МИС СТОН

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:75:"Ставетегиочилата,минутиза"Тутифрути"

    1. Конечно го донесоа Законот за попис. Под закана. И под меѓународна присмотра. Претседателот на Собранието Стојан Андов им се закани на прате­ниците дека нема да ги пушти да си одат дома додека не ја завршат целата рас­права. А сето тоа одозгора, од новинарската галерија го посматраше шефот на експертската група од Советот на Европа.
    Секогаш кога Андов ќе им рече на пратениците дека не ја прекинува седницата додека нешто не изгласаат, тие работат експедитивно. Знаат дека нема мрдање и дека утре нема да мораат пак да доаѓаат по своите дневници. Овој начин на работа како експеримент беше воведен при расправата за Уставот, кога, за да не испопа­ѓаат во несвест, многумина си ги повлекуваа амандманите. Бидејќи и пописот е од големо политичко значење, Андов реши тој експеримент да го повтори.
    На истата седница многу се зборуваше за експериментирање. Така и пратеникот Цветан Јовчевски, по подолга пауза забележа гранде враќање на собра­нис­ка­та сцена со есеј на тема “Европските експерименти”, со посебен осврт на експериментирањето врз македонскиот народ. Од Цветан дознавме дека Евро­па, која постојано експериментира и на коњите им става зелени очила, за сеното да им се гледа како трева.
    Ова со очилата е добра прилика и државната телевизија да размислува за експериментирање во програмата, по угледот на приватната “А1”, што ни пушта сликички во трета димензија и ни продава очила за тродимензионално следење на програмата. Минутите за трета димензија на “А1” се резервирани за еротско-забавниот квиз “Тути фрути”. Не би било лошо Македонската телевизија, како сериозна куќа, во трета димензија да ни ги емитува јунаците од Парламентот. Само, да не почнат и тие да ни се соблекуваат, на пример, по секое гласање. Кој ги знае. Кога се на говорница се забораваат, небаре се најголеми ѕвезди. Од кај да знаеш што сé може да им истекне, кога е во прашање политичкиот маркетинг. Па наместо оној здодевен телоп “Директен пренос од Собранието на Република Македонија”, ќе оди “Тути фрути во сериозна варијанта”. Па и коментаторите на МТВ ќе треба да внесат малку повеќе жештина и страст во своите јавувања на централниот дневник.

    2. На кого му е жешко, се лади со вода. Како во југословенскиот парламент. Та­му спикерот на Долниот дом го полеваат со вода.
    Во иднина Андов треба да внимава кога ќе рече дека е топло во салата. Можеби некој добил инспирација гледајќи ги снимките од Белград. Како што веројатно и тие ја добиле, гледајќи ги нашите снимки. Кај нас Мухамед Халили само ги спушти микрофоните. Таму Шешељ ги откорна.
    Според старите обичаи, кај нас се истура вода за некому да му тргне работата. Само што нашиве пратеници ништо не ги помрднува, па таман и цел Вардар да се излее во Собранието.

    3. Гледам водата ја обожаваат и мировните посредници во Босна и Херцего­вина, лордот Дејвид Овен и Торвалд Столтенберг. Си се сончаат на некоја тераса над вештачкото езеро кај Зворник, си потпивнуваат кафенце и си муабетат со Радован Караџиќ.
    Ех, што ти е времето. Се менува додека да трепнеш. На почетокот ги гледавме само во панцирни елеци и понекогаш со шлемови на главите. А сега работава им стана чиста уживанција.
    Па и лордовите не се веќе тоа што биле. Овој, босанскиов, ја распетлал кошулата, ги подвратил ракавите до лактот… Му требаше уште златен синџир околу вратот, со православен крст на градите и белегзинче со изгравирано име, па сосема да заличи на локалните шизици. Ама, како што си трае војната, има време, ќе ги набави и тие реквизити. Следниот пат ќе го видиме во гаќички за капење на некоја српска плажа на српското море, некаде во Далмација.

    4. А што друго и им преостана? Французите, со едно чудо војници на теренот, дозволија Караџиќ да им ги држи во заточеништво хуманитарните работници цели четириесет дена. На крајот, за да ги ослободи, им побарал 44 илјади долари. Французите си платија без да трепнат. Небаре ги испратиле своите луѓе во пакет-аранжман на туристичко патување. А на дочекот во Париз направија голема фешта, на чело со министрите за одбрана и надворешни работи.
    Караџиќ измисли одличен рецепт како да им извлече пари на Европејците и покрај санкциите на ОН против Србија. Може да го искористиме и ние, кога веќе и покрај сите ветувања и почитување на санкции и грчки ембарга, не добивме пари да се оправиме. Да киднапираме и ние некој Французин. Глупаво е да се ризикува со Американец. Не знаеме како ќе им реагира војската. Може ќе го ослободат без да ни платат. А со Французите нема гајле. Ем плаќаат, ем немаат вој­ници тука, ем и да имаат, видовме како си ги ослободија своите во Босна.
    Само, јас сум сепак за почитување на нашата богата револуционерна традици­ја. Значи, треба да киднапираме некоја Англичанка. Некоја – Мис Стон. Иако мо­мент­от за продолжување на традицијата не е баш најповолен. Британија најдоследно ги спроведува одлуките на ЕУ за доделување хуманитарна помош. Наместо да ни платат во кеш, кога ќе ја преземат Мис Стон, ќе ни компензираат со нафта.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари