1. Љупчо Николовски – Фуфо на минатите локални избори, кога за првпат се кандидираше за градоначалник на Скопје, им порачуваше на граѓаните да не гласаат за боја. И – загуби. Обоениот со боите на тогашната Демократска партија и на ВМРО-ДПМНЕ Ристо Пенов, победи.
Сега и двајцата се натпреваруваат по втор пат. Фуфо реши да земе на заем боја од власта. Пенов, во меѓувреме, ја смени бојата, па за да си ги зголеми шансите за успех, се премачка со сите бои. Така што, дефинитивно, кај нас не може да се гласа за личност, туку за боја. Тоа докажува дека ние сакаме да ни удираат четки.
2. Бранко решил овој пат сериозно да одговори на четките на Љубчо, па затоа ги стави сите можни бои. Љубчо решил да штеди од бојата, да му се најде по две години кога ќе му дојдат парламентарните избори. Затоа сега прави обиди да бојосува со моливче. Поради моливчето многу му се налути Гуштеров. Затоа што ВМРО-ДПМНЕ и ДА им ја украле идејата на либералите за употреба на моливчето во рекламната кампања.
Не станува збор за плагијат. Покрај моливчето на Гуштеров нема ништо. А покрај моливчето на Љубчо има острило. Значи дека моливот му е тап. Пишува дебело. Или, се скршил. Освен тоа, покрај острилото нема и гумичка. Гумичката в џеб ја скрил Циле. За да може да избрише сè што кажал.
Значи, не станува збор за недостиг на инвентивност кај тие што ја смислувале кампањата, туку за суштински разлики во приодот кон гласачите. Не е до моливот. До острилото е.
За плагијат се обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ и ВМРО. Се скараа за лавчето. Ама Змејковски тврди дека за симбол на неговата партија е земен лав, а она што е на грбот на ВМРО-ДПМНЕ било лавица. Затоа е добро што сега покрај лавот и лавицата, во игра влегува и моливот. Ако имаш молив, секогаш на лавицата можеш да ѝ нацрташ што ѝ фали. За да стане лав.
На крајот на краиштата моливот на некој начин го симболизира и самиот чин на гласањето. Со него не мора само да се повлекува линија, за доброто на сите. Со молив
може да им се стави црта на сите.
3. Имаме чудна кампања. Опозицијата се однесува како небаре Македонија да е веќе пропадната и како од овие локални избори да зависи опстанокот на државата. Од друга страна, наспроти хистеријата на опозицијата, имаме претерана незаинтересираност кај власта, како баш да им е гајле дали ќе изгубат.
Што покажува тоа? Тоа покажува дека во оваа држава има и поважни работи од политиката. На пример, љубов и секс.
Гледате дека претседателот на Советот за радиодифузија Љубомир Јакимовски се побуни против порнографските содржини на телевизиските станици. А не се побуни против специјалните емисии за изборите и платениот политички маркетинг.
Советот за радиодифузија вели дека емитувањето порнографски содржини го повредува достоинството на граѓаните, а особено штетно влијае на телесниот, духовниот и моралниот развој на децата и младите.
Види мајката. Дури сега сфатив кој го урива достоинството на граѓаните. За урнатото достоинство секогаш ги обвинував тие што ми се насмевнуваат од платените политички програми, а не некои непознати порно ѕвезди. Сум бил во заблуда. Така ми велат во Советот за радиодифузија. Затоа, народе, во доцните пополноќни часови не гледајте порно. Гледајте ги Бранко, Љубчо, Циле, Џафери, Гуштеров, Трајанов… Останете достоинствени. Верувајте им. Иако не се толку уверливи како ѕвездите од порно филмовите.
Ај за моралниот и духовниот развој на децата кои не спијат по полноќ и гледаат телевизија, можеби има што да се разговара. Ама, од каде му е идејата на господинот Цензор Јакимовски дека емитувањето порно влијае и врз телесниот развој на децата. Во која смисла? И на кој дел од телото од мисли?
Нека ми извини господинот, ама јас мислам дека на моралниот, духовниот и на телесниот развој на децата, па и на младината многу полошо влијаат изборните активности. Особено ако наместо да гледаат филмови, по полноќ излегуваат на улица и лепат партиски плакати. Па доаѓаат други деца од спротивниот табор и станува тепачка. И така ќе си ги расчукаат главите.
Затоа, ако сакаат да се здрави, навечер нека гледаат што има на телевизија. Можеби, како што се плаши Јакимовски, телесно ќе имаат некакви промени, ама барем нема ништо да им фали.
4. За постојаниот духовен и морален развој на граѓанството сведочат и последните приказни за купувањето на државните станови. Не за џабе Љубчо рече: “И вие така правевте!” Па сега, по пишувањето за станот на ќерката на поранешниот министер Кадиевски, ни се јавуваат граѓани што купиле такви станови и нè убедуваат дека и тие имале право да дојдат до стан со поволни услови за плаќање.
Во државата има државни станови кои ги користат функционери и тие се ослободуваат кога функционерот ќе ја загуби функцијата. Има и станови за социјални случаи кои се добиваат на конкурс и за кои одлучува комисија. И, на крај ги има и овие станови кои се државни, ама се продаваат пазарно, со посебни услови кои ќе ги одреди државата и за кои знаат само тие што се роднини и пријатели на тие што одлучуваат кому ќе им ги продадат. Значи, има државни, социјални и парадржавни станови.
Луѓето што купиле такви станови не се виновни. Им се можело и ги зеле. Тука не за џабе луѓето се тепаат да влезат во политика. Не е важно колку си на власт. Важно е колку ќе се офајдиш од неа. А најтрагично е што ни една промена на власта не може да го смени тоа.
5. Претседателот Борис Трајковски го профилира својот идентитет во распон од Тито до Клинтон. Кога беше на Бриони, мавташе од јахтата како Тито. Сега во Охрид, се качува во хеликоптер и ги обиколува опожарените подрачја како Клинтон.
Клинтон, кога ги бодреше неговите пожарникари им даде 150 милиони долари за набавка на нова опрема. Борис на нашите пожарникари може само да им пушти вода.