НАТО ПЕРДУВ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:122:"Наместодасадатдрвца,првителуѓенаСкопјеможатдапосадаториз

    1. Каде е сега синиот воз? Ни треба да го вклучиме во сценариото за пречек на Милошевиќ. Човекот  заслужил да му организираме едно величествено добредојде.
    Што се однесува до нас, подготовките за пречекот на драгиот гостин, големиот другар Слобо, веќе се завршени одамна. Сега само чекаме кога големиот водач ќе се ослободи барем малку од своите задолженија за правење мир насекаде низ светот, да ни направи голема чест повторно да го имаме меѓу нас. Пионерката и пионерот што ќе им го врачат цвеќето на другарот Слобо и другарката Мира го знаат напамет секој збор на добредојде. Црвените марами испеглани го чекаат историскиот момент кога ќе бидат врзани околу нивните вратчиња. Народниот фронт веќе органи­зира редарска служба која ќе биде распоредена на улиците по кои ќе поминува прет­се­да­тел­ска­та колона возила. Синдикатот ќе прогласи неработен ден за да можат што поголем број работни луѓе да излезат на улиците и да го поздрават го­ле­­ми­от водач. Училиштата и факултетите нема да одржуваат настава, освен први­от, историски час, на кој ќе се предава за ликот и делото на Слободан Милоше­виќ, а потоа сите организирано, на однапред определени реони, професорите и нивните студенти и ученици, ќе се постават чекајќи го Него, за во вистински момент да скандираат: “Ние сме на Слобо, Слобо е наш!” Децата од градинките ќе мавтаат со знаменца и ќе фрлаат цвеќе пред неговиот автомобил, затоа што неговиот славен животен пат тоа и го заслужува.
    Штета е толку најавуваната посета да се оствари, а при тоа да има грешки. Сé мора да функционира беспрекорно. Кога доаѓа Милошевиќ, треба да му се овозмо­жи да се чувствува како да е дома.

    2. Ако на Милошевиќ нема кој да му го влече синиот воз, ние ќе му помогнеме. Веднаш ќе ја испратиме локомотивата на Македонските железници да ни го довлечка во Скопје. Што мисли тој? И ние локомотива за влечење имаме.
    Еве, пред некој ден на телевизија ја гледавме церемонијата на пуштање во сообраќај на локомотивата што ја ремонтирале нашите железничари. Ехеееј, до каде стигнала техниката! На преминот од 20 во 21 век ние веќе успеавме да направиме ремонт на електрична локомотива. Ај што сме ја ремонтирале, туку во неа сме вгра­ди­ле и клима-уред. На свеченоста било речено дека ни една локо­мотива на просто­рите на бивша Југославија нема клима-уред.
    Некои странци ни велат дека во Европа ќе нé примеле колективно. Прво ќе го развиваат целиот регион, па потоа сите заедно ќе сме влегле во Европа. Како ќе одиме во Европа заедно со другите, кога нивните локомотиви не се климатизи­рани? Нашиот воз тргна. Дури и министерот за сообраќај Димитар Бузлевски го испрати со шампањско. Локомотивата забревта и сега нема повторно да ја запираме, за и другите да ги качиме во возот.
    Тоа што ремонтираната локомотива има клима-уред може да биде од реша­вачко значење. Во Европа не се патува со вжештена глава. Најважно е машиновозачот да биде со студена глава.

    3. Прашањето за проширувањето на НАТО повторно деновиве е актуали­зира­но на средбата на американскиот државен секретар Ворен Кристофер со министрите за надворешни работи на источноевропските земји што чекаат на прием во алијансата. Нашиот министер Љубомир Фрчковски на американскиот секретар во Прага му ја изнел идејата проширувањето на НАТО, поради проблемите што ги има со Русија во северниот дел на Европа, да се префрли на југ и да ги зафати Албанија и Македонија.
    Нема повратна информација за тоа како е примена идејата на Фрчковски. Меѓутоа, и без неа може да се препознае идната структура на НАТО на Балканот и каде ќе биде местото на нашата држава во јужното крило на НАТО. Македонија ќе биде пердув во крилото.

    4. Баш ми е криво што грчките бизнисмени кои неделава беа во Скопје си заминале разочарани дома. Потпретседателот на Владата Беќир Жута им држел лекции за економијата. Знаејќи како зборува господинот Жута, можам да ги замислам Грците како умираат од здодевност.
    Меѓутоа, не било само предавањето на Жута причина за разочараноста. Тие биле особено погодени затоа што за време на грчкото ембарго ние сме се свртеле кон Бугарија и Турција.
    Не ми изгледаат Грците толку наивни за да не може да им стане јасно зошто, кога нивната држава нé блокираше, мораше да бараме други пазари. Тие барем се тргов­ци. Што требаше да направиме, за да не си заминат разочарани од Македонија? Да нé најдат тука капнати од глад!? И да се претстават како спасители!? Тие допрва ќе се разочаруваат. Секој ден ќе им станува сé појасно колку пропуштиле изминати­ве четири-пет години.

    5. Денот на екологијата го одбележаа и првите луѓе на Скопје, градоначал­никот Јове Кекеновски и градскиот премиер Љупчо Николовски-Фуфо. Посадија две дрвца.
    Каков ни е градот, подобро ќе им беше да посадат ориз. Во Скопје има толку кал, што сигурно ќе имавме богат род. Главниот град на државата ни е познат по еден светски куриозитет – по асфалт одиш, во кал газиш.
    Тоа што не се чисти калта од улиците има логично оправдување. Под калта ќе излезат срчите, останати уште од новогодишното славје. Ете ти беља работа. После ќе треба и нив  некој да ги мете.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари