зборуваме за ВМРО – на Владимир Голубовски и ВМРО – на Димитар Црномаров. А гласот на Македонската христијанска партија е еднаков со гласот на либералните демократи. Бранко им го направи ќеифот на лидерите на партиите кои во сите досегашни избори добија по три и пол гласа, сосе гласовите на нивните семејства. Луѓето се почувствуваа важни. Еј, колку е важна на пример Македонската обединета партија. Сега дури и премиерот знае дека таква партија постои. Што е од исклучително значење. Затоа што на премиерот не му е гајле колкаво гласачко тело стои зад тие партии, туку колку партии стојат зад него.
    Сепак, мислам дека од средбата најзадоволен излезе претставникот на Комунистичката партија. Бранко се врати на изворните комунистички принципи. Нема големи и мали, нема значајни и безначајни. Сите сме еднакви.

    2. Претседателот Киро Глигоров и целата делегација што со себе ја водеше во Кина разговарале за соработка во текстилната индустрија. Виделе Кинезите дека дури и шефот на државата има само еден костум и за пат и за работа и за свечености, па решиле да ни помогнат. Добро е во САД претседателот Глигоров да договори  соработка во авио бизнисот. Па кога ќе се врати да оди во “Авиоимпекс” и да им каже  дека патниците пред да влезат во авион треба да го чекираат багажот. Што се однесува до обуката на луѓето од Кабинетот и Протоколот, за нив нема спас. Глигоров сигурно по она што му го приредија во Пекинг размислувал веднаш да ги спакува и да ги врати дома, ама потоа се сожалил. Кај може да ги пушти сами по аеродромите без него? Какви се, ќе се изгубат. Па после ќе остане и без костум и без луѓе.
    Сега велат дека и кога откриле дека ги нема куферите некој можел да се сети на претседателот набрзина да му купи свечен костум. Меѓутоа, се исплашиле дека нема да најдат број за Глигоров. Кинезите се ниски луѓе. Па можеше да се случи шефот на државата на Тиенанмен да се појави во куси пантолани. Дури тоа би било скандал. Цел свет ќе видеше дека дипломатијата ни е уште во куси пантолани. Плус, не гледам ништо лошо што претседателот се појави во сив костум.  Ни црно, ни бело. Таква ни е политиката.
    Во истрагата што деновиве сами ја спроведовме да најдеме како се изгубиле куферите на Глигоров, дојдовме до едно писмо на “Австрија ерлајнс” во кое тие се жалат на “Авиоимпекс” дека нивните службеници на виенскиот аеродром не презеле ништо, дури не ги ни информирале за некаков багаж на висока државна делегација од Македонија. Смешни луѓе се тие Австријците. Мислат дека наши луѓе се грижат за нашите патници.  За “Авиоимпекс” во Виена се грижи некој од агенцијата “Приштина рајзен”. За куферите на Глигоров  не одговара македонскиот превозник, не одговара обезбедувањето на македонската компанија, не одговара ни македонскиот протокол, ниту пак обезбедувањето на македонската држава. За личните работи на претседателот на Република Македонија се грижи “Приштина рајзен”! Бинго!
    Потрагата по виновникот продолжува. Според наши сознанија, за изгубените куфери виновна е дописничката на “Нова Македонија”. Колку би биле среќни луѓето на претседателот со нив да немаше и новинари. Во соопштенијата што ќе ни ги испраќаа немаше да кажат за српскиот преведувач, а  куферите ќе ги скриеја за да се чудиме што му станало на Глигоров да оди на церемонија во ист костум во којшто спиел во авионот. Нема новинари – нема гафови.
    Сега  горе – долу знаеме кој е виновен за губењето на багажот на Глигоров. Останува уште да откриеме кој му ги пакува куферите.

    3. Министерот за надворешни работи Благој Ханџиски решил сериозно да да го реши спорот со Бугарите. Во Португалија го зезна германскиот министер Кинкел, кој му ја “лапна” бугарската министерка Надежда Михајлова од пред очи и со авион ја однесе за Бон. Ама, во Солун, кога í ја стисна Ханџиски раката на Надежда, па не í ја пушта пет минути, па ја мерка, па се смешка, веднаш се виде дека ќе ја биде работата. Благој и Надежда. Блага надеж. Или, што би рекле на “нашиот јазик” – “благонадежно” ќе најдат заеднички јазик да го решат спорот. Само однекаде да не се појави Кинкел. Ќе ги расипе односите меѓу Македонија и Бугарија.

    4. Веќе цел месец се занимаваме со албанското знаме. Уставниот суд носи одлуки, медиумите бараат интервенција, министерот за правда дава изјави, Владата предлага закон за знамињата, интелектуалците даваат мислења за законот.. .
    Дали некој се сеќава на ТАТ, на Соња, на ограбените штедачи, на Бранковата битка со октоподот, на министерот во тренерки, на јавните набавки, уметничките слики.. .Да не работи случајно Руфи Османи за СДСМ?

    5. Тешко на Бранко. Од потпретседателите му остана уште Златка Поповска. Ама и за неа не се знае дали од Кина ќе се врати со куферите, па дали ќе може да дојде на работа. Другите двајца потпретседатели му се трујат. Насер Зибери јадел мајонез па заврши во болница. Димитар Бузлевски јадел печурки па заврши со сообраќајка. Диареја во врвовите на власта.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари