МОЛОТОВ КОКТЕЛ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:86:"Културатаимгиизгорефотелјитенаминистрите

    1. Сите паѓаат во несвест. Кој од прегладнетост, кој од прејаденост. Во Кума­ново некои работници штрајкуваат со глад. Во Скопје не може да се стигне да се присуствува на сите коктели. Не знаеш што е попровокативно за снимателите на телевизиите. И не знаеш што е позначајно да оди како прва вест во ТВ дневниците. Шишињата со инфузија што висат од некои стари закачалки или шишињата виски покрај разно-разни специјалитети на белите чаршафи?
    Тоа ти се вика новогодишен коктел. Слика и тон од приемите на партиите и слика и тон од прес-конференцијата во Заводот за статистика. Па имаш, ред морска храна, ред податоци за натамошниот пад на производството. Ред ситно измешано мевце, ред податоци за зголемување на бројот на невработените. Ред ситни колачиња, ред податоци за зголемување на трошоците за живот. И така сé по ред.
    Важно е дека повторно профункционира владината коалиција. А богами и вонпарламентарната опозиција покажа чувство за овој историски момент. Сите си се посетуваа меѓусебно. Најдобро се дружат покрај јадење и пијачка. Во заедничката куќа, јадење и пиење за сите нас. Сите заедно – на коктел. Сигурно!
    Впрочем, во животот сé е релативно. Од лошо, секогаш може да биде и полошо. А од добро – подобро! Новата година ќе им дојде и на штрајкувачите во Куманово и на коктелџиите во Скопје.

    2. Камо среќа и во новата година да имаме што повеќе коктели. Не мора да се чека само на Нова година. Може да има роденденски, јубилејни, премиерни и не знам уште какви коктели. Сите коктели се убави. Само да нема молотови коктели. Тогаш, новата година ќе ни биде – бомба.

    3. Претседателот на Собранието Стојан Андов приреди новогодишен коктел за акредитираните собраниски новинари. Коктелот беше во свечениот дел од Со­бра­нието. Поточно, во свечениот ходник, помеѓу свечените сали.
    Ова е веќе втора година како во Собранието за новинарите се приредува коктел во ходник. Веројатно затоа што новинарите брзаат. Секогаш се на поминување. Освен тоа, во ходник најубаво се чувствуваат. Природно. Поголе­миот дел од работата го поминуваат во чекање пред некакви врати.
    Претседателот на Собранието во новогодишната порака ни порача и идната година совесно и критички да се осврнуваме на работата на државните органи. Затоа ние сега совесно и критички го прашуваме премиерот Бранко Црвенковски зошто и тој не приреди коктел за новинарите. Во зградата на Владата барем има ходници колку што сакаш.
    Еве во што била работата. Не дека Бранко нема соодветен свечен ходник како што има Андов. Туку, не сакал новинарите да прават кулоарски муабети за работата на Владата.

    4. При расправата за буџетот за идната година, собраниската комисија за кул­тура успеа да се избори за дополнителни 30 милиони денари за греење на институциите на културата во внатрешноста. Овие пари ќе се земат од пред­видените 50 милиони денари за опрема со мебел на органите на управата. Така, сега министерствата ќе останат со само 20 милиони денари за обнова на мебелот.
    Направена е голема грешка. На културата не треба да ѝ се даде ни денар, а министерствата треба да си се опремат како и што беше предвидено. Ќе си купеа нов мебел. Што ќе правеа со стариот? Ќе го однесоа во внатрешноста и можеа да им го поделат на домовите на култура како огревен материјал. Така сите ќе беа задоволни. Едни ќе ги греат фотелјите, а други ќе се греат од фотелји.

    5. Во старата година Македонските железници прославија нова работна победа. Отпечатен е првиот железнички билет на македонски јазик. Само по четири години откако станавме независна држава, Македонските железници веднаш ги сменија старите билети на кои пишуваше “ЈЖ” и отпечатија нови. Тоа е невидена експедитивност. Чин за гордеење и за историјата. Не за џабе заради тоа беше свикана и посебна прес-конференција.
    Во почетокот овие билети ќе се користат само за домашниот сообраќај. Во странство и понатаму ќе патуваме со “Југословенске железнице”. Затоа што дома не знаеме кои сме, а во странство сите нé знаат.
    Велат дека требало да променат 4500 разни формулари и да ги препечатат на македонски и со знакот “МЖ”. Само, не се тие толку глупави за веднаш да го сторат тоа. Полека. Никогаш не се знае. Можеби пак ќе им притребаат. Не се тие толку брзоплети како државата што побрза уште првата година по осамостоју­вањето да отпечати нови пасоши. Освен тоа, општо познато е дека многу посло­жено е да препечатиш формулари, отколку да отпечатиш нови пасоши.
    Штета што Македонските железници сé уште не решиле да се ослободат од документите со “ЈЖ”. Можеа да ги дадат за потпалување на мебелот со кој ќе се греат домовите за културата во внатрешноста. Така и тие ќе стореа нешто за културата.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари