НАФТЕНА УЖИВАНЦИЈА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:129:"Полскатоалетнахартијаибугарскивлошки-европскиквалитетнаживот

    1. Кој ли беше тој што во предизборната кампања ги плашеше граѓаните дека Македонија нема време за чекање. Како нема? Има – и тоа не знае што да пра­ви со него. Па го троши пред бензинските пумпи на Макпетрол. Ужива во задоволството во редиците за бензин.
    Не можам да го опишам воодушевувањето што ги зафати сопствениците на стотината возила, кога во средата, по едно четири-пет-шестчасовно чекање, се појави цистерна на Макпетрол. Таков аплауз одамна не се има слушнато на овие простори. На радоста ѝ немаше крај, затоа што уживанцијата продолжува уште неколку часа подоцна. Доаѓањето на цистерната е само почеток на забавата.
    Просто им се чудам на граѓаните од Западна Европа како си го исполнуваат времето. Замислете ја таа страшна ситуација, да пристигнеш сам на бензиска станица и по две-три минути да наточиш гориво и да си заминеш. Ужас! Затоа ич не ги бива за дружење. Немаат кога да практикуваат дружење со непознати и по пет-шест часа да си прават муабет за сé и сешто. Патем, можат малку да ја озборуваат владата.
    Но, нашата влада цврсто решила да истрае на патот да не ни дозволи да станеме некои ладни Европејци. Па потпретседателот Јован Андонов препорачува возење со градски автобус. Така имате шанса и него да го сретнете, па дури и да му отстапите место да седне, а ако се правите уште и дека не го познавате, можете дури и да ја пцуете Владата. Тоа ти доаѓа некако како надомест за стресовите што секојдневно ни ги приредува.
    Примиерот Кљусев се жртвува за сметка на доброто расположение на народот и мора сам да се вози во неодамна купениот од царинарница службен металик мерцедес. Неколку пати нé предупредуваше да внимаваме како ја трошиме наф­та­та, затоа што нема да имаме време за дружење, ама не го слушавме. Е па, еве ни сега принудно штедење. Така и треба да се постапува со непослушен народ.

    2. Можеби сепак не се заминати сите возови за Европа. Еве, државните станови ќе се продаваат за марки. Што значи, или ќе се врземе цврсто за германската валута, или пак Владата ни дава до знаење дека во догледно време не треба да сметаме на некоја стабилна македонска пара. Освен ако не е направен некаков договор да станеме една сојузна германска покраина. Во што искрено се сомневам.
    Не знам само дали формуларите за купопродажба ќе бидат отпечатени на германски. И како, на пример, со плата од 80 марки ќе отплатиш месечна рата од 90 марки? Мора за десетте марки што ти недостигаат да трчаш на Бит-пазар да бараш кредит од црноберзијанците.
    Оваа јагма за девизи што ќе мораат  да се купуваат со безвредни пари сé повеќе ме потсеќа на Полска и Бугарија од пред некоја година. Со полската тоалетна хартија и бугарските влошки секојдневно се привикнуваме на таков квалитет на живот. А богами и кај нас шверцерите најдобро живеат. Имаме супер визија – Македонија ќе биде независна, суверена и шверцерска држава.

    3. Се разбира, доколку останеме под ова име. Затоа што името на нашата држава станува сериозна пречка дури и во односите меѓу двете големи пријател­ки: Србија и Грција.
    Писателот Милорад Павиќ во последниот број на “Нин” вели: “Јас морам да кажам дека не доаѓа предвид ни името “Скопска Република”, бидејќи Скопје е престолнина на српското царство. Ако сакаме сите народи во Европа да ги посматраме како рамноправни во начело, тогаш на Србите не може да им се земе името на нивната стара престолнина и да му се даде на некоја нова држава”.
    Ете ти беља. Ќе мора Милошевиќ пак да си го земе авиончето под себе и да летне за Атина. Да се договори со Грците да распишат конкурс за ново име на Македонија. Европа и онака веќе ни го пишува новиот устав.

    4. По средбата со лорд Карингтон во Белград Милошевиќ рече дека дури сега е задоволен и конференцијата за Југославија во Брисел може да продолжи. Демек, ако ЕЗ ги укине санкциите, Србија ќе биде рамноправен соговорник.
    Што бара тогаш Македонија во Брисел? Знае ли лордот Карингтон дека ние сме во најлоша ситуација? Ем непризнаени, ем блокирани. Ако сакаат да нé  повикаат во Брисел, а ние да се чувствуваме рамноправни, тогаш или нека нé  признаат или нека ја натераат Грција да ни ја укине блокадата.
    Само уште да најдеме маж тоа да го побара.

    5. Пред една недела претседателот на Собранието Стојан Андов отпатува за Италија. Прво беше јавено дека оди на состанок на Хексагоналата. Потоа излезе дека тоа било меѓупартиски состанок на претставници од 14 земји.
    Ете ти вистински маж. Не само што на партиски состанок отиде со државно авионче, туку како претседател на Собранието издејствува Европа да ја признае –  неговата партија.

    6. Се сеќава ли некој кој беше Циле?
    Пред два дена го видов во “Хард рок”.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари