ДОПИСЕН ЧЛЕН

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:98:"Македонскотодевојчесонувадастане"српскапеваљка"

    1. Македонија е на пат да стане дописен член на Европската унија. Измислен е оргинален начин на парафирање на спогодбата за трговија и соработка. Тие нам ни пишуваат писмо, ние ним им одговараме со писмо. Ова е прва фаза кон полно­прав­но членство во Унијата.  Бидејќи ние немаме намера да го менуваме име­то, а Грци­ја нема намера да се помири со тоа, да сме здрави и живи, кога ќе дојде време, со писмо ќе ѝ пристапиме на Унијата. Така ќе станеме дописен член.
    Повеќе немаме проблеми со регионалниот пристап. И еволутивната клаузула некако ќе ја проџвакаме. Сé зависи од тоа колку ќе патува писмото до Брисел. И дали за тоа ќе биде задолжена грчката пошта. Останува само проблемот на самите писма. Што ако некое писмо, било нашето било нивното, некаде се загуби по пат? Дали и тогаш ќе важи спогодбата? Или пак, доколку некој од деветте преве­дувачи на официјалните јазици на Европската унија го заборави нашето писмо во фиока!?
    Среќа што си ја имаме Грција. Барем таа се грижи да не останеме заборавени. Таман се загриживме што веќе никој не нé смета како проблем, кога еве ти го јужниот сосед, во вистински час за нас. Колку да нé потсети дека е тука.

    2. Баш добро им текна на преговарачите да ја употребат оваа финта со дописно­то членство. Ние им предлагавме да се потпишеме како “договорна страна”. Неуки и наивни, дури сега сфаќаме дека ова со писмата е многу поубаво, отколку “договор­на страна”. Како државјани на договорна страна, во Европа ќе нé викаа – странци. И што наслов ќе стават по парафирањето на спогодбата? Странци во возот за Европа. Или, странци во предградието на Брисел.
    Ова со дописното одделение е  многу поинтелигентно решение. Прво, на Европејците им докажавме дека штом пишуваме писма значи дека сме писмени. И второ, ако ѝ се налутиме на Европа, можеме нашето писмо да го преадресираме, наместо во Брисел да го испратиме во Вашингтон. Освен тоа, од возот можеме да излеземе на која било попатна станица, ама нема секаде аеродром да фаќаме авион за Америка.

    3. Како што стојат работите, изгледа дека во возот нема да стигнеме многу далеку. Така некаде –  до Белград. Ако патем не се откажеме уште порано, некаде кај Бујановац, Врање, Ниш, Параќин, Јагодина…
    Каков европски центар!? Главниот град на Македонија сé повеќе личи на шумадиска паланка. Драгана Мирковиќ го полни градскиот стадион во Скопје. По телевизиите е главна ѕвезда. “Слатки грех” среде Скопје зборува за српска Скопска Црна Гора. Сега се најавува доаѓање и на Весна Змијанац. Којзнае како ќе ги пречекаме Цеца Величковиќ и Аркан. Така тинејџерките се трудат да личат на Цеца Величковиќ. Фестивалите на новокомпонирана македонска народна музика се претворија во српски посела. Турбо-фолкот ечи на речиси сите фреквен­ции на приватните радија. Од телевизиските екрани излегуваат долгите нозе и големите гради на најуспешните српски селски забавувачки…
    Какво македонско девојче, каква китка шарена… Македонското девојче сонува да стане српска “кафанска певаљка”.
    Не ќе е лошо министерот за култура Слободан Унковски, на враќање од Црна Гора, да скршне и да направи турнеја по Шумадија и Поморавје. Да направи избор која кафеанска група ќе има приоритет при давањето дозволи за настап низ Македонија.
    Министерот е по театарот, па затоа и не треба да му се лутиме што дозволува пробив на музичка некултура од север. Затоа сите театарски дружини што доаѓаат од Белград се со уметнички вредности и можат само да ни бидат од корист. Не ми е јасно само зошто Лане Гутовиќ, кога неодамна гостуваше  со “Кабарето”, не ни ја повтори истата точка од пред неколку години, кога во Белград правеше  мајтап со македонското осамостојување. Нас не нé интересира политика. Умет­ничка вред­ност си е уметничка вредност. Особено кога доаѓа од север.
    Не дај боже некоја телевизија да откупи бугарска  хумористична серија. Скраја да е. Тоа е само за бугарофили. Албански театар или албански пејачи и групи. На тоа ќе одат само сепаратистите. Грчка музика!? Продадени души.
    Со српските гости е сосема друга работа. Тие сите изјавуваат дека кај нас се чувствуваат како дома. А ние им климаме со глава и одобруваме: “Тако је!”

    4. Некако се погоди случајно, истиот ден кога Драгана Мирковиќ во Скопје беше во мисија на добра турбо-фолк-музика, да пристигне и првиот југословенски амбасадор Зоран Јанаќковиќ во мисија на добра волја.
    Амбасадорот имаше неколку средби со новинарите и не пропушти да каже дека меѓу СР Југославија и Македонија нема отворени прашања. Тоа што нивна комисија уште не е формирана за да се започне со маркирањето на меѓусебната државна граница не е важно. Нема отворени прашања. Има отворена граница.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари