ЧЕСТИТО ИМЕ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:94:"СајрусВенсиМетјуНимицвочестнасв.КирилвоРим

    1. Нема никакви преговори со Грција. Какви мали пакети, средни пакети, големи пакети… Па и ова што јавуваат грчките медиуми се чисти шпекулации. Демек, нешто се договориле Глигоров, Венс и Нимиц во Рим.
    Еве во што е суштината на проблемот. Претседателот беше во Рим како шеф на државната делегација во рамките на манифестацијата “Македонија во чест на свети  Кирил”. Кога се врати во Скопје, рече дека Венс и Нимиц слушнале дека тој е во Рим и побарале да се видат. Луѓето му направиле чест. Сакале да му чести­та­ат именден. Тоа што именденот му се погоди токму во Рим, била олес­нител­на околност за посредниците. Њујорк – Рим, карши капиџик. Вреди да се израдува човекот со таква неочекувана посета.
    Славеникот, веруваме, се покажал во најдобро светло. Претпоставуваме дека ги примил во апартманот со сонцата што ги видовме на телевизија, по таваните од хотелските соби на римскиот хотел “Гранд”. Колку за да направи топла атмо­сфе­ра на приемот. Сигурно заедно и вечерале. Детали од менито и разговорите што се воделе не објавуваат.
    Сепак, дознавме дека позицијата на Македонија во однос на спорот со Грција, ако воопшто и станало збор за една таква маргинална работа, останала непроме­нета. Велат дека дури претседателот Глигоров од оваа средба излегол со уште позајакната позиција. Особено за името. Нели, според традицијата, кога на некого му се оди на именден, како честитка му се вели: “Ај нека е вечно името!” И сега Глигоров ќе ги држи посредниците за збор. “За името не преговараме!”

    2. За време на именденската прослава се размениле и неколку куртоазни реченици за времето. Ама тоа не се кажува така во јавноста. За да звучи поофи­цијално, министерот портпарол на Владата, Ѓунер Исмаил, за римската средба рече дека се разговарало како да се создаде атмосфера за преговарање. На при­мер, да не биде ни студено ни топло. Да нема облаци што ќе фрлаат сенка на прего­во­рите. Ама, клучно е како да се избегне сонцето. Штом ќе се појави тоа, веднаш ќе мора да се порача дожд. За разладување.
    Во рамките на создавањето атмосфера за преговори беше и одговорот на пратеничкото прашање на грчкиот министер за надворешни работи Каролос Папуљас дека Македонија во касарната на Криволак и во Куманово произведува хероин.
    Ете ти решение за освежување. На преговори се оди во добро расположение. Еуфорично. Ќе си речат преговарачките страни, заедно со посредниците: “Дај по еден фикс од тој криволачкиот”! Па после ќе бидат “хај” и “кул”. Само, не чини ако некој од учесниците има лош “трип”. Зашто, ако имаат лош “трип”, отидоа преговорите во ќор-сокак.

    3. Не ми е јасно зошто, наместо приказната со хероинот, не измислија дека Македонија произведува атомска бомба? И  дека на Криволак правиме подземни нуклеарни проби. Звучи поверојатно. На таа приказна можеме дури и да им пове­руваме.

    4. До правосилноста на пресудата самонаречениот ректор Фадил Сулејмани ќе се брани од слобода. Пуштен е од притвор со кауција. Општинскиот суд во Тетово му одреди кауција од 200 илјади марки. Сулејмани нудеше 50 илјади марки. Окружниот суд во Скопје пресече на 100 илјади марки.
    Ова не би било Балкан, ако во сите сфери на животот не влијае пазарџискиот дух. Па луѓе сме, ќе се договориме.

    5. Големите империјални сили Велика Британија и Франција понижувачки пропаѓаат врзани со лисици за некоја бука во босанските шуми. Како ли ќе им раскажуваат на своите ученици за славното минато, кога владееле со цел свет, покорувале цели континенти, триумфално победувале во војните, во исто време кога снимките на телевизијата ги потсетуваат дека сега со нив владее некојси балкански психијатар.
    Радован Караџиќ веќе и не крие дека е терорист. По одмаздничките бомбар­ди­рања на цивилите во Босна, сега на ред се и странците. Ги киднапира, ги врзува, ги слика на телевизија, ги пушта да го преколнуваат НАТО да не ги бомбардира српските воени позиции… Којзнае дали и ова ќе им биде доволно да ги освести. Зашто на ТВ екраните низ европските домови повеќе не се актуелни сликите на таму некоиси Балканци што се тепаат меѓу себе. Во европските семејства некој секоја вечер на телевизија може да си го види  во крајно понижувачка позиција синот, сопругот, момчето, пријателот, соседот… Знаат ли тие дека Радован Кара­џиќ им е дома? Или ќе почекаат да ги удостои со некоја бомба и во нивните “неза­разени” градови?
    Патем, САД можат и понатаму да гледаат сеир како обединета Европа си прави конференции, групно се слика, си именува секакви пратеници, формира мониторинг мисии… Само, нели тие се декларираат како борци број 1 против меѓународнот тероризам. Во однос на терористичките методи на Караџиќ, Садам Хусеин и Моамер ел Гадафи можат вода да му носат.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари