ИНДИСКИ ВЕТРОВИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:73:"НепатувајтевоКиргистан,одетевоИрак

    1 Трифун Костовски уште неизбран дава гаранции дека немало да има реваншизми и немало да брка од работа. Од каде знае Трифун што ќе затекне во Кабинетот на Пенов? Плус, што правиме со 25 отсто Албанци што ќе треба да ги вработи според Рамковниот договор. Плус преведувачи за двојазично Скопје.
    Трифун рече и дека за почеток ќе примал совети и од Пенов. Што може да го советува поранешниот градоначалник по осум години поминати на чело на главниот град и по таков катастрофален пораз во првиот круг. Единствениот совет што Пенов може да му го даде на Трифун е како да загуби на следните избори.
    Трифун нека си молчи. Нека чека прво да завршат изборите. Како што тргнал да дава изјави ќе ги предомисли избирачите. Што правиме ако баш тие на кои им гарантира дека нема да ги избрка од работа, исплашени излезат следната недела и гласаат за Пенов и за своите работни места. И што правиме ако тие се барем еден повеќе од тие што треба да ја потврдат предноста на Трифун и во вториот круг?
    Ќе излезе џабе ручекот со избраните опозициски градоначалници на скопските општини.

    2 Уште на мобилниот ја чувам онаа СМС порака кога требаше да се избере Бранко и кога на денот на изборите некоја НВО ни порачуваше: “Ливчето не може само да влезе во кутијата, излези гласај”.
    Ако властите не се сеќааваат, нека ги погледнат снимките на МТВ од онаа спонтана општонародна веселба што ден пред референдумот некоја невладина женска организација ја организираше на Плоштадот на Пенов по повод признавањето од Америка.
    Од кога на СДСМ почнаа да му сметаат невладините организации, па дигнаа паника дека МОСТ објавувал анкети за време на изборите и го прекршувал изборниот молк.

    3 Помошта што Македонија ја испрати за настраданите во цунами трагедијата што се случи пред крајот на минатата година уште не стигнала до Шри Ланка. Некојси државен службеник задолжен за организација на транспортот пред некој ден изјавил дека “проблемот е во ветровите на Индискиот океан, поради кои бродот со кои се пренесува помошта плови бавно”.
    Со што ја испратија помошта од Македонија? Со едреник ли, па ветришта го оддувале. Има ли едреникот барем кормилар.
    Сироти луѓе, ќе се изначекаат на нашата помош. Едреникот од Македонија со полни едра се бори против ветриштата во индискиот океан, а нив веќе нов земјотрес ги фати.

    4 Владата ги следи светските настани. Издаде соопштение со кое им се препорачува на македонските граѓани да не патуваат во Киргистан. МНР прати акција.
    Да го прашате службеникот што го пишувал соопштението каде е Киргистан, не верувам дека ќе знае да одговори. Не е важно каде е. Важно таму не смее да се оди. Оти македонски граѓани чекаат со денови да влезат во Киргистан.
    За разлика од Киргистан каде патувањето не е препорачливо од безбедносни причини, во Ирак е дозволено да се оди. МНР не издаде предупредување. Оти ние таму им донесовме слобода.

    5 Иако патувањето за Ирак е дозволено, Владата се уште не го составила тимот што треба да го испита случајот на тројцата Кумановци.
    Или, можеби МВР и МНР одбрале луѓе, ама чекаат да се врати бродот што ја носи помошта, за да одат со него.

    6 Државата не успеала да собере доволно ДДВ во првото тромесечие од годината. Министерот за финансии Никола Поповски и е лут на Управата за јавни приходи. Од таму му се жалеле дека имале вирус во комјутерската програма. А тој им рекол, ако имаат вирус, да си купат антибиотик.
    Секој надрилекар знае дека вирус не се лечи со антибиотик. Ама Никола препорачува антибиотик за вирусот да не предизвика компликации.
    За секој случај, наместо антибиотик се воведуваат фискални каси на пазарите. Тоа што државата не може да го собере од големите даночни обврзници, ќе го собере од тезгите на пазар.
    Колку врзулки магдонос треба да продаде еден бавчанџија за да може да си купи фискална каса? И колку млади лукчиња ќе ја пополнат дупката во буџетот со ненаплатениот ДДВ?

    7 До сега знаевме дека има некакви проблеми со недостиг на стентови на Клиниката за кардиологија.
    Благодарејќи на докторите Кедев и Петровски сега разбравме и дека имало и поевтини и поскапи стентови.
    За кого се поевтините, а за кого поскапите. Нели се и едните и другите веќе еднаш платени од сите нас. Или, оние поскапите треба уште еднаш да се платат.
    Да беше на местото на сиромашкиот Балабан од Штип кој стана медиумска ѕвезда во уште една од епизодите за трагедијата на македонското здравство, некој функционер кому требало да се вгради стент, дали ќе заседаваше конзилиум лекари за да го отклучи шкафот, или ќе му вградеа од евтините стентови?

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира