ФИЛТЕР МАКЕДОНИЈА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:228:"Емитувањетона"Македонскатакрвавасвадба"еневкусновомоментоткогаТурцијагобранимакедонскотоправонасамостојност

    1. Којзнае чија клетва го пристигна Сајрус Венс, кога сиромашкиот го снајде таков малер, па мораше Новата година да ја дочека во Југославија. Згора на тоа, во друштво со двајцата најдобри воени другари Слобо и Фрањо. Којзнае колку бил возбуден и од самата помисла дека еден од нив ќе биде првиот што ќе го бакне и ќе му ја честита Новата година. Што, мора да се признае, не е безначајна работа. Особено кога ти се дава таква можност среќа да ти посакаат лично Слобо и Фрањо. Од нив и онака само среќа може да нé спаси.
    Единствениот пропуст во новогодишниот аранжман, што господарите на војната му го организираа на американскиот гостин, го направи ТАНСРБ, кој дури ни од воени извори не успеа да дознае на кое место, во ноќта кога пристигна деведесет и втората, се случил “судирот” и кој прв “нападнал”, а кој жестоко возвратил на честитките со сите расположливи средства. Наместо тоа на народот му беше понудена формулацијата “Сајрус Венс новогодишните празници ги мина на патот меѓу Белград и Загреб”.
    Ако се сеќавате, патот меѓу Белград и Загреб беше инспирација дури и за славната Агата Кристи, да го смести дејството на својот роман “Убиство во Ориент експрес”. Таа возот го запре во Винковци. Можеби и Сајрус Венс, уште во Њујорк мечтаел за новогодишна, луда и незаборавна авантура. Арно ама, Милошевиќ не успеа да ги пушти во сообраќај брзите пруги на Србија. Па така Венс мораше да се задоволи со авион. А авионот не може да запре во Винковци. Освен ако некој не го ракетира.

    2. Сега Милошевиќ е зафатен со подготовка на нов божиќен аранжман. Гостин ќе му биде Невзат Халили. Ќе оди кај него да собере искуства пред најавениот референдум за политичко-територијална автономија на Албанците од Македонија. Чијшто историски интерес е да живеат во несамостојна, зависна, несуверена и меѓународно непризната држава. Затоа што Уставот не им го гарантира правото териториите што ги населуваат да можат да си ги заградат и да си ги носат со себе во Албанија. Што е во директна спротивност со генералното начело според кое сите кечиња мораат да живеат во иста држава.
    Токму затоа загрозените припадници на албанската националност во Македонија по референдумот ќе пристапат кон формирање на автономни албански вилаети. За кои во весниците ќе се употребува кратенката АВ АВ. Партијата за демократски просперитет е задолжена за производство на што поголем број кечиња. А тоа самото по себе претпоставува повеќе АВ АВ.
    Во чест на името и делото на непоколебливиот борец за албанските права во Македонија, Невзат Халили, неговото село Порој ќе стане административен центар на Обединетите АВ АВ. Навистина, Тетово е поголема метропола, но не е многу препорачливо за главен град. Таму има останато уште понекој Маке­донец. Настрана што загрозените и малтретирани Албанци од околните села би дожи­веале урбан и културен шок. Вака, Порој им доаѓа како преодно решение.

    3. Во чест на свеченото прогласување на Обединетите АВ АВ, композито­рите ќе направат современа, пригодна верзија на песната “Ав, ав, Шарко лае, за шега не знае, само р’жи, вие, никогаш не спие”. И онака одамна не сме слушнале некоја песна што не е пригодна. Единствена опасност е поради популарноста на оваа песна да престанеме да ги слушаме песните за Македонија. Тоа во овој критичен момент пред меѓународното признавање може да ни го затапи партис­кото чувство.
    Сетилото за патриотизам ни е веќе така наострено, што освен за Македонија за ништо друго немаме чувство. Па наместо, како нашите стари, да си пееме за љубов и за убави жени, ние сме опседнати со “Македонија, моја кралице, ти убави­це”. И тоа толку болно сме забегани што дури не ги ни забележуваме “гордите Македонки”(Пиринки, Егејки, Вардарки), ниту пак се потресуваме кога ни порачуваат “Македонка кога љуби, свест се врти, ум се губи”. Па дури и за Нова година ни компонираа пригодна песна во која нé повикуваат “да ѝ наздравиме на Македонија”.
    Ако цената што треба да ја платиме за меѓународното признавање на Маке­донија е осиромашување на речникот, со употреба на зборот “Македонија” во неколку варијанти – добро. Ќе го издржиме и тоа. Ама никако не ми е јасно зошто да наздравуваме за среќата на Македонија, а не за својата среќа. И воопшто, има ли логика Македонија да е среќна, а ние – несреќни?

    4. Во секој случај и песните не ни се толку смешни во однос на одлуката на Хрватската телевизија да го забрани прикажувањето на филмовите од военото минато, што ги прикажуваат Германците како агресори. Емитувањето на такви филмови било оценето како невкусно додека Германија го брани правото на хрватска самостојност.
    По угледот на своите колеги од Загреб и луѓето од Македонската радио- телевизија би можеле да го забранат емитувањето на народните песни кои пеат за “клети Турци, зулумџии” и слични работи. Нивното емитување би било невкус­но додека Турција го брани правото на македонската самостојност. Дури, ние би требало да одиме и понапред од ХТВ. Не само да не ги емитуваме филмо­вите и драмите со тематика од турското ропство, туку во книжарниците да ги заплениме стотиците дела на македонски автори што пишувале за тој период. Можеби ќе бидеме културно посиромашни, ама не смееме ни малку да ризикуваме кога е во прашање меѓународното признавање.

    5. Досега немам слушнато што се случувало на таканаречената Конвенција за нова Југославија во Белград. Ме интересира дали и понатаму ќе си се нарекуваат “Југославија”. Не заради друго, туку загрижен сум за пазарот на Тутунскиот комбинат од Прилеп. Дали ќе имаат каде да ги продаваат цигарите “Филтер Југославија”. Белким нема и нив да ги прекрстат во “Филтер Македонија”.

    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари