НАЦИОНАЛЕН ПРЕВОЗНИК

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:131:"ЗоштоМакедонијаеприменавомеѓународнатаорганизацијазапоморство?

    1. Конечно е разрешена повеќемесечната дилема. Избран е национален пре­воз­ник на Република Македонија. Тоа е Владата. Само таа ги исполнува сите предвидени услови, од кои приоритетен е оној што бара редовно возење. Бидејќи Владата најуспешно и најредовно го вози народот, титулата “национален превоз­ник” падна во вистинските раце.
    Инаку, борбата за стекнување на овој статус беше многу тешка. Имаше многу респективни конкуренти, кои исто така го возат народот: Собранието, банките, поштата, пензискиот фонд, јавните гласила… Меѓутоа, пресудна беше кадров­ската и техничката екипираност, па нормално е што владиниот екипаж однесе победа пред конкуренцијата.
    Сепак, комисијата за избор на национален превозник (ако некој воопшто во оваа држава го есапи мислењето на било која комисија) препорача за долги возења да му се даде шанса и на Собранието. Добро информираните велат дека Собранието ѝ било најсилен конкурент на Владата. Меѓутоа, изгледа пресудно беше тоа што последните денови пред конечниот избор првиот пилот не беше во авионот, па без контрола патниците му одеа лево-десно. Еден ден гласаа за, а другиот ден против – за исти предлози.
    Кога пилотот ќе се врати во авионот, можно е да се очекува да покрене спор против назначениот превозник. Само, не се знае пред кого. Законите за судството уште не се донесени. Тоа само колку за потсетување на министерот Пешев, кој се занесува дека за три месеци ќе успее да донесе Закон за воздухопловство.
    Значи, сé уште народот ќе го возат без закон. Тоа и не е многу важно, зашто и онака пилотите бараат дозвола за полетување и курс на летање од високата кула. Од контролорот на летањето.

    2. Ако веќе не можеме да го решиме хаосот во воздушниот, тогаш барем нема да имаме проблеми со поморскиот сообраќај. Од 13 октомври Република Македонија е рамноправна членка на Меѓународната организација за поморство. Оваа организација, со седиште во Лондон, има за цел да ја подобри соработката меѓу владите во областа на меѓународниот поморски транспорт, сигурност и навигација и да се грижи за еколошката заштита на морињата.
    Уште на самиот старт треба да разјасниме некои работи. Да им кажеме на Грците да не се секираат, затоа што Солун и натаму ќе си биде нивни. Да не пани­чат сега дека со ова покажуваме водни претензии кон нивното море. Треба да им објасниме дека нас таму нé примиле по друга основа.
    Имено, ние сме надалеку познати по тоа што честопати правиме помор на рибите низ нашите реки. Како особено заслужни во таа дисциплина, има ли на светов нешто пологично од тоа, тие што вршат помор да бидат членови на организација за поморство?

    3. Сé ми се чини дека оваа најнова иницијатива за “глобално решение на ЈУ-кризата”, што ја туркаат Бутрос Гали и посредниците Овен и Столтенберг, не е најсреќното решение за Македонија. Особено ако повторно инсистираат на некаква Лондонска конференција. И лани сите се собраа во Лондон, се издого­ворија да ја спасат Босна и Херцеговина и да не ги признаат освојувањата на Србија, па направија сé спротивно. Сега пак се заговара некаква конфедерација. Се сеќавате ли уште од кога Словенија бараше конфедерација? Па, заради тоа се направија три војни. Со кој памет сега веќе независните држави ќе ги тераат повторно поблиску да се врзуваат?
    Деновиве чув многу интересен коментар за мисијата на Овен и Столтенберг од еден мошне ценет американски новинар, што деновиве престојуваше во Македонија. Само кусо ми рече: “Не им дозволувајте дури ни да ја надлетаат Македонија”.
    А слушам Столтенберг се подготвувал деновиве да ни дојде на гости. На пријателско убедување за нова конференција за Југославија.

    4. Така “глобално разрешени”, ќе мораме да ги почитуваме барањата на српските владици непречено да си ја вршат службата низ Македонија. За да не бидеме во заблуда. Зашто, како што изјавил врањскиот епископ Пахомие што неодамна беше вратен од граничниот премин Табановци, целта на забраната на влегување не е затоа што тие вршат непријателска дејност против Македонија, како што сметаме тука ние, туку “за да може народот да се држи во заблуда”. Би­деј­ќи, под влијание на Ватикан, верниците во Македонија полека ќе го изгубеле своето православие.
    “А народот во Македонија е длабоко православен и длабоко верен”, вели Пахомие, па најавува дека “токму поради тоа Српската православна црква не може да го остави тој народ духовно незаштитен”.
    Сé ми се чини дека сé некако започна во еден од манастирите на Крка, близу Шибеник, во Хрватска. И таму се работеше за духовна заштита.

    5. По онаа инвентивна реклама на Македонската телевизија, во која среќните и весели РТВ претплатници, наспроти опструкциите од Парламентот, со задовол­ство чекаат во редици пред наплатните пунктови на МРТВ и по поеди­нечно­то гласање во кое коалиционата кујна сепак не го изгласа укинувањето на РТВ прет­платата, може да се здивне.
    Конечно ќе можеме по десетина дена да видиме еден нормален ТВ дневник, во којшто главната вест не е плашењето на народот дека ќе остане без најмоќната ТВ куќа. И – што е уште позначајно, емисијата “Оваа сабота…” нема да биде тргната од програмата.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари