ДИПЛОМАТСКИ ПОЈАДОК

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:90:"КојќебидепрвиотгрчкиамбасадорвоМакедонија?

    1. Бидејќи сме сериозна држава и бидејќи сакаме да ги унапредуваме односите на сите полиња со соседна Грција, вистински потег на добра волја би претставувала една одлука, со која нашата држава би му обезбедила заслужена пензија на грчкиот премиер Андреас Папандреу. И тоа – од третата група. Како знак на благо­дар­­ност за неговата борба за широка меѓународна афирмација на Република Македонија.
    Воспоставувањето на дипломатски односи со шесте земји-членки на Европската унија може да има негативен одраз врз популарноста на Македонија во светот. Среќа што сé уште не нé признале САД. Па Грција ќе мора да продолжи со својата кампања за популаризација на нашата држава. Искрено, тешко ќе ми паднеше ако веднаш преку ноќ ќе престанеа да нé споменуваат низ светот. Скопје, од обична балканска валкана паланка, благодарејќи на чудата на организираната пропаганда, последниве денови стана најспоменуваниот главен град на држава во светот. Сопругите на дипломатите сигурно збунети од масовната употреба на името на нашиот главен град, во некоја парфимерија ќе побараат да си купат најнова колекција “Скопје”. Ќе си речат: “Штом толку ја рекламираат, мора да е модерна!” Или пак нивните деца. Во некое диско ќе нарачаат “Скопје”. Што има поагресивна реклама од “кока-кола” – вреди да се проба!
    Ако нé признаат и САД, па уште да ни пратат и амбасадор – сосема про­паднав­ме. Ќе ни го заборават името. Грција нема да има причина да нé спо­менува.

    2. Ете, затоа нашиот опстанок зависи од Грција, како што секојдневно ни соопштуваат од Атина. Папандреу нé смири малку кога ни рече дека немало да презема воени мерки. А за економските ќе размисли. Нека размислува. Само да не му текне да ги скуси парите што одат за пропаганда. Тоа е најстрашното нешто што може да ни се случи.
    Изгледа дека ова најстрашно оружје против Македонија сé уште не им паднало на памет. Инаку немаше цело време да зборуваат за затворање на границата. Па, дури, оној забавниот заменик-министер за европски прашања Тодорос Пангалос ни порача да ги јадеме амбасадорите за појадок.
    Сега, по воспоставувањето дипломатски односи со душа ги чекаме амбаса­дорите. Зашто Грција ќе ни ја затвори границата и ние нема да имаме што да јадеме. Па за да нé спасат од злобната партнерка, останатите од Европската унија ќе мораат да испратат што повеќе амбасадори. Кои, според менито усогла­сено веројатно од господинот Пангалос, следните шест месеци, кога тој ќе води сметка за Унијата, на скопјаните ќе треба да им се даваат само за појадок. Оние од другите места низ Македонија, бидејќи амбасадорите нема да им се при рака, ќе го скокаат првиот оброк.
    Клучното прашање е: Сакате континентален, или англиски појадок? Континенталните земји ќе минат лесно. Ама, бидејќи англискиот појадок е многу побогат, ќе мораат Британците покрај амбасадор да ни испратат и понекој конзул, советник, секретар… Тие се дипломатска сила и ќе можат да одговорат на крите­риумите што следните шест месеци ќе им ги постави гурманот Пангалос.
    Баш би било интересно да се дознае кој ќе биде првиот грчки амбасадор во Македонија. И дали човекот оди со грчки маслинки и узо. Без узо, потешко ќе се “вари”.

    3. Инаку, за да нема недоразбирање, членкие на Европската унија се усогла­силе во дипломатските документи да ни се обраќаат со привременото име од ОН. Што не значи дека и амбасадорите ќе им бидат привремени.
    Нашите документи си се со нашето нормално име. Она глупавото “бивша југословенска…” не го сакаме од милион причини. Едната од нив некои ја бараат во логичен одговор на следново прашање: “Ако испраќаме амбасадори од бивша република, дали тоа значи дека и амбасадорите треба да бидат – бивши?”

    4. Истекува последниот час да се пронајде некој посредник што ќе посредува во спорот меѓу Македонската телевизија и приватната “А-1”. Ако се најде некој што ќе може двете ТВ куќи  да ги доведе до воспоставување нормални (не мора дипломатски) односи – тогаш и Сајрус Венс ќе мора да му симне шапка од главата.
    Прво “А-1” ѝ ги собра на МТВ најпопуларните фолк-ѕвезди. Потоа МТВ, додуша во несериозниот Трет канал, во средата подготви коментар за, како што ја нарече , “независна кванташка телевизија”.
    Гледајќи го коментарот, се прашував зошто, иако си ја платив претплатата преку суд, големата куќа ме малтретира со нивни погледи на “телевизијата зад рампата во Маџари”, кога и онака нејзиниот “ТВ сигнал не допира подалеку од Трубарево”? (Наводите се истргнати од “коментарот”.) И баш ќе ми беше гајле за односите меѓу двете куќи, ако не се доведев во ситуација да се прашам: За каква конкуренција зборуваме, кога на ТВ екраните се гледа параноиден страв од конкуренција, и тој кај гигантот чијшто сигнал допира многу подалеку од Трубарево!?
    И уште нешто. Што и да се сакаше да се каже, колку и луѓето од двете куќи да не се сакаат и какво и да е мислењето на едните за другите, сепак – да монтираш на тој начин што ќе ги ставаш своите колеги (колку и да не ги цениш) меѓу свињи и мајмуни, е прашање на добриот вкус. На – врвен невкус.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари