ЕВРОПСКО ЧЕРГИЧЕ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:132:"Немаместозаразочарување,тукузареалност-реалностаеразочарувачка

    1. “Нема место за разочарување, туку за реалност”, вели министерот за надворешни работи Благој Ханџиски, коментирајќи ја одлуката на Европската комисија, во својата “Агенда 2000”, да не ја спомене ни буквата “М” од нашата држава, кога станува збор за проширувањето на Европската унија.
    Нема место за разочарување, туку за реалност. Европската унија покани на преговори десет земји од Источна и Средна Европа, а Македонија ја заборави заедно со Албанија и СР Југославија. Разочарувањето би можело да дојде подоцна. На пример, кога ќе патуваме за Бугарија со шенгенска виза.
    Нема место за разочарување, затоа што и покрај сé, нас Европа нé сака. Скоро исто колку НАТО. Ни признаваат дека сме подобри од другите, нé удираат по рамо, ама ни викаат да ги сфатиме оти такви биле политичките прилики, па нé бодрат да попричекаме некој друг круг за проширување. Првиот круг го пропуштивме, за вториот очигледно не нé есапат за живи.. . Белким ќе дочекаме нешто во деветтиот круг.
    Нема место за разочарување. Нам сите ни ја признаваат европската ориентација. И постојано нé тешат дека вратата за членство во НАТО и ЕУ е отворена. Само треба да се пречекори прагот. Бидејќи многу сме напреднале и со демократските реформи и со пазарната економија и со приватизацијата, веќе сме на прагот на Европа. Таму кадешто обично стои чергичето за бришење чевли.
    Нема место за разочарување. Туку за реалност. Реалноста е разочарувачка. Македонија е чергичето на Европа.

    2. Баш ни е гајле. Ако не нé примаат во Европа, барем нé примаат на Балканот.  Претседателите на политичките партии на Албанците во Македонија Абдурахман Алити и Арбен Џафери отидоа  во Тирана кај Сали Бериша да се оправдаат за неуспешната акција за одбрана на албанското знаме во Македонија. Затоа и ги немаше во Собранието. Парламентот во Македонија им е само истурена деловница за работа. Кога во чувствителни моменти се избира помеѓу централата и деловницата, нормално е дека ќе се оди во централата по инструкции.
    За да не се чувствуваме запоставени, и зградата на парламентот среде главниот град на Македонија е искористена за преземање на дел од функциите што ги врши централата. Телевизијата “А 1″ објави дека завчера во Скопје се собрале видни претставници на Албанците од Косово, Албанија и Македонија. Во Тирана е несигурен и самиот Бериша, во Приштина не би им дозволил Милошевиќ, па логично е да се соберат во Скопје, каде што никој не им пречи.Веста беше демантирана, ама на екранот убаво го  видовме Азем Власи, од Косово, како се шетка низ ходниците на Собранието на Македонија со пратениците на ПДП, па дури даде и изјава.
    Ако си новинар и ако немаш акредитација за следење на собраниската расправа, нема шанси да влезеш во собраниската зграда. Ако си Азем Власи, странец од друга држава и ако си другар со пратениците од ПДП, кои немаат работа бидејќи не одат на седници, па имаат време за примање гости, ќе бидеш добредојден. Пратениците од ПДП можеле другарот од Косово да си го примат и дома, ама така можеа да ги навредат коалиционите партнери. Вака симболично покажаа дека Собранието го чувствуваат како втор дом, а дома можат да примаат на гости кого сакаат. Па нели градат заеднички дом, за сите нас.
    Впрочем од приватната посета на Азем Власи не треба да се крева толку прашина. Ако можеше Ибрахим Ругова да доаѓа на гости, на пропатување, кај претседателот Глигоров, зошто тогаш не би можел Азем Власи случајно да го посети Исмет Рамадани?

    3. Ме интересира дали собраниските служби му исплатиле дневница на Азем Власи? Кога веќе им исплаќале на пратениците што не доаѓаат на работа, Азем Власи барем би ја заслужил. Кај даваат граѓаните на Македонија толку во буџетот за промашени инвестиции и промашени политичари, ќе дадат и за Власи.
    За Албанците има мислење дека се луѓе од образ и дека никогаш не би зеле пари за нешто што не сработиле. Арно ама, изгледа дека осумтемина пратеници од ПДП и ДПА што завчера си подигнале дневници, иако не учествуваа во работата на Собранието се некои изроди.
    А можеби државата ги плаќа  исто како што годинаипол му дава пратеничка плата на  Арбен Џафери, а тој не се појавил во Собрание. Не дека не работат луѓето. Се виде, тие работат, и тоа како, против државата, а сите ние им даваме плата.

    4.  Баш ме интересира дали и по земањето дневници Лигата за демократија ќе ја прошири кривичната пријава против претседателот на Собранието Тито Петковски, поднесена токму поради случајот Џафери, за овозможување некому да направи поголема, или значителна имотна корист, односно предизвикување штета, бидејќи парите за нивните дневници и плати се пари од буџетот.
    Господинот Петковски за тоа не дава ни пет пари. Видовме дека неговата реакција на телевизија беше дека тој познавајќи го професорот Ѓорѓи Марјановиќ од Лигата, кој е познат шегобиец, и оваа кривична пријава ја смета за шега.
    И после, во владејачката партија се чудат зошто градоначалникот на Битола Силјан Мицевски им се топори со изјави од типот”ако одам на суд” и “не чувствувам одговорност да поднесам оставка”. Затоа што тие мислат дека никој ништо не им може.Ако случајно некој ги даде на суд, тоа не им е за верување, па  мислат дека е – шега.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари