ДОБРОВОЛНА РАКЕТА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:84:"ВладатанаМакедонијавоведуваданокнаљубов

    1. Знам дека со ова што сега ќе го кажам ризикувам врз себе да го навлечам бесот на сите новокомпонирани патриоти, национални борци високо јавнати на функционерски фотелји, “маченици” на титоистичкиот режим и “жртви” на комунизмот што во животот постигнале сé што посакале и на запенетите гласно­говорници и химнопејачи кои од претерана употреба веќе го излижаа гордото значење на зборот “Македонија”.
    Дами и господа, празникот 11 Октомври им го честитам на сите борци од НОБ на Македонија!
    Со ова во никој случај нема да си го одземам правото, во некоја друга прилика, кога нема да биде модерно да се плука по нив, да им соопштам зошто им се лутам. Имам многу да им кажам. Но, денеска сакам само да ѝ се придружам на честитката што пред три дена на борците им ја упати македонската влада, со обелоденување на предлогот за намалување на нивните пензии. Пооригинална честитка за својот празник, и тоа на јубилејното 50-то одбележување, борците не можеа ни да сонуваат.
    Претседателот Киро Глигоров во празничниот говор во Прилеп порача “да ја изразиме должната почит кон сите преживеани борци, патриоти, жртви на окупаторот и на фашистичкиот терор”. Неговата влада – “сé експерт до експерт”, за санирање на пензиските фондови реши да “ги преиспита правата на посебните категории осигуреници”. Затоа предлага гарантираната боречка пензија за најголем стаж од 20 години да изнесува место досегашните 6400 – 4100 динари. Лимитот ќе им биде намален и на носителите на Партизанска споменица 1941.
    “Држава сме!”би рекол премиерот Кљусев (со штипски акцент). Ни требаат пари. А тие пари ќе ни ги собере преку неброените давачки со кои ги оптовари сите цени кои може да ги контролира. Затоа што “оваа влада има голема љубов кон народот”.
    Борците не треба да се вознемируваат. Особено не оние што побрзаа да ни се јават во редакцијата и тврдат дека “ВМРО им се одмаздува”. Се работи сепак за владиниот данок на љубов. Како преодно решение до воведувањето данок на воздух. Не може туку-така да се троши суверениот македонски кислород, а да не се плати. Па, држава сме! (со штипски акцент).

    2. Кога подлабоко ќе размислам, доаѓам до заклучок дека сепак е подобро да платиш данок за воздух, отколку данок во крв. Се плашам дека фабриката “Бил­јана” во Прилеп нема да може да достаса со производство на вата “Цик-цак”. Затоа што капетан Драган Атанасовски, кумановецот на гастарбајтерство во Белград, вработен како личен намесник на сопругата на Слободан Милошевиќ, под фирма “претседател на СК-ДЈ”, порачува дека разврската на Ју-кризата ако не биде по пат на преговори, ќе биде по пат на граѓанска војна “со крв до колена од која нема да биде поштедена и Македонија”. Во што сосема се согласува со Љупчо Георгиевски кој на бугарската телевизија изјавува дека “Србите нема без крв да се извлечат од Македонија”.

    3. Од сонување многу крв на човек му се заматува умот. Па капетан Драгиша из Куманова, давајќи личен пример во воинствените повици на општа моби­лизација против “фашистичка Хрватска”, се пријавил како доброволец во Белград. Наводно, во доброволните единици веќе немало место. Па армијата размислува да го пренамени доброволецот Драгиша во ракета со далечинско наведување. И тоа за повеќекратна употреба. Прво ќе го лансираат директно на зградата каде што живее Љупчо Георгиевски, затоа што, како што рече на конференцијата за печат одржана завчера, “и ВМРО-ДПМНЕ води фашистичка политика”. Заедно ќе прават – крв до колена. Потоа така искрвавен ќе мавне директно во зградата на Собранието да расчисти со дезориентираното, конфузно и нагласено анти­југословенско и антиармиско раководство на Македонија. Посебно ќе се поза­нимава со Васил Тупурковски (ако успее да го пронајде) и ќе го натера да признае кои му се странските налогодавачи за туркање на земјата во хаос и ќе му се одмазди затоа што сé уште носи маички “Мура”, а не “Први мај – Пирот”, како што му прилега на секој што не е антинародно, антидржавно и фашистички настроен.
    Бидејќи во Хрватска крвта дошла само до листовите на нозете, доброволната ракета од типот “Драгиша М-91” ќе биде лансирана од последниот кат на зградата на ЦеКа во Нов Белград директно на Бански Двори во Загреб. За секој случај, бидејќи не се знае кој го направил првото бомбардирање. Овојпат тврдата глава на доброволната ракета ќе падне директно на масата каде што разговараат “најзло­гласните фашисти” Туѓман, Месиќ и Марковиќ, а Драган ќе го сними разговорот во кој тие смислуваат најмонструозни планови за геноцид на голоракиот српски народ. Кога ќе упадне Драгиша со својата боева глава, веднаш ќе започне разго­ворот за мирно решавање на југословенската криза. Туѓман ќе го праша: “Буш пукла?” Ракетата ќе одговори: “БУМ!”

    4. Можам да си замислам со какво одушевување ќе биде пречекан минис­терот за информирање Мартин Треневски по 12-дневната посета на Јапонија. Особено од колегите на Македонската телевизија кои отстапуваа поголем прос­тор во своите дневници за соопштенијата на Министерството за информации за секој чекор на министерот, отколку за посетите на странство на претседателот Глигоров и премиерот Кљусев, а да не зборуваме за министерот за односи со странство Малески.
    Министерот за сé, по разговорите во “Нисан” и “Сони”, на крајот од посетата на Јапонија се сретнал со поглаварот на Јапонската православна црква г. Тоодосиос Синзи Нагашима. Во Министерството за следење на патот на министерот се вели дека архиепископот Нагашима се заложил за унапредување на контактите и соработката со Македонската православна црква. Сега јапон­ските православци, уште и ако се некои големи луѓе во “Нисан” и “Сони”, над својата работна маса, по углед на македонскиот министер, ќе си го закачат св. Климент.
    Денес е најавена негова конференција за печат. Се очекува македонската јавност да биде запозната на кои места спиел и што ручал и вечерал нејзиниот министер за информирање. Во соопштенијата на неговото министерство един­ствено тоа не беше објавено.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари