КУЛТУРНО ДАВEЊЕ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:110:"Господданéчуваодсрпскотојунаштвоихрватскатакултура

    1. Убиј ме нежно. Само, внимавај при тоа да се види духот на илјадалетната хрва­тска култура. Со давење, пред очите на целата светска јавност за пример како се негуваат традициите на вековното пријателство меѓу македонскиот и хрват­скиот народ. Нека биде тивко, со помош на голите суверени хрватски раце и со благослов на државно-правниот поредок на Република Хрватска. Потоа најкул­турно и најцивилизирано, како што тоа се прави во модерниот свет, ќе пристигне телеграма со сочувство од врховниот Фрањо Туѓман.
    Крлежа ја предвидел гнасната смрт на Сашко Гешовски. За жал, и ние дури деновиве најтрагично доживеавме што значи неговата реченица: “Господе, чувај ме од српското јунаштво и хрватската култура!” И колку и да нé убедува претсе­дателот Киро Глигоров дека “Сашко е првиот војник што падна за слободна и независна Македонија!”, нема да ми биде никогаш јасно, зарем мораше Македонија да се брани во Сплит? И мораше ли токму македонска крв да ги означува границите меѓу мегаломански замислената милошевиќевска Србија во која ќе живеат сите Срби и Туѓмановата Независна држава во која на Србите им се наметнува хрватсвото со сила?

    2. Најдобар коментар за хрватската култура и српското јунаштво деновиве дава Европа. На ТВ каналите вестите за состојбата на Југославија се најавуваат со визуелна вињетка на која е напишано “Граѓанска војна”. Но, уредниците и новинарите упорно зборуваат за етнички судири. Што асоцира на скарани пле­миња. И со тоа не само што ни кажуваат дека уште долго нема да нé примат во своето друштво, туку не се ни трудат да нé жалат, бидејќи се работи за сосема нециви­лизирани луѓе кои меѓу себе се пресметуваат на крајно примитивен начин. На пример, со давење. Или пак со вадење очи.

    3. Југославија се подготвува за граѓанска војна, а македонскиот парламент – спие! Така вели вечно будниот пратеник Тодор Петров и безуспешно му ѕвони за будење на претседателот на Собранието Стојан Андов, да побрза и конечно да ги стави на дневен ред сто и педесетината предлози на Петров за нови закони и уште пет-шестотини амандмани на постојните. Потоа да отвори расправа и да му даде време за дискусија од два-три дена, а останатите пратеници постојано да ги буди со ѕвонче. Да не спијат повеќе, зашто Тошо ја решава судбината на Македонија.
    Југославија се подготвува за граѓанска војна, а македонското собрание уште не донело закон за легализирање на проституцијата и отворање на јавни куќи. Кога го предлага овој закон, Тодор Петров веројатно има на ум дека во војна на војниците ќе им треба разонода. Особено што и политиката, како најголема курва, штом е војна во прашање, ќе мора да се скрие.
    Во меѓувреме, додека да почне војната, јавните куќи ќе служат за мирно­временски потреби. Портир ќе биде лично Тошо, затоа што како вечно буден, на штрек ќе ги пречекува возачите од соседна Грција и ќе им проверува дали добиле виза за влез во Југославија во дипломатските претставништва во Солун или Атина, или пак визата им ја издал лично Слободан Милошевиќ на преминот кај Дими­­тровград. Македонските проститутки ќе можат да работат само со тие што го почитуваат реципрочниот визно-пасошки режим и со тие што ја признаваат сувереноста на македонската држава.
    Ако и покрај сите проверки заскита некој возач со виза од Димитровград, ќе биде приведен во посебна соба за садо-мазо третман. Ќе им ги пушта снимките од своите дискусии во Парламентот.

    4. Ако пак некој заскита викендов на излет по падините на Скопска Црна Гора, нека се подготви за свечен пречек на четниците на Воислав Шешељ. Тој и неговиот другар Мирко Јовиќ веќе се фалат дека ќе ни пристигнат во посета. Подготвени за масовна одмазда. Затоа што во српското собрание веќе се сериозно загрижени за илјадниците насилно македонизирани Срби.
    Во Македонија на десет метри од нивниот стан немаат трафика во која можат да купат весник на српски јазик. А во книжарниците не можат да пронајдат книга отпечатена на српски јазик. Децата им учат во училишта со српски паралелки, ама на одморите мораат да се мешаат со Македончињата од другите одделенија. Во самопослугите пак крвожедните касиерки секое утро до смрт ги претепуваат, затоа што и по десетици години живот во Македонија не сакаат да побараат ни леб на македонски јазик. А на телевизија пак не можат да видат ниту една забавно-музичка емисија со српски песни и српски актери. Па сега бараат наместо претплата за МРТВ да плаќаат претплата за Радио-Телевизија Белград.

    5. Класичен пример за вест во низа деновиве ни даде ЈНА. Прво јави дека загинатиот војник е Македонец. Потоа јави дека и ранетиот е Македонец. Другиот ден извести дека и давениот нишанџија е Македонец. Потоа – и возачот е Маке­донец. Потоа – цел екипаж Македонци. Потоа – повеќе од 50 од сто во единицата што ја обезбедувала зградата во Сплит – Македонци.
    Се чека веста дека во ЈНА служат само Македонци и изјавата на адмирал Стане Бровет дека повлекувањето на македонските војници би водело кон републички армии.

    6. Во Скопје, пред некоја вечер, повторно на митинг се слушна паролата: “Чиста Мкедонија!”. Овој пат надлежните органи навреме реагираа. “Комуналец” веднаш ги изми улиците.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари