ИЗВЕСНА ИДНИНА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:51:"Љубовтасопаринесекупува

    1. Готово! Баукот на македонското големо “Не” кружи низ светските банкар­ски институции. Директорите на бордовите на банките паѓаат во очај од невозвратената љубов. Ноќе се будат испотени од кошмарните сништа во кои Македонија им го враќа кредитот што тие сакаат да ѝ го дадат. Името да ѝ го сотрат! Воопшто не се надеваа дека некој ќе им ги процени нивните неискрени намери.
    Тие си донесоа одлука. Сега животот може дополнително да им се иском­плицира, кога ќе треба да решаваат што со вратените пари. Каде да ги прена­сочат? Кого друг да зафркнат?
    Ние ништо не губиме. Иднината без пари е сосема извесна. Ќе јадеме корени додека не нé признае Грција. Недостигот на буржоаска империјалистичка храна ќе го надополниме со уште еден фестивал на родољубиви ноти: “Името не го даваме, кредити не примаме”. Има само една вистина – “Само една Македонија” и “Љубовта со пари не се купува”.
    Кој вели дека историјата не се повторува? Првин беше: “Туѓото не го сакаме, своето не го даваме”. Потоа дојде големото Титово “Не”! А потоа легендарното: “Јешќемо лишќе”!

    2. Инаку сосема е исклучена можноста да нé прогласат за луди, иако без пари би можеле да нé изолираат како во санаториум. Сепак се работи за предиз­борна трка, што започна девет месеци пред изборите. Можеш да им дадеш на нашите пратеници да расправаат на било која тема, тие од тоа ќе направат предиз­борен митинг.
    Ете, на пример утре нека биде поставено на дневен ред прашањето: “Зошто оваа зима не врне снег”? Има да се изнауживаме од политички говори. Само Андов да не ја ограничи дискусијата на седум минути.
    Тоа што времето е многу топло за оваа доба на годината, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе го толкуваат како предавство од најдолен вид и чин на квислинштво, затоа што дури и во Грција заврна снег, а кај нас го нема. Веднаш ќе им вратат од СДСМ велејќи им: “Како не ви е срам, ние ја голтаме горката пилула на топлото време за да ви овозможиме да не трошите многу мазут за греење и да заштедиме струја, а вие ни се потсмевате”. Бидејќи Македонија е држава на сите граѓани и сите еднакво се заинтересирани за виталните прашања на државата, ќе се јави и пратеничката група на ПДП со поддршка на топлото време, но и со актуализирано барање за федерализација на Македонија со образложение: Ние во западна Македонија си имаме снег.

    3. Спасот доаѓа во ликот на Жириновски. Тој упорно нé става во прегратките на Бугарија, ама ете во Црна Гора изјави дека ако Македонија побарала помош од Русија, таа како православна земја ќе ни испратела оружје. Којзнае, можеби ќе биде тоа она оружје за кое Жириновски велеше дека ќе го испита на босанскиот фронт. Тајно оружје што дејствува на нервниот систем. Нашите организми се отпорни на тој вид оружје. Имаме стекнато имунитет. Со гледање на седниците на Парламентот. Така се јакнат нервите. Така што оружјето на Жириновски е нула во споредба со нашите пратеници.
    Инаку, рускиот министер за надорешни работи Козирев изјави дека пробле­мот на Жириновски не е од политичка, туку од медицинска природа. Можеби затоа што токму во тоа време Жириновски беше на посета кај Радован Караџиќ. А Караџиќ е психијатар. После отпатува за Белград да се сретне со Шешељ. Тоа се вика колективна терапија.
    И тие имаат извесна иднина. Како и да им заврши политичката кариера, можноста да завршат во санаториум не им бега. Може да се разговара само дали ќе бидат управници, или примероци за испитување.

    4. Извесна, светла иднина ги чека и пензионерите. Кој вели дека Владата на Македонија не води сметка за нив? Напротив, таа измисли ефикасен начин како да им го продолжи животот.
    Нашите стари живеат ретроактивно. На крај на јануари ја примија минато­годишната ноемвриска пензија. Што значи, сега за нив е декември 1993. Допрва ќе ја чекаат Нова година! Го победија забот на времето. Помлади се за два месеца.
    А Владата е во чекор со времето.

    5. На барање на публиката Неда Украден ќе пее во Скопје. Некои ѕвезди никогаш не темнеат. Дури и ако пеат за да ги бодрат Аркановите “тигри”.
    Српската новокомпонирана колонизација продолжува.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари