КЕЧЕ СО ЛАВЧЕ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:78:"Аман,достасигимерите.Народотвинаеба...

    1 Јас лично немам ништо против Талат Џафери да биде министер за одбрана. Особено што човекот е интелектуалец. Чита книги. Плус и го почитува Ацо Шопов. Ни ја читаше неговата “Тишина” додека дискутираше за законот за бранителите. Па инспириран од тишината, потоа со денови како интелектуалец мудро молчеше за да ја одложи расправата за истиот закон.
    Дури и она што го напишаа на Фејсбук страницата на ДУИ дека УЧК дојде на чело на АРМ, го примив како уставна реалност. Луѓето се бореа во 2001 година. Си победија и си остваруваат.
    Особено пријатно бев изненаден дека и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ без збор си го изгласаа предлогот на премиерот. Груевски им кажа дека кандидатот на ДУИ ги има потребните квалификации за тоа место, и на пратениците само тоа им беше доволно. Ич не сакам да се сеќавам што сe некои од овие исти пратеници зборуваа за крвниците пред десетина години. Па и за самиот Талат Џафери. Ама, знаете како рекле старите – Жив човек на сe се навикнува. Плус, убаво е што ние Македонците си имаме селективна меморија. Како пијаниците. Не можам да се каам за нешто што не се сеќавам.
    Значи ДУИ навистина е вистински расадник на кадри. Постојано има вистински човек за вистинско место. Прво командант Вентиљи, кој во 2001 година три месеци го држеше цело Куманово без вода, како Садула Дураку стана министер за земјоделство. А сега командант Форина, кој во 2001 година пукаше во војниците на АРМ и мудро молчеше во Собрание, како Талат Џафери стана министер за одбрана.

    2 Додека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ молчеа, пратениците на ДПА нешто се бунеа против командантот. Пратеничката Мерал Узеири – Ферати праша: “Дали идниот министер за одбрана ќе може, во знак на мултинационалноста, да им стави кечиња на гардистите од АРМ?”.
    Ќе може, зошто да не може. Додека Груевски се инаети со Бранко, Ахмети си брка работа. Беше проблем кога Бесими постави венец на споменикот на УЧК во Слупчане и на тој чин салутираа офицери на АРМ? Беше, ама се заборави. Сега има проблем со Џафери? Се бунат некои ВМРО-вци по социјалните мрежи, ама и тоа ќе им мине. Кај и да е, и предлог за уште една промена на Уставот ќе стигне. Која ВМРО-ДПМНЕ нема да може да ја блокира, дури ни со долги дискусии, ни со мудро молчење. Оти го прифатија деловникот на Александар Николовски и за уставни измени да има ограничување на дискусиите.
    Така што, пратеничката од ДПА која бара гардистите да носат кече, воопшто не е мултикултурна и толерантна. Талат Џафери е за интеграција. Тој на гардистите би им ставил кече. Ама на кечето ќе им аплицира лавче.
    Ова со лавчето и кечето ме потсети на една анегдота од Јапонија. Ги зафатила глобализација и комерцијализација, па иако не го слават Божик, го одбележуваат со купување подароци и со Дедо Мраз. Ама, во еден трговски центар малку ги измешале работите. Го украсиле трговскиот со божикна декорација, на која Дедо Мраз бил распнат на крст. Дедо Мраз ли беше, Божик ли беше, Исус ли беше, Велигден ли беше… Главно да се слави.
    Отприлика како еден изгубен тајландски турист во Скопје. Се сликал пред споменикот на Александар. Нарамил ранец, ставил капа со Сонцето од Вергина и облекол маичка со двоглав орел. И пуштил слика на Фејсбук – Поздрав од Македонија.

    3. Всушност, Талат Џафери воопшто не е проблем. Проблем е што од 2001 година до денеска ниту една власт не ги испочитува бранителите. Тие што се бореа против командант Форина, бранејќи ја Македонија.
    Сега е уште поочигледно дека историјата ја пишуваат победниците. За жал, во 2001 година Македонија не беше победник. А во верзијата на историјата што ја пишуваат победниците најголеми душмани излегоа Јохан Тарчуловски, генералот Стојанче Ангелов и другите што загинаа или беа ранети, додека најголемите патриоти херојски се сончаа на плажите на Халкидики. Бидејќи бранителите излегоа душмани, затоа и ги деградираа. Не само што ги деградираа туку и парите за обесштетувањата за раните мораа да ги вратат.
    Затоа УЧК и треба да е на чело на АРМ. За ако не дај Боже затреба, утре никому да не му текне пак да ја брани Македонија.
    Така што сега имаме и продолжение на вицот за Македонецот и кубурот. Досега го чувавме скриен во пазуви. За секој случај. Сега ќе го закопаме во земја. Да не пукне, па самите да си се отепаме.

    4. Два дена откако Талат стана министер, во непокорното Мислешево, во Струшко, се случи херојски чин. Главна вест во сите медиуми беше дека на приватен имот бил дигнат јарбол со македонско знаме. И покрај тоа што локалната власт, која е од ДУИ, го забранила јарболот. Македонците потоа играа оро околу јарболот и пиеја лута ракија. А ДУИ, во духот на мултикултурализмот и почитување на законите што сами го промовираа, ги пуштија Македонците да играат оро.
    На Марс да поставевме македонско знаме, немаше толку да се радуваме, како што се радувавме во својата земја.
    Да бевме толку големи патриоти, во моментот кога Општината забрани јарболи со македонски знамиња, во секој двор ќе осамнеше по едно македонско знаме. Ама поарно што не сме толку големи патриоти. Оти после ќе проработеше и македонштината. Ќе се скараа комшиите. Ќе си ги мереа јарболите. Кому му е поголем.

    5. Отприлика слично како што јарболите си ги мерат Никола и Бранко. А овие од странство, ту со писма, ту со посета, ту со телефонски разговори ги убедуваат: “Аман, доста си ги мерите. Народот ви наеба”.
    Најголема криза во политичкава криза е што странците од македонските политичари бараат сами да најдат решение. А нашите политичари не се навикнати сами да си ги решаваат проблемите. Навикнати се да добијат готови решенија од Брисел и од Вашингтон. И потоа да се жалат: “А бе ова не е најдобро решение, ама странците така бараат”. Тие да владеат, а друг да ја носи одговорноста.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари