ЧУДО 103

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:106:"ЗоштоМиланКучаниЈанезДрновшекнедопатуваавоСкопје?

    1. Првопласираните двајца од тројцата кандидати од изборната единица 103 во скопската населба Кисела Вода што влегуваат во вториот круг имаат некаква врска со спортот. Зоре Темелковски-Меги бил кошаркар, а татко му на Зоран Синдилиев бил фудбалер. Тоа самото по себе зборува дека луѓето се разбираат од спортска фер борба. Освен ако тоа што Меги на времето му го скршил носот на Киќановиќ не му се припише како грев на младоста.
    Така и предизборната кампања во скопската населба се претвори во интерес­на спортска борба. Повеќебој. Мавање со шипки. Бркање со автомобили. Трчање по лепење плакати. Главно мирољубиви средства, во согласност со темпераментот на нашиот народ.
    Кисела Вода е далеку од Мексико. Таму го убија најсериозниот претседател­ски кандидат. Актуелниот претседател веднаш прогласи ден на жалост. Гледајќи ја вжештеноста на нашите партиски навивачи само за едно пратеничко место, кое има неколку месечен рок на траење, можам само да си замислам какви дисциплини ќе бидат измислени кога наесен ќе се избира цел парламент, и тоа за четири години. Нема белким половина година да ни помине во ден на жалост.

    2. За да преживееме до избори, повторно нé посети Сорос. И ни донесе четири милиони долари. Арно ама, давајќи ни го подарокот, на прес-конференцијата не пропушти пред претседателот Глигоров да ни ја искритикува дипломатијата и да нé искара дека не знаеме да водиме пропаганда кон светот.
    Глигоров не губеше време и веднаш седна, додека не му имаше поминато лутината, му напиша писмо на Жак Делор. Нашиот претседател бил изненаден што Европската унија не преземала ништо против Грција. Ни давала само вер­бална поддршка.
    Белким не заборави Глигоров колку мастило и хартија испотроши во изми­натите две години пишувајќи ѝ на истата таа Европа која постојано вербално нé тешеше, а ѝ одеше по ќеифот на Грција. Како што ми се чини, и сега ќе треба раката да го здоболи од пишување пред да собере сили, па како што му се заканува на Делор, да ја стави Грција пред Советот за безбедност во ОН.
    Денес и утре има министерски совет на ЕУ во грчкиот град Јанина. Грција како претседавач ќе го поставела сопственото ембарго пред министрите за надвореш­ни работи на земјите-членки на Унијата. Кои сите, куртоазно, ги сфа­ќаат политич­ките мотиви на Грција за ембаргото, ама не го сметаат за правно вте­­ме­лено.
    Исто беше и со Бадинтеровиот извештај. Правно немаа пречки да нé приз­наат, ама ја почитуваа политичката сила на Грција. Што е во рамките на основната ориентација на Унијата, втемелена на принципите на правото.
    Има една влашка песна – љубовна, ама многу тажна. Велат, најтажна влашка песна. Нешто се сакале двајца млади, па момчето отишло во Јанина, па девојката му пее, “Јанина, село на арамии, ми го убија моето либе”. Не се сеќавам дали пред две години имаше некоја песна за Лисабон? Не сакам да бидам пророк, ама се плашам кога за нас се одлучува во јужни краишта. Зовриваат главите на студените Европејци. Па се прилагодуваат на мислењето на јужните таканаречени Европејци. Сепак подобро ни оди на север. Можеби во Њујорк.

    3. Во Скопје првокласен државен настан беше фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Словенија. Натпреварот беше толку важен, што претходниот ден кога ги испробуваа рефлекторите на Градскиот стадион, цело Скопје, без предградијата, остана без струја. Другиот ден на трибините дојдоа и претседателот Глигоров и премиерот Црвенковски, во придружба на нашиот амбасадор во Љубљана и нивниот амбасадор во Скопје. Недостасуваа уште Милан Кучан и Јанез Дрновшек. Не знаеле која компанија тој ден имала дозвола да слета на скопскиот аеродром.
    Инаку, поради доцнење на авионот, и селекторот на Данска – фудбалски европски првак, не пристигна на време да ги види двата гола. Имаше среќа што натпреварот не беше закажан претходниот ден кога Владата си играше ШАХ-МАТ со компаниите. Вака успеа да види дел од натпреварот и се стресе кога виде каква фудбалска велесила ја очекува неговата репрезентација кога во септември ќе допатува во Скопје.
    За да ја зезне Владата, “Палер” наскоро воведува редовна линија за Копен­хаген. Не би имало логика Бранко во исто време да седи на трибините и да чека натпреварот да започне, а Данците не можат да слетаат. Како што му се случи на министерот Владо Поповски, кој ја чекаше воената делегација од Истанбул. И како што немаше никаква логика нашето Министерство за надворешни работи да им дава конзуларна заштита на заробените патници на аеродромите во Амстер­дам и Франкфурт. Од кого ги штитеше? Од одлуката на сопствената држава!?

    4. Заштита му треба и на првиот полицаец Љубомир Фрчковски. Се жалеше на телевизија дека е опкружен со аматери. Па не знае како да се пресмета со нив кога тие јавно обелоденуваат дека има корумпираност во власта. А власта не знае што попрво да направи со парите што деновиве пристигнуваат од сите страни.
    Фрчковски не се бори само со аматерите во сопственото министерство, туку мора да оди и на општински собранија, небаре тетовските одборници побарале интерпелација од него и од министерот Туше Гошев, зашто уапсил шверцери на оружје. Како почнаа тетовчани да се однесуваат како парламент на држава, ништо чудно утре-задутре да побараат објаснување и од Киро Глигоров. И бидејќи и ги тре­­тираат како да се паралелен парламент, ништо чудно Глигоров и да се појави таму. И онака одамна не сме го виделе во западна Македонија.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари