ЛОКАЛНО СВЕТСКИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:154:"ЖивототнамакедонскиотМакедонецвредиколкучетириоброцинасветскиотМакедонец

    1. Не сум знаел дека Тодор Петров бил толку значаен човек во државата, што највисокото законодавно тело три дена се занимава со него и, уште постраш­но, има намера да продолжи и идната недела. Гевгелискиот пратеник, дури и да платеше, ни на сон не можеше да си замисли ваква ексклузивна промоција и пропаганда на неговиот Светски македонски конгрес. Таман подзаборавивме на неговото спектакуларно деби пред неколку години (тогаш во улога на претсе­дател на гевгелиските занаетчии и малостопанственици), кога неколку дена ја блокираше границата со Грција, кога, еве ти ги, Парламентот и Владата повтор­но нé потсетуваат на неговите капацитети. Со право. Човекот во меѓувреме напредувал, па наместо на локално, сега дејствува на светско ниво. Си прави светски конгрес.
    Ако мислеше државата дека на овој начин најсликовито ќе му покаже на светот дека официјалната политика ја осудува програмата на Петров, тогаш работата ѝ била бадијала. Ниту светот се потресе за територијалните претензии на амбициозниот пратеник, ниту Грција ќе престане да нé обвинува, ниту пак некој сериозен во државата ќе се изнасекира поради вообичаените караници во Собранието. Единствен ќар пак видоа само пратениците. Ем создаваат привид дека нешто работат, ем дневниците им течат, ем пак ги нема во салата. Се разби­ра, апсолутен победник е Тодор Петров. Којзнае, можеби конгресот немаше да му помине грандиозно, како што си го замислил, ама сега, по толку агресивна реклама, спонзорирана директно од Владата, плус збогатена со пропагандните слогани на министрите за внатрешни работи и за одбрана – дефинитивно нема утеха. Тодор Петров ја оствари целта. Повторно е главна личност во Македонија.

    2. Ќе си умрам од мака, затоа што и самиот, благодарејќи на атмосферата што ни ја создадоа државните органи, морам да се занимавам со Петров. Инаку, ни на крај памет не ми паѓаше да помислам на светските македонски конгреси. Искрено, многу се лутам кога некои големи Македонци од преку седум мориња се обидуваат да ни ја кројат судбината и да ни советуваат како да се однесуваме. Ќе бидат неколку дена жестоко патриотски расположени, ќе пеат македонски песни, ќе им се закануваат на Грците, на Србите, на Бугарите и на Албанците со невидена храброст и после ќе седнат во авионите и веќе другиот ден ќе се затворат по тамошните железарници, рудници, сервиси, фарми и сета храброст со која ќе го освојуваат Солун и ќе ги протеруваат Албанците ќе им се загуби пред некое тамошно локално шефче, од кое им зависат дневницата и работното место.
    Во исто време ние тука ќе продолжиме да се потресуваме ако Грците макар и еден ден ни ја блокираат нафтата, ќе се радуваме на некој денар повеќе ако фирмата успее да обезбеди пари за К-15, ќе умреме од радост ако успееме да најдеме агенција што ќе ни понуди летување во Охрид на што повеќе рати, ќе пресметуваме колку можеме да влеземе во минус со заостанатите чекови…

    3. Во документите за конгресот Тодор Петров запишал дека “секој учесник (акредитиран претставник-пратеник) во Конгресот е должен да уплати котизација од 150 американски долари, односно 240 германски марки на банкарската сметка на Светскиот македонски конгрес… …Со овие средства се обезбедени, односно платени, ручек и вечера за 7 и 8 август 1993 година и се покриваат материјалните трошоци за одржување на Конгресот”.
    Со парите за два ручека и две вечери на конгресмените кај нас треба да преживее едно четиричлено семејство цел месец. Некогаш и повеќе. Тргнувајќи од историската вистина, дека со тие пари може да преживее некое суштество со занемарливи потреби, се стигнува до заклучокот дека Македонците се директни потомци на амебата. Така што откритието на Тодор Петров, дека “македонската држава била постара 38 години од Атина и 61 година од земјоделско-занаетчиската заедница Рим”, за Македонците од сегашната држава, на кои животот им вреди колку два ручека и две вечери на светските Македонци, не е којзнае колку потре­сително.

    4. Пред некој ден бев сведок на една сцена во амбуланта, при што родителите на едно девојче мораа да платат за инјекција затоа што немаа зелени картони. Ете, дојде време децата чиишто родители не примаат редовно плата, па не им следуваат зелени картони, да не можат да си го остварат своето право на бесплатно лекување.
    И – што им останува? Најдобро ич да не се разболуваат. Ама, дете како дете, од каде да знае како да се однесува во согласност со финансиските можности на фирмата на родителите? Останува следната варијанта. Децата да се откажат од своите родители.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари