МОДНИ ДИКТАТОРИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:80:"Дубровникќебидесрпскиилинемадагобиде

    1. Главниот моден правец според кој ќе се облекуваме во сезоната есен-зима го трасираа диктаторите од Белград. Најголемите српски, а со самото тоа се подразбира и – светски модни куќи, за претстојната сезона ни препорачуваат “милитару стуле”.
    Пред два дена, во луксузното здание на некогашната Палата на некогашната Федерација во Белград, модните диктатори “Костиќ & Костиќ цомпану”, “Јова Босс Лимитед” и “Мистер Бинго” ги претставија најновите модели. За ревијата беа одбрани моментно најпознатите ТОП-манекени: Кадиевиќ, Аџиќ и Бровет. Ако се суди според воодушевувањето со кое публиката ги прифати креациите, може да се предвиди вистински БУМ на југословенскиот пазар.
    Модните критичари забележуваат мало застранување од досегашниот пристап во креирањето на познатите српски диктатори. Така, куќата “Костиќ & Костиќ цомпану”, наспроти досегашниот препознатлив имиџ на куќа што облекува главно љубители на корења и друга здрава храна, сега ја прифаќа цврстата војничка линија и заговара скалпирање, на истиот начин како што препорачуваше креаторот Мистер Југослав кога ги повикуваше вљубениците во неговиот моден стил да го линчуваат Анте Марковиќ. Мистер Сејдо Томбола, успешен бизнисмен од косо­вополската модна империја “Мистер Бинго”, во приближувањето кон “милитару стуле” го исфрли детаљот на искривена вратоврска врзана на незапетлана кошула и препорачува остар мажествен стил – распетлана војничка униформа до папок, со многу влакна на градите, под кои е истетовирано “Успомена из ЈНА” и со дис­кретни додатоци во вид на шишиња со црногорска комовица и откочена полу­автоматска пушка. Пред таков модел ќе воздивнуваат сите патриотски опре­делени госпоѓи и госпоѓици на териториите на кои славната армија се чувствува своја на своето. Некои од возбуда дури можат и да паднат. Мртви! Единствено поимот за сериозно облекување “Јова Босс Лимитед”, по сугестија на главниот спонзор Мистер Милосевиц, реши да не отстапува од првобитната кројка. Тој е за чистење и чешлање. На теренот. Така исчистени и исчешлани и модерно облечени ќе можеме да влеземе во новата држава. Ќе биде тоа вистински мод(ер)на федерација.

    2. Колку да нема недоразбирање зошто фирмите ги пишувам според Вук Караџиќ. Ќе ви ја цитирам генијалната мисла на министерот за образование на Србија Данило Ж. Марковиќ: “Кирилицата е поубава и попрактична за компјутери отколку латиницата!”

    3. Случајно бев сведок на една улична караница на неколку дечиња од 6-7- годишна возраст. Којзнае зошто ја беа прекинале играта, кога едно дебело мрсу­лаво му се закануваше на друго, помало и послабичко од него, со зборовите: “Ќе те размавам како Дубровник!”
    Не видов што потоа се случи. Вечерта слушнав дека “ослободителите” на Дубровник порачуваат дека древната тврдина Пиле нема да ја третираат како културно наследство, туку како усташко гнездо. Дубровник се спаси од сите можни варварски наезди и војни, го оставија и италијанските окупатори, но “народната” армија нема да му прости. “Дубровник ќе биде српски, или нема да го биде!” би рекол во препознатлив стил врховниот командант на таканаречената ЈНА. “То вам ја гарантујем!”

    4. Исто како што Дубровник од културно наследство се претвори во усташко гнездо, и саканиот и многу почитуван врховен командант и маршал Тито стана најголем злосторник. Колку што мене ми е познато, армијата не ја демантираше веста дека ССНО издал наредба од касарните и воените објекти да се извадат сликите и другите одбележја со ликот на Тито и ниту една касарна да не го носи неговото име.
    Значи, кога за неколку дена новите регрути во скопската касарна “Маршал Тито” ќе полагаат заклетва, може да очекуваме армијата да приреди двојна свеченост. Покрај заклетвата ќе биде промовирано ново име на касарната. Ќе се вика “Краљ Петар”.
    И уште нешто. Ајде да погодуваме кој ќе му салутира денес на белградскиот аеродром на престолонаследникот Александар Караѓорѓевиќ кога ќе допатува во својата “историска мисија”. Кадиевиќ или Аџиќ?

    5. Потпретседателот на Собранието на Србија Павиќ Обрадовиќ во интервју за “Борба” нé извести дека “историски интерес на Македонија е да се приклучи кон “Белградската иницијатива”. Што би се рекло – кон Србославија. Ако не сакаме, тогаш ќе ни го земе Кумановското Поле и Скопска Црна Гора. Не знам дали рафинеријата во Миладиновци според завојувачките планови на српската политика спаѓа во Кумановското Поле, но штом српските нафташи пристигнаа во Скопје да се договараат за заеднички вложувања со скопската рафинерија и “Макпетрол”, и тоа без присуство на новинари (освен на телевизија, зашто сакаат да се сликаат), можеби и рафинеријата им влегува во границите на модерната федерација. Во соопштението од средбата се вели дека “соработката е од заеднич­ки интерес за двете републики”. Ние на нив бензин и транспорт на нафта од Солун, а тие нам – српски резервисти и “ослободители на Куманово”.

    6. Ни прашањата од читателите на нашата редовна рубрика “Дежурен телефон” не се она што беа. Деновиве еден се интересираше: “Кој авион е побрз – “Миг 21” или “Миг 29”?

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари