ОПОЗИЦИСКА ГУМИЧКА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:101:"Нееважнодалибродотепретоварен,когавеќеепотонат

    1. Владата ѝ дава шанса и на опозицијата. Бранко ќе им подели бесплатни учебници на учениците во основните училишта, ама остави простор и за политичка битка. Некој ќе треба да мисли и на моливите и гумичките. Што ќе се случи ако на првачето му се скрши моливот? Веднаш се создаваат услови за рамноправен политички натпревар. Оп – и ете ти ја опозицијата како интервенира со острило. Владата треба да се начекува на секој нејзин пропуст. Помислил ли, на пример, Бранко дека ученичињата можат и да згрешат во пишувањето на некоја буква, а Владата не предвидела средства од приватизацијата со кои ќе се купат гумички? Во тој случај, опозицијата не треба да се кара и да преговара која партија ќе ги набави гумичките, туку треба веднаш да реагира. Зашто, додека тие се нагодат преку која фирма ќе ги набават гумичките, па со кој процент ќе партиципираат во образовната коалиција, па кој ќе ја понесе славата за успешниот потег со одржување прес-конференција, запишаното ќе си остане такво какво што е. И после ни една гумичка нема да може да ги избрише резултатите на власта.

    2. Сега му е мајката опозицијата да реагира и на потегот за зголемување на пензиите за 10 насто. Владината коалиција е пред распаѓање. СДСМ и СПМ се расправаат – и едните и другите се фалат дека тие ги честат пензионерите. Сител се отепа од фалење дека Владата реагирала на инсистирање на социјалистите да им се вратат осумте проценти на пензионерите, а премиерот не ги ни споменува. Згора на тоа, за инает, на пензионерите им даде не осум, туку 10 отсто. Опозицијата треба да удри на картата на раскарување на Ѕинго и Бранко. Ако Ѕинго барал 8 проценти, а Бранко дал 10, дали тоа значи дека СПМ за пензионерите изборила колку што барала, а СДСМ додал само уште 2 процента? Ако сака СДСМ да биде посупериорен од СПМ, Бранко требаше да вети не 10, туку 18 насто. Место резултатот меѓу СДСМ и СПМ да биде 2 : 8, нека биде 10 : 8.
    Во февруари минатата година, кога Врховниот суд пресуди на пензионерите да им се исплатат заостанатите осум отсто, премиерот Црвенковски нé плашеше со инфлација и сликовито ни објасни дека ако бродот има капацитет од сто седишта, сто и првиот патник, кој ќе се појави со билет, правно има право да влезе во него, ама капетанот нема да го прими, зашто бродот ќе потоне.
    Капетанот реши да го качи и сто и првиот патник. Сосема е неважно дали бродот е претоварен, ако е веќе потонат.

    3. На свеченото отворање на Собирот на некогашните деца бегалци од Егејска Македонија зборуваше претседателот на Републиката Киро Глигоров.
    Во почетокот гостите беа одушевени поради честа што им ја укажува шефот на државата и со големо интересирање го следеа. Некаде пред полноќ почнаа да се проѕеваат, да џвакаат гуми за џвакање за да останат будни, музичарите си ги триеја очите, министрите во првиот ред си правеа муабет, а некои од гостите во задните редови испозаспаа. Среќа што фати пороен дожд, па таванот на Саемот почна да прокапува и ги освежи гостите.
    Избегнат е втор егзодус на Егејците. Ако говорот потраеше уште едно половина час, бегалците уште еднаш ќе избегаа од Македонија.

    4. Претседателот Глигоров рече дека немаме ништо поскапо од Македонија. Ако е толку скапа, зошто толку евтино ја продаваме?

    5. Делегација на турскиот весник “Милиет” чијшто новинар беше тешко повреден во “дипломатската” сообраќајка, во која загинаа и двајца македонски државјани, ги посетија децата на загинатите во Битола и им врачија парична помош и ветија стипендија за студирање на некој од универзитетите во Турција.
    Додека Турците се грижат за нашите деца, на македонските власти им беше најважно да докажат дека полицијата не е виновна и трагедијата што побрзо да се заборави.
    Како и што се очекуваше, овој непријатен настан не остави трага врз добрите турско – македонски односи. Претседателот на Турција Сулејман Демирел беше во официјална посета на Албанија. Ние особено го цениме фактот што по непријатното искуство на премиерот Јилмаз на патот Прилеп – Битола, шефот на турската држава се осмелил да тргне на пат преку Македонија. На патот од Анкара за Тирана, логично е да се прелета и нашиот воздушен простор. Среќа што немаме приватна флота, а и полицијата нема свои авиончиња. Така и успеавме да му овозможиме на Демирел двапати безбедно да го прелета небото над Македонија.

    6. Југословенските власти ни го вратија заскитаниот едриличар што место на Спортскиот аеродром во Штип, атерирал на некоја ледина во близината на Бујановац. Со ова се изедначивме со југословенското воено воздухопловство во повредувањето туѓ воздушен простор. Да видат и тие дека со нас нема зафрканција. Веднаш им вративме.
    Ме чуди само како можеле така лесно да ја прифатат приказната за инцидентно повредување на југословенскиот воздушен простор. Да сум на нивно место, би се сомневал во шпионска мисија за набљудување на свињарските фарми во Ристовац. А и тоа што едрилицата се закачила на дрво – само нека спијат на тоа уво. Едриличарот е од Прилеп.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари