ДЕТСКИ БОЛЕСТИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:100:"ВовреметонаТитоважешеонаа"Игранкапослесастанка"

    1. Министерот за надворешни  работи Љубомир Фрчковски  се разболел. “Нова Македонија” пред некој ден објави дека министерот добил сипаници. Има ли поголем доказ од тоа за тврдењето дека македонската дипломатија боледува од детски болести?

    2. Тате, очигледно, има разбирање за детско-адолесцентните проблеми на младите. Според своите уставни надлежности, како што е ред пред Нова година, им ги прости палавостите на децата, ако воопшто ги имало. Зашто, во суштина, се работи  за примерни деца.  Ама и  тие, кога ќе се занесат во игра, знаат да направат беља.
    При говорот на претседателот Глигоров пред Собранието ми пречеше што веднаш по него беше закажана друга седница на која се расправаше за буџетот. Па така излезе  дека претседателот Глигоров му беше воведничар на министерот за финансии Таки Фити. Добро е што претседателот не остана во салата. Ќе очекувавме да ги брани и буџетските решенија.
    Инаку, сега ми е уште појасно зошто во странство Владата на Македонија упорно ја нарекуваат Влада на Глигоров.

    3. Пратениците не се отепаа премногу од работа преку годината, па можеа и овие две седници да ги одвојат во два дена. Ако за ништо друго, тогаш барем да му се дадеше малку посвечен и потрадиционален белег на обраќањето на прет­седателот  на државата. Не толку заради Претседателот, ами уште повеќе за – државата. Белким во белезите на државата што ја градиме има место за една убава, државничка традиција – Претседателот да му се обраќа на Парламентот пред секоја Нова година. Или, традиционално и во иднина, шефот на државата ќе држи говор истиот ден кога треба да се изгласа буџетот за наредната година?
    Народните избраници и министрите многу сериозно го сфатија обраќањето на Глигоров. Камерата ги фаќаше подзадремани. Сигурно многу читале од мате­ријалите за буџетот претходната ноќ. Таман кога ќе дојдеше камерата до нив, некои се фаќаа за очилата, божем нешто читаат, други ги затвораа очите, божем многу се замислени за тоа што им го говори Претседателот, трети се правеа дека имаат главоболка, па се држеа за глава, само да не се забележи дека умираат за спиење, па главата ја придржуваат за да не им падне…
    Оваа ситуација целосно ја оправдува употребата на пејџерите и мобилните телефони кои постојано им свиреа. Претседателот на Собранието Тито Петков­ски неоправдано се налути и им рече дека Собранието не е телефонска централа. Господинот Петковски не знае дека пејџерите и мобителите на пратениците и минстрите одвреме-навреме беа наштимани да ги будат за да си ги придржуваат умните и замислени глави пред камерата. Освен тоа, пејџерите се многу полезни инструменти. Додека ги немаа, пратениците се занимаваа со многу банални работи. На пример, си ги чепкаа носовите, гледаа голи женски по весниците и си ги чешаа волнените бели чорапчиња.
    Не знам дали некој им кажал дека пејџерите не мора да свират, туку можат да се наместат и на вибрирање. Меѓутоа, ако пејџерот вибрира, телото се тресе. На ова се особено чувствителни министрите. Веднаш ќе помислат дека им се тресе местото. Затоа поарно им е да си свиркаат. И министрите и пратениците досега докажаа дека од свиркање немаат гајле. Ама од потреси се и тоа како исплашени.

    4. Тито Петковски пронајде генијален  начин како да ги натера пратениците да го изгласаат буџетот, а во меѓувреме да не се разотидат по продавниците и новогодишните тезги. Им вети дека веднаш по завршувањето на седницата ќе им приреди коктел.
    На овој начин претседателот  на Собранието ќе може и во иднина да го решава проблемот со кворумот. Едноставно, на почетокот на секоја седница на прате­ниците да им вети коктел по завршувањето на седницата. Во меѓувреме да не им дава паузи – за да ги изгладнува. На тој начин и побрзо ќе завршуваат со работа. Одвај ќе чекаат да каснат и да се напијат.
    Овој рецепт има само една маана. Идеолошка. Потсетува на времето на раниот социјализам. Во времето на Тито имаше една фраза: “Игранка после састанка!” Ај речи после дека и по Тито не е Тито!

    5. Повеќе од две години директорот на Комунална хигиена од Скопје, Сејдо Теофиловски, малтретира над сто илјади жители од населбата Аеродром, “Јане Сандански”, Ново Лисиче и Маџари, во близина на дивата депонија “Вардариште”, и никој ништо не му може. Едно време викаа дека е спор на релација ВМРО- ДПМНЕ и либерали со СДСМ, па дека во прашање се пари, ама еве работата  дојде и  дотаму што  и Министерството за градежништво  и заштита на човековата средина му забрани на директорот камионите на неговото претпријатие да го исфрлаат ѓубрето на “Вардариште”.
    Забраната почнува да важи од 2 јануари идната година. Како што се покажа Сејдо Теофиловски со инаетењето две години, можеме да очекуваме во новата година никој да не ги празни контејнерите. Бидејќи Сејдо може да прави што сака, ништо чудно, место да му сместат кривична пријава од Министерството, да организира штрајк и да не го собира ѓубрето. Само на тој начин и натаму ќе може да одбива да го носи сметот на новата депонија “Дрисла”. Освен тоа, зошто би имале проблем со ѓубрето и смрдеата само стотина илјади жители во близина на “Вардариште”? Нека се задуши во ѓубре цело Скопје.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари