МРАЧЕН ЕКСПЕРИМЕНТ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:60:"ВоТитовитевилиималаборатории

    1. Спијте мирно. Среќни и задоволни чекајте го 25 мај. Тоа е датумот од кога ќе почнеме да живееме побогат и поубав живот. Така се договорија пред некој ден бан Фрањо и крал Слободан. Најдоцна за два месеца ќе ја решат југосло­венската криза. Роденденот на Тито ќе го дочекаме во благосостојба и блажен мир.
    Тоа што на конференцијата за печат во Сплит и двајцата глумеа дека ништо не се договориле, можеби е резултат на тоа што Милошевиќ не ги признава границите на републиките. А двајцата усреќители на народот се состанале “некаде во граничното подрачје”. Ако се тргне според софизмот на Милошевиќ во стилот: “Книн го прекрши Уставот на Хрватска, затоа што Хрватска го прекрши Уставот на Југославија, значи Книн не го прекрши Уставот на Југославија”, аналогно на тоа: “Милошевиќ и Туѓман се сретнале на границата меѓу Србија и Хрватска, Милошевиќ вели дека границите не постојат, значи Милошевиќ и Туѓман воопшто не се сретнале”.
    Договорот: “Јас тебе Анте, ти мене Книн!” го направиле на некое друго мес­­то. Сега им останува уште заедно со другите колеги да ги прошетаат сите Титови резиденции низ Југославија. За последен пат. После ќе има пасоши, а којзнае, можеби ќе си бараат и визи.

    2. Најлесно му е на Милан Кучан. Веќе му стана сосема јасно дека ризикот на Словенија е многу поголем ако остане во Југославија по вкусот на Туѓман и Милошевиќ, отколку да си ги спакува куферите – па што биде нека биде. Нема поголем авантуризам отколку да живееш со самобендисани народни усреќители. Освен тоа Кучан си има Запад.
    А што да прави нашиот Киро Глигоров? На запад од Македонија е – Албанија.

    3. Лево и десно од македонскиот претседател на средбата со новинарите во Сплит седеа Слободан Милошевиќ и Момир Булатовиќ. Така тој се најде меѓу двете очи во главата. Па мораше јасно да проговори дека без страв и придружба би се прошетал низ Книнска Краина. Којзнае, можеби Момо и Слобо го удирале со чевлите по нозете, под маса. Се плашам само да не го згазнат.
    За Милошевиќ знаеме дека е многу храбар. Не му е страв да се вози во хели­коптер, кога патува на митинзи. Во сопственото Собрание мандаторот на Владата не го предлага лично – туку со писмо. Ако, не дај боже, прочита експозе, веднаш си оди дома. До пред некој ден единствен контакт со новинарите оства­руваше преку своите нежни телохранители… Ама, затоа без придружба ќе оди во Книн и таму ќе се сретне со Милан Бабиќ, кој, ете, е “претседател на сите луѓе и граѓани – таму”.
    Претседателот на “сите луѓе и граѓани” на Македонија Киро Глигоров во Сплит соби­раше храброст да тргне по автономната област западна краина во Македонија, што толку дарежливо и срдечно на Албанците им ја нуди Борисав Јовиќ. Глигоров ќе шета низ Тетово, Гостивар и Дебар без придружба, затоа што мир и сигурност на граѓаните ќе им обезбедува Јовиќ. Ќе биде главен командант за обезбедување во акцијата “свршен чин” и така ќе си ги задоволи своите војнички афинитети.

    4. Сега ми е сосема јасно зошто Милошевиќ и Туѓман својот експеримент за Југославија го правеле во Титовата вила во Караѓорѓево. Затоа што Тито таму има лабораторија. И кога си правел експерименти, ги направил Македонците. Така вели некој Радован Томашевиќ, се претпоставува дека е историчар, во својот “научен” фељтон во списанието “Осмица”.
    Томашевиќ открива дека “Македонците несомнено, според етнолошките критериуми се посебен јужнословенски народ, со многу знаци на самобитност, а македонската нација, сепак, настанала како чедо на авнојско и титоистичко етнолошко експериментирање”.
    Тој вели дека нема докази какви биле плановите на експериментаторот. Ама, знаејќи за Титовата србофобија, србождерство и проверена шиптарска усташо­идност, се претпо­ставува дека експерименталното чудо е создадено да им наштети на и онака напатените Срби.

    5. Што ни подготвуваат народните претставници по Титовите лаборатории и какво чедо ќе излезе од нивните експериментирања, допрва ќе почувствуваме.
    Последниот кадар од ТВ преносот од Сплит беше како господата и другарите претседатели се повлекоа зад црна завеса. Ќе работат во мрак.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари