ОАЗА ФАТАМОРГАНА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:108:"ЦенатанамиротвоМакедонијазависиодценатанасатарите

    1. “Парламентарците” од пред Собранието на Македонија уште се лечат од македонскиот транс, во кој западнаа кога завчера вечер пред нивните очи се појави – со глава и мустаци Гоце Делчев, реинкарниран во битолскиот војвода Димитар Црномаров. Господ им се насмевна на напатените, кога “сосема случајно”, мину­вајќи пред Собранието на Македонија, им го разубави предизборниот митинг на припадниците на најмакедонската партија со присуството на Црномаров и неговата придружничка  Дијана Транталовска- војвотката од Ресен. Според набрзина направената анкета меѓу присутните новинари на платото пред Парламентот – најзгодната претставничка на високото раководство на ВМРО-ДПМНЕ.
    Којзнае, можеби присуството на војвотката беше клучниот момент на предизборниот митинг, на кој Димитар Црномаров на македонската милиција ѝ велеше “со народо да постапуваат со убо, оти е револтиран и не ќе можи да се контролира ами треба да му се апелира на разумо на македонскио народ, да му се кажи  дека оваа милиција нема да го тепа, оти таа е наша, македонска војска”. Бидеј­ќи беа создадени услови “да се апелира на разумо на македонскио народ”, Црно­маров, возбуден поради историскиот момент во кој се најде, ја заборави мислата на Гоце Делчев за културниот натпревар меѓу народите, па наместо неа, доследен на својата револуционерна и интелектуална величина, изјави: “И припадниците на малцинствата се припадници на македонскиот народ!”
    Видно возбудени од ова ново сознание, парламентарците од улицата егзал­тирано ја манифестираа воодушевеноста што малцинствата се дел од нив, упатувајќи се мирно и достоинствено низ улиците на Скопје извикувајќи со сиот  љубовен жар: “Сатари за Шиптари!”, “Каде сте сега Шиптари?” и пеејќи ја љубовната романса “нека разберат клетите Шиптари, македонско име нема да загине…”
    Увидувајќи ги своите пејачки квалитети, тие се упатија кон просториите на касетната продукција на Македонската радио-телевизија, условувајќи го својот настап со менување на сите што се презиваат на “иќ”. Колку за почеток. Во зависност од ситуацијата, ќе ја преиспитаат и подобноста на оние чиишто прези­миња завршуваат на “ски”.

    2. Сето ова нема никава врска со ВМРО-ДПМНЕ. Впрочем, и нивниот пратеник Томислав Стефковски јасно кажа во емисијата “Отворен екран” дека неговата партија никогаш својата програма не ја засновала врз антиалбанството. Најдобар доказ за тоа е лекарот Ковачевски од Тетово, кој на своите сограѓани им дозволува да патуваат во Цирих. А тоа е врвот на граѓанските и човечки права, запишани во сите меѓународни документи, што може да му се даде на едно малцинство. Згора на тоа и – шиптарско. Друго е што тие се толку дрски, па тие права ги злоупотребуваат и за Цирих летаат со “Палер Македонија”, не водејќи сметка за неделивоста и непреносливоста на суверенитетот на авионот, и тоа, гледај, под жолтото лавче на опашката.

    3. Токму затоа, со каков образ новинарите тврдат дека митингот пред Собранието бил во организација на ВМРО-ДПМНЕ? Кога таму сите си се нарекуваа “македонски народе”. И како што беше речено на парламентарната говорница: “Народот се придржуваше на сите правила”. Веројатно на правилата на антибирократската револуција од Војводина и Црна Гора, од прет три години.
    Пратеникот Митко Анастасовски, кој бил бистро дете, ама комунистите не му дале да се школува за правник, вчера тврдеше дека митингашите не барале ништо особено. Само го барале Андов и Гошев. Притоа носеа јамки од јаже и велеа: “Еве ја бесилката”, “Ние ќе ви судиме!” Што претставува висок степен на демократија. Особено ако бесилката се постави на некое високо дрво. Или на јарболот пред собраниската зграда.

    4. Во секој случај, сопатниците на Митко Анастасовски се потрудија да го обелат образот на Љупчо Георгиевски кој, пред да замине за Америка во потрага по меѓународно признание на Македонија, на новинарите им изјави дека син­тагмата “оаза на мирот” е обична лицемерна фраза. Па оазата сега ни се при­чинува. Како фатаморгана.
    Тоа и не е многу далеку од умот, особено кога се слушаат мировните говори на Анте Поповски и Тодор Петров, во кои порачуваат: “Мир, ама не по секоја цена!” Сé зависи од тоа дали можат да се најдат поевтини сатари за Шиптарите. И дали “Комуналец” ќе ја покачи цената за ѓубретарина, за да може да обезбеди чиста Македонија.
    Како што можеше да се разбере од говорот на Петров, тој се обиде да ги предупреди демонстрантите оти не е убаво да бараат чиста Македонија, со зборо­вите: “Пријателите си ги избираме сами, а соседите ни се дадени од господ”. Добар настап за предизборно претставување на кандидатот за претседател на Репу­бликата. Особено кога се знае неговиот придонес за унапредување на добро­соседските односи со Грција. Наскоро ќе можеме да очекуваме блокада некаде кај Групчин, каде што претпоставувам би била границата со областа на специјален статус на Албанците од западна Македонија, кој ќе им го подари Европа. За да ги заштити од сатарите.
    Што се однесува до Анте Поповски и неговата татковинска партија МААК, пак излегоа надитрени од ВМРО-ДПМНЕ. Им го присвоија предизборниот митинг во оној момент кога едно момче од Гостивар на плоштадот во Скопје рече: “Граѓански устав е за граѓани, а не за примитивци. Европа нема да ги прими Албанците со кечиња и фереџиња”.
    Откривајќи го вистинскиот пат за Европа – преку улица, па пред парламент, европски настроените антибирократски револуционери, сакајќи да се ослободат од непотребниот товар, ја пронајдоа вистинската формула. Па викаа: “Умрете, Шиптари!”

    5. Прашање до министерот Јордан Мијалков: Што би се случило, во било која земја на светот, која се фали дека е правна и демократска, кога некој само би се обидел да го симне државното знаме од пред институцијата која е свет симбол на државноста?
    Бистрото дете Митко би рекло: Милицијата беше конкретна. За тоа што не прави разлика меѓу “конкретно” и “коректно” се виновни комунистите.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари