МАЛИ ОГЛАСИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:143:"ЗаконотзазнамињатананационалноститеќеважиизаАмериканцитенаКриволак

    1. “Продавам земјиште, од околу 22 илјади хектари, погодно за воени вежби и стационирање трупи во близина на река и со извонредна железничка комуникација. Заинтересираните да се јават во Агенцијата за продажба на недвижности, во Министерството за одбрана на Република Македонија. Шифра:  Криволак”.
    Не знам дали еден војнички џип на којшто беше испишано СФОР, што го видов деновиве на една главна сообраќајница во Скопје беше во функција на разгледување на земјиштето, ама дефинитивно сум убеден дека на ваква агенција треба да ѝ се верува. Главниот агент за недвижнини Лазар Китановски сé уште не беше седнал на работното место во Скопје, а веќе отрча во Европа да продава земјиште. “Аман, земете го Криволак!” им рече на министрите на земјите – членки на НАТО и Партнерството за мир, што се беа собрале во Брисел на некаков состанок, за кој нашите луѓе помислиле дека е берза на недвижнини.
    За да може да постигне поголема цена, нашиот воен министер побара и интервенција од претседателот на Републиката Киро Глигоров. За да му помогне на  новиот министер во зделката, Глигоров му кажал два-три убави збора на Клинтон, ама по сé изгледа ни таа интервенција не помогнала. Ете, портпаролот на Стејт департментот Николас Барнс изјавил дека иако понудата на Глигоров била широкограда, приоритетите на САД се да си ги вратат своите војници дома. Остана Криволак непродаден.
    Од официјалните соопштенија што ги примавме од разговорите на претседателот Глигоров за време на посетата на Вашингтон можевме да заклучиме дека Американците најмногу се интересирале за Албанија, Босна и за националните малцинства. Така што, агенцијата за недвижности во Министерството за одбрана направила погрешна проценка. Место Криволак, на Клинтон требаше да му се понуди дел од Западна Македонија. Ионака наскоро ќе ја немаме и без продажба. Не не бива за трговци. На Американците им даваме земјиште, а тие нé одбиваат затоа што не сме им биле приоритет за трошење пари. На Албанците не им даваме, а тие сами си земаат.
    Од тука логично е да побараме и кај нас да дојдат силите на СФОР. Затоа што такви сили доаѓаат после војна. Прво имаме УНПРЕДЕП како превентива. Потоа ќе ни дојдат СФОР. И на крај логично е тука да ги собереме и силите на УНТАЕС од Хрватска. Тие се сили за мирна реинтеграција на окупираните подрачја од државата. Како тргнале овие од ПДПА во западна Македонија и нам ќе ни требаат сили за реинтеграција.

    2. Би можеле Американците да дојдат во Криволак и таму да посадат домати. Ќе ни требаат за кечап за сендвичите на Мекдоналдс. Редно беше и тие нешто да инвестираат во Македонија. Глава не можеме да кренеме од ова европејците. Кај и да се свртиш само странски инвестиции. Нé преплавија Германци, Французи и Италијанци со марки, франци и лири. Дајте малку да видиме и долари.
    Го послушаа Американците нашиот претседател, се засрамија што заостануваат зад Европејците и ни испратија човек од Белград да ни отвори ресторан за брза храна.  Ако се суди според тоа што прес конференцијата со најавата за ресторанот започнала на српски јазик, наскоро во Скопје ќе се отвори филијала на белградскиот Мекдоналдс. Велат дека за почеток повеќето материјали за подготовка на хамбургерите ќе пристигнуваат од Србија. Тоа ќе се случува во преодниот период, додека повторно не станеме иста држава. Мекдоналдс гледа перспективно. Зошто да ги дуплира капацитетите. Од таму ќе стига месото, тука ќе се обезбеди евтина работна сила. А ние ќе бидеме среќни и задоволни само затоа што конечно и кај нас ќе се отвори Мекдоналдс.

    3. Дали Законот за употреба на знамињата на националностите ќе важи и за Американците на Криволак? Не се знае затоа што Владата одолговлекува со спроведувањето на одлуката на Уставниот суд. Да донесеше на пример Уставниот суд одлука Владата под итно да го смени возниот парк со уште полуксузни автомобили, сигурен сум дека одлуката на Уставниот суд ќе се испочитуваше веднаш.
    Вака, Уставниот  суд и Владата на Република Македонија се скараа затоа што Владата не ја спроведува одлуката на Судот за забрана за истакнување знамиња на туѓи држави. Министерот за правда Ѓорѓи Спасов најави дека Владата нема да интервенира со симнување на знамињата додека не се донесе Законот за знамињата на националностите.  Сега допрва Законот ќе влезе во процедура, па ќе се додаваат амандмани, па нема да има кворум, па ПДП ќе се закани дека ќе го напушти Собранието, па ПДПА ќе организира уште некој митинг “во одбрана на албанското знаме” и така сè  додека не профункционира “Илирида”. А потоа веќе ќе биде доцна бидејќи Владата ќе мора да води сметка за реалноста.

    4. По испробаните методи на нашите идоли од север и државата Македонија воведе данок за влез и излез од земјата. Во иднина секој граѓанин што сака да влезе или излезе од државата ќе треба да плати по 30 денари, плус за возилото. Ова било за користење и одржување на објектите, инсталациите и платото на граничните премини.
    Се досега мислев дека преку разните давачки што ни ги собира државата сме плаќале и за граничните премини. Ама изгледа во буџетот ептен нема пари, па ни измислуваат и вакви небулози. Освен тоа, од каде ќе се најдат пари за враќање на оштетените штедачи, ограбените пензионери, промашените инвестиции со пругата кон Бугарија и гасоводот. Мислев и дека со плаќањето на бензинот и таксите за регистрација на возилата дел од парите оди и за патната мрежа, ама не сум знаел дека асфалтот на граничните премини не спаѓа во таа патна мрежа.
    Со оваа мерка конечно сите сме еднакви. До сега плаќаа возачите, а не плаќаа пешаците. Бидејќи не се најде ниту еден паметен да донесе закон да се плаќа данок  за немање кола, ова е идеално решение.  Од сега ќе плаќаат и тие. Што мислат, да одат пешки по улица да го трошат асфалтот и тоа ништо да не ги чини? Е, нема да може.

    5. Екипата на претседателот Глигоров за време на неколкудневниот одмор во Калифорнија му организирала посета на фабриката за авиони “Мекдонел Даглас” и му го покажале авионот што на старо го купил “Авиоимпекс”. Се дознава дека придружбата на претседателот особено внимание посветила на просторот за багаж. Инаку, овојпат сé било добро испланирано. Се работи за авион од типот “МД 80”, произведен уште во 1981 година. Бидејќи претседателот Глигоров има 80 години го гледал авионот “МД 80”. Да имаше 88 години, компанијата ќе купеше авион од типот “МД 88”
    Кога сме веќе кај превозникот, деновиве се појави реклама дека “Авиоимпекс” продава свечена женска облека, фустани, панталони, костумчиња.. . Дали потпретседателката на Владата Златка Поповска е сигурна дека на број í се сите куфери со кои патуваше во Кина?

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари