ГРИПОЗНА СОСТОЈБА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:58:"Ситештрајкуваат,анамнистуди

    1. Во Србија илјадници луѓе се на улица веќе педесетина дена, барајќи признавање на изборните резултати од ноемвриските локални избори. Бугарите ги копираат Србите по начинот на протестите, иако нивниот основен мотив за бунт е крајното осиромашување. Во Албанија штрајкуваат студентите. Во Грција штрајк најави трговската морнарица, предвестувајќи ги штрајковите и на другите социјални слоеви, особено од јавниот сектор и земјоделците, кои ветија обнова на блокадите на патиштата уште при крајот на минатата година.
    Сите околу штрајкуваат. А нам ни студи. Навистина, имаше еден обид за штрајк пред Нова година, кога еден петок неколку групи штрајкувачи, со помош на полицијата направија хаос во сообраќајот во Скопје. Штрајкувачите ветија дека в понеделник пак ќе дојдат до Владата. Дури и се силеа, дека, ако треба, и Новата година ќе ја пречекаат на платото пред Владата. Премиерот Бранко Црвенковски имаше нарачано шампањско да ги чести точно на полноќ. Арно ама, зафркна времето. Застуде. Кој е будала да мрзне поради една Влада. И да ја остави трпезата празна за новогодишното славје и предбожикните пости.
    Македонија на немирниот Балкан и во овие зимски, вирусни денови останува оаза на мирот. Но, кога околу има бура , реална е опасноста песокот да ја затрупа и оазата. Затоа треба да се измислат одбранбени механизми. Додека уште ни траат празнувањата, Владата може мирно да гледа што се случува во соседството. Сега прво ќе чекаме Стара Нова Година. Потоа ќе се фрламе по крстот по реките, езерата и базените. Па масовно ќе си простуваме на Прочка. И, додека си трепнал, Христос воскреснал.
    Ако, сепак, некому текне, и покрај богатата општествено-културна активност, да се занимава со организирање штрајкови и протести, Владата има подготвено тајно оружје. За него е задолжен Министерот за здравство, Илија Филипче. Што мислите, зошто уште не е прогласена епидемија на грип? Се чекаат првите демонстранти. Штом ќе се појават првите групи, Министерот ќе прогласи епидемија. Во таква ситуација, веднаш се забрануваат и масовните собири на граѓаните. Кој тогаш би одел на народни протести пред Владата. Ако тие се се повлекоа кога им студеше, зарем би ризикувале да ги закачи некој вирус? Па после непотребно ќе дигаат температура.

    2. Под мотото: “Да се однесуваме како да е епидемија, а сепак, да не ја прогласуваме”, Министерството за здравство им нареди на сите здравствени работници да се јават на работа и на Божик, а на некои служби дури им беше речено да ги зајакнат екипите. Веднаш реагираше Службата за брза помош од Скопје. Велат дека и во нормална ситуација немаат доволно возила, а и тие што ги имаат ги оставаат на половина пат до болниот. Ај што немаат доволно возила – добро. Барем вработените да не им се разболуваат од грип. Да можат да ги носат болните на грб.

    3. Со возила, барем како што можевме да видиме на телевизија, нема проблеми и претпријатието за собирање на скопското ѓубре. Имаат проблем само стотина илјади жители на Скопје со инаетот на првиот ѓубреџија на главниот град, кој, и покрај сите можни забрани им го истура ѓубрето под прозорец, на забранетата депонија “Вардариште” и ги бројат камионите на господинот Сејдо Теофиловски од “Комунална хигиена”. Тој прво му пркосеше на стариот градоначалник. По сé изгледа и новиот градоначалник за него е ситна риба. Затоа што не се осврнува и на декретот на министерот за урбанизам и заштита на човековата средина. Дали, можеби, треба претседателот на Републиката да потпише специјален указ со којшто на господинот Теофиловски ќе му се забрани да го труе Скопје со исфрлање на сметот на “Вардариште”? Или, пак, и тоа нема да помогне, па на помош ќе пристигнат меѓународни посматрачки сили и експертски групи. Во држава во којашто ѓубреџија е посилен од министер и градоначалник- сé е можно.

    4. Проблеми со превозот има и Лотарија на Македонија. Тикетите за наградната игра “Бинго” не стигнале од Германија, каде што се печатат. Затоа, според традицијата, на помош пристигнува братската Лотарија на Војводина. Во продажните места на македонската лотарија сега се продаваат “бинга” на “Српска народна лутрија”. Затоа што шлеперите од Германија доцнат. А шлеперите од Србија стигнуваа на време дури и за време на санкциите. Ние сме научени. По распаѓањето на Југославија, Лотарија на Македонија почна да организира сопствено лото извлекување, но уште долго време ги пополнувавме српските лото ливчиња. Сé додека не се потрошија. Сега, по навика, ќе си играме српско “бинго”.
    Рекламата на “Лотарија” вели: “Никогаш не се знае. Како не се знае? Среќата доаѓа од Србија.

    5. Поглаварот на Македонската православна црква г. г. Михаил во божикната порака уште еднаш побара од властите да дозволат воведување веронаука во училиштата. Малку е што децата во исти одделенија ни се поделени по разни основи. Сега треба уште и по верска основа.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари