КОНСПИРАТИВНА ПАРАНОЈА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:62:"Фолкфест:"Гоцевонашитебубрези"

    1. Како што ние мислиме дека во Германија насекаде тече мед и млеко, така и тие мислат дека ние тука сме најцрн вилает. И така некако се разбираме. Таков впечаток добив по двонеделниот новинарски семинар што го организираше Владата на Северна Рајна Вестфалија.
    Веројатно за да ни ја потврдат тезата за медот и млекото во неограничени количества, домаќините нé сместија на краварска фарма. Во “центарот на Запа­дот”, како што ја рекламираат својата земја, на два километра од првото село, на десетина километри од градот Зост, што ние нагалено си го викавме Крива Паланка, и на педесетина километри од Дортмунд. Образложението беше дека ние сме дојдени таму да учиме. Само што случајно не сме агроинженери, туку новинари.
    Она што најнепријатно ме изненади е тоа што професорите кои ни предаваа, по искуството што во истата таа фарма го имале со новинари од Литванија и Белорусија, мислеа дека ние тука буквално пиеме мастило, штом нé прашуваа дали знаеме дека вестите се пренесуваат сателитски и доаѓаат на компјутери. Накрај, се надевам и тие научија нешто од нас, барем дека не сме од Белорусија, кога веќе сите заедно, без критериум, нé туркаат во бившиот источен блок. Додуша, тие коректно си ја завршија својата работа, па дури и нé жалеа кога видеа каде сме сместени. На пример, за да не бегам од часови, уште наутро, веднаш по станувањето, ѝ пишував порака на собарката да не го отвора прозорецот. Преведу­ва­чот ме подучи да не додавам и зошто – дека смрди на кравја белега. Да се зборува за тоа во Германија, не било културно.
    Којзнае што им стана на Германците, па накрај заборавија да нé соберат и да нé однесат на аеродром. Кога им се јавивме во централата во Диселдорф, ни рекоа дека тој детаљ го изумиле, па моравме сами да ги вртиме телефоните на локалното превозничко претпријатие. Работата пак ја спасија наши луѓе. Среќа што летавме со “Авиоимпекс”. Авионот доцнеше четири часа во поаѓање, па тоа што задоцнивме на аеродром не остави поголеми последици. Освен што нивната претставничка нé искара зошто доцниме, а потоа продолжи со новинарски курс, зашто сме пишувале лошо против македонските авиокомпании. Целата занесена, заборави да ни соопшти дека багажот нема да стигне во Скопје заедно со нас. Дури тука дознавме дека тоа било вообичаена процецура.

    2. А во Скопје – СИДА. Работата е толку сериозна што за тоа расправал и еден куќен совет во скопската населба “Кисела Вода”. А државата, по самоуправ­ни­от принцип уште молчи. Ги чека иницијативите од базата.
    А базата – во параноја. Цело Скопје зборува за заразени од вирусот на СИДА. Се споменуваат имиња, кафеани, професии… Полицијата ги водела “сомнителни­те” на тестирање… И сите се зачудени. Замисли, сидата не ги напаѓала само хомосексуалците, проститутките и наркоманите! Туку и бизнисмени. И полицајци. И новинари. И манекенки. Ауу… Мора да се педери! Особено манекенките.
    Кај нас за СИДА се зборува, и тоа официјално, само на 1 декември, на светскиот ден на борбата против оваа болест. И тоа на начин кој сугерира дека тоа се случува некаде далеку и само на луѓе кои “тоа го заслужуваат”. За сите овие години државата не само што молчи, туку не најде за потребно да плати една асална ме­­диумс­ка кампања. Парите не се оправдание. И онака сé се краде од Запад, па може да се украде и еден соодветен спот. Тоа барем не би било грев. А Македонската теле­ви­зија дури и на 1 декември се срамеше да ја емитува снимката од Париз, кога илјадници луѓе навлекоа џиновски кондом на плоштадот “Конкорд”. Целата фама што сега се шири во вид на афера низ Скопје само најпластично покажува како неодговорниот “конспиративен” однос на државата придонесе една крајно сериозна тема да се одметне од контрола и да се завиткува со предрасуди.
    Кога ќе дојдеме до ситуацијата, наместо: “Што си во хороскоп”, најпопуларно прашање да стане: “Дали си тестиран”, ќе може да зборуваме дека и кај нас, конечно, станало јасно дека СИДА-та може да му се случи секому. Колку подоцна тоа се случи, толку поголема е веројатноста дека во Македонија допрва ќе се умира од СИДА.

    3. Како што се одвива расправата во Собранието за Законот за попис – и тоа пазарно ориентирана, што ќе рече: Европа вели, прво закон па пари, а ние велиме прво пари, па закон, накрај ќе излезе – ни закон, ни пари.
    Извесно е само дека бројот на Албанците ќе биде два милиона.

    4. Кога Гоце рекол дека го разбира светот како поле за културен натпревар на народите, сигурно ни накрај памет не му доаѓало дека неговите потомци тоа ќе го сфатат како натпревар на глупоста. Имаме фестивал на родољубива песна: “Гоце фест” и уште еден ист фестивал: “Гоце во нашите срца”.
    Полето за мегдан сé повеќе се шири. Во напливот на патриотизам и алчноста за собирање на пари, вгодина ќе биде организран фестивал “Гоце во нашите бубрези”. Левоориентираната публика ќе ја полни салата на “Гоце во левиот бубрег”, а десно ориентираната “Гоце во десниот бубрег”. И така Гоце ќе се симнува сé подолу од срцето.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари