ЕДНОГЛАСНА СИРОМАШТИЈА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:83:"КогаБургасќестанепоблискуотколкуСолун...

    1. Од сега па натаму, вработените што заминуваат на принуден одмор затоа што нивните фабрики останале без мазут, тоа ќе го прават со особено задоволство и бескрајно среќни. Да не беше премиерот Бранко Црвенковски, кој на прес-конференцијата во четвртокот им објасни дека блокадата на нафтата е “потег што граѓаните треба да го сфатат како еден од рамките на битката за нашето меѓународно признавање”, сиромашките ќе продолжеа да преживуваат во разо­чарување. Сега, кога се на пат “проблемот со нафтата објективно да го сфа­тат” и да го послушаат советот на премиерот “да го разрешат со нужно потре­бен консензус од сите субјекти”, смислата на животот им доби сосема друга димензија. А и одговорноста пред која се исправени им дава дополнителна сила за опстанок. Не е мала работа да се бориш за меѓународно признавање на својата татковина.
    Зимава смрзнувањето покрај студените радијатори ќе претставува покажу­вање на “цврста волја” и подготвеност да се истрае на овој притисок”. Неза­доволниците пред бензинските пумпи своето стоичко издржување во редот ќе го сфаќаат како висок патриотски долг што треба да ѝ се плати на државата и на раководството, кое во овие судбоносни моменти повикува на консензус за сиромаштија. Ќе издржиме, не само без бензин и греење. Ќе издржиме и без лекови, без храна, без детергенти, без шампони за коса… Не би требало да страда само главата на премиерот.
    Она што влева додатен оптимизам е што Владата е сосема начисто и знае кога ќе успее да ги реши проблемите. Единственото што треба ние да го сториме е да се согласиме на тотална сиромаштија и за тоа да не ги критикуваме. Среќа што си ја имаме Грција за сосед, па така на нашата Влада ѝ се дава ексклузивно право стоте дена молчење да ѝ се продолжат до бесвест. Или барем додека Бургас не стане поблиску отколку Солун.

    2. Цврстата волја и подготвеноста да се истрае на овој притисок најдобро се демонстрираше на саемската манифестација “Модест 92”. Министерот за сто­панство Петруш Стефанов зборуваше за работни победи. Истиот ден половината текстилни фабрики во Македонија го прекинаа производството поради немање мазут. Во другата половина текстилците не работеа затоа што со штрајк бараа поголеми плати.
    На отворањето на “Модест” беше и претседателот на Собранието Стојан Андов. Веројатно и нему му е јасно дека ако свикаше вонредна седница поради целосниот колапс во државата, со овој состав на парламентот, само уште повеќе ќе ја влошеше ситуацијата. За џабе ќе потрошеа бензин за пратениците. Настрана што сигурно е многу попријатно пред очи да ти се муваат манекенки отколку симпатично заоблени пратеници.

    3. Пред сосема кусо време, во нашиот весник си игравме мајтап со една фотографија на згодна, убаво облечена девојка, објавена во белградска “Полити­ка”. Под фотографијата пишуваше: “Со убавина против меѓународната изо­лација”.

    4. Деновиве еден висок службеник во владините институции ме убедуваше дека ова што сега ни се случува и не мора да се нарекува со зборот “колапс”. “Што мислиш”, ми вели тој, “колку би биле среќни граѓаните на Сараево, наместо она што таму им се случува, да се наоѓаат на наше место и со денови да не можат да наточат бензин во своите возила”? И уште ми сугерираше да замислам, што би можело да ни се случи по шест месеци и како тогаш со носталгија ќе сум се сеќавал на сегашното муабетење, дека не сум можел да набавам бензин, ама барем било мир.
    Како почна војната во Босна и Херцеговина? Најпрвин Туѓман и Милошевиќ се договорија да ја поделат. Потоа ѝ направија блокада и Хрватска и Србија. Босна со месеци беше без нафта.
    Што ли се договараа Милошевиќ и Мицотакис?

    5. Сега веќе со мирна совест и чиста душа секој што сака оние од СДСМ и од Социјалистичката партија да си ги нарекува комунисти тоа ќе може да го прави, без притоа некој да му се налути. Па тие се отепаа објаснувајќи и докажувајќи им на членовите на Уставниот суд дека нивните партии се во континуитет со старите СКМ (КПМ), односно Социјалистичкиот сојуз (Народниот фронт). Само за да ја задржат зградата крај Вардар. И Уставниот суд тоа им го прифати, иако истите тие веќе две години нé убедуваа дека нивната партија немала никаква врска со старата Комунистичка партија.
    Странските новинари што доаѓаат во нашата држава и онака и до сега велеа дека на власт се “екс-комунистите”. Ние се трудевме да им објасниме дека тоа не е така, колку да не се брукаме пред светот. Отсега ќе мора да потврдуваме. Тоа ни стана уставна обврска.

    6. Иако не сум пратеник, ќе си дозволам едно пратеничко прашање до министерот Денко Малески: “Каде полнат бензин службениците од грчкиот конзулат во Скопје?”.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари