ЈАПОНСКИ КОМУНИСТИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:109:"БутросГалијапроучуваисторијатанаОтоманскатаимперија

    1. Камо среќа и нас да нé дадеа на суд, како што ѝ направи Европската коми­сија на Грција. Тоа не е само добра пропаганда и привилегија, туку носело и конкретна материјална корист.
    Уште додека одлуката на Комисијата беше во фаза на замрзнатост, минис­трите за финансии на Европската унија ѝ доделија на Грција пари за обнова на телекомуникационите системи. Додуша, претседателот на Комисијата Жак Делор во знак на протест не отпатува за Атина, на тој состанок, ама парите сигурно ќе отпатуваат.
    И Американците го поддржаа ставот на строгата, но правична Европска унија да ѝ суди на грешната членка. Ама, тоа нема врска со одлуката на Пентагон да предложи продажба на оружје за Грција. Се работи за ракети “воздух – воздух”. Грците и онака им се воодушевуваат на Србите. А тие, нели се небески народ. Па за­тоа и Атина реши да прејде на небески тероризам. Сувоземното упаѓање на ту­ѓи држави и убивањето туѓи војници е демоде. Тоа поминува само во заостанати­те земји како што е Албанија. А на светот ќе му се продаваат пуфки. Ќе влезеш во албанска касарна, ќе им отепаш двајца војници и на прес-конферен­цијата ќе изјавиш дека тоа било провокација на Тирана. Кога само ќе ми текне колку изјави на Глигоров официјална Атина ги окарактеризира како провокација на Скопје, може само да се замисли што сé би ни направиле како одговор на провокациите. Среќа што сé уште се членки на НАТО и на Европската унија. Инаку одамна ќе ја свршеа работата, заедно со Србите.

    2. Ете, министерот за одбрана на Грција Герасимос Арсенис се навредил дека НАТО не го консултирал пред да му ги бомбардира пријателите што направија кланица низ Босна и Херцеговина. Вака човекот немал време да ги предупреди. Да ја тргнат српската “нејач” од тенковите што го бомбардираат Горажде.
    Јас да сум на место на Србите, би му се налутил на грчкиот министер. Божем браќа, браќа, а тој не им ги знае датумите од трагичната историја. Педантните новинари на српските гласила забележаа дека авионите на НАТО ги бомбардираа босанските Срби околу Горажде на 10 април. А тоа е датумот кога во 1941 година била создадена Независна Држава Хрватска на усташот Павелиќ. Грција како членка на НАТО би морала да знае дека таа организација има геноцидни идеи и дека едноставно 10 април е вистинскиот ден за започнување на нов геноцид врз голоракиот српски народ во тенковите.
    Грците треба да се замислат. По овој пропуст, во нивното образование за херој­ската историја на браќата нека си го обноват материјалот од пред неколку стотици години. Карајќи се со нас, се збудалија, се вратија пред 2 илјади години, а заборавија на поновата историја. Нека погледаат кога Турците прв пат стапнале на Балканот. Којзнае, можеби Бутрос Гали ќе им одобри на турските сили во УНПРОФОР токму на тој ден да пристигнат во Босна. Паранојата нема граници.

    3. Државата конечно се освести и од пред некој ден реши да ни ја ограничи ваквата хумористично-забавна српска литература. МВР реши кон весниците од Србија да се однесува како и кон весниците од сите други држави, па воведе процедура за нивни увоз.
    Требаше на нашите киосци да се појави детскиот стрип за четничкиот генерал Дража Михајловиќ и по тој повод на Телевизијата “А1” помошникот министер за информирање Мира Јанковска да укаже на неможноста на ова минис­терство да го контролира печатениот материјал од бившите југословенски репуб­лики, па некој во државата да се сети дека Србија веќе повеќе од две години е во странство.
    По повеќегодишната военохушкачка и непријателска пропаганда што повеќето српски весници ја ширеа и низ Македонија без никакво ограничување, ова сега му доаѓа само како мало проветрување на воздухот. Но, информативниот простор на БЈРМ, како што, веројатно од милост, нé нарекува поголем дел од срп­ски­от печат, останува и натаму загаден.

    4. Еве пред некој ден во нашата редакција пристигна соопштение од некое Ново комунистичко движење на Македонија, во кое на литературен македонски јазик се бара “сите страни воени сили под застава на УНПРОФОР” да ја напуштат Македонија, зашто тоа било спротивно на Уставот според кој независноста и суверенитетот ги брани АРМ. Доколку тоа не го направат, оваа партија бара наместо нови 400 американски војници да дојделе исто толку, ама од Русија, Северна Кореја, Кина или Јапонија.
    Ова со Јапонија мора да е некоја грешка. Освен ако далечноисточната земја нема некои силни комунистички традиции. Или пак се мисли, таму сега владата е во криза, можеби јапонските комунисти ќе изведат револуција. Или пак Јапонија е избрана затоа што таа ѝ е најголем трговски непријател на Америка.
    Не ми е јасно, зошто толку сложена процедура? Наместо да губиме време со сите овие војски, зошто новите комунисти едноставно веднаш не ја повикаат војската на Југославија?

    5. Министерството за односи со странство даде објаснување дека непотпишу­вањето на протоколите за соработка меѓу минитерствата за образование на Маке­донија и Бугарија, односно неуспешната посета на бугарскиот министер на Скопје, не е никаков скандал.
    Министерот Марко Тодоров по враќањето во Бугарија изјави дека не постои македонски јазик и дека официјалниот јазик на Македонија е дијалект на бугар­скиот јазик.
    Не станува збор за никаков скандал. Едноставно, во Владата на Бугарија се­дат луѓе на кои, и покрај сите “пријателски” чувства кон Македонија и божем измене­тиот поглед на светот, не треба да им се верува.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари