ПАЗАРНА ЕКОНОМИЈА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:83:"ЗоштоЃунерИсмаилекрупнаполитичкафигура

    1. Многу интересна работа оваа реконструкција. Што чекаше премиерот Бранко Црвенковски веќе месец и половина? Ваква забава одамна не сме имале.
    Најинтересна е шоу-програмата на Ѓунер Исмаил. Доскорешниот министер-портпарол интензивно и во големи количества го следиме во програмата со провокативен наслов: “Не ми даваат отказ, јас им давам оставка”. Господинот Исмаил, како истакнат борец за слобода на говорот и како еден од малкумината наивни во досегашниот кабинет на Бранко Црвенковски, детски верувал дека за него ќе се најде место и во реконструираната влада. Изневерен од најдобрите другари кои не ги делеле неговите очекувања, во еден важен државотворен момент на емотивен набој и инспирација, тој на македонската јавност ѝ го даде најдоброто од себе. Вдахновен настап по вкус на сите за неговите другари, пријатели, соседи, новинари, деца, образи, очи, пазарџии, пиљари, лица, морали, весници, пучисти, олигархии, журки, истрели…
    Во секој случај Ѓунер Исмаил е крупна политичка фигура. Затоа и со такво омаловажување зборува за пиљарниците. Кога ќе кажеш пиљарница веднаш ти доаѓа асоцијација за ценкање на ситно. Сто денари за три килограми грчки порто­кали. Господинот Исмаил се гнаси од таков ситен пазар. Тој во Владата имаше крупни задолженија. Купуваше намештај, избираше теписи, ги опремуваше кабинетите, ги реновираше резиденцијалните вили, избираше уметнички слики… Голем политичар се занимава со голем бизнис.

    2. Претседателот на Собранието Стојан Андов едно време беше како заштитен знак на пазарчето во скопската населба Тафталиџе. Пазарџиите се фалеа дека Андов редовно ги посетува нивните тезги. Кога се случи атентатот врз претседателот Глигоров, обезбедувањето го стегна и господинот Андов, па претседателот на Собранието престана да се пазари и да се пиљари.
    Сега, кога СДСМ ќе преземе сé во свои раце, многу веројатно е Стојан Андов, како прв човек на опозиционата Либерална партија, наскоро да се пресели во пратеничките клупи. Така ќе се ослободи од обезбедувањето. Од сега па натаму Андов ќе може слободно да оди на пазар.

    3. На пазарот деновиве најдобро котираат акциите на ПДП. Затоа што нивните политичари се најдобри пазарџии. Сега имаат највисока цена, повисока отколку што воопшто можеле и да замислат. Имаат девет пратенички места што ќе им донесат девет места во Владата. Пет министри и четири заменици.
    Зошто и не би имале кога во реконструкцијата се однесуваат конструктивно. Ем го поддржуваат Бранко Црвенковски, ем го оправдуваат апелот на претседа­телот Киро Глигоров, ем ги советуваат социјалдемократите и либералите да не го растураат Сојузот за Македонија, ем си имаат список на желби. Дојдоа нивните пет минути. Кога јас би им бил гласач, не би им простил доколку не ги искористат.
    Кажано со пазарџиско-пиљарски речник, ако од над двотретинско мнозин­ство во Парламентот се спуштиш на половина, тоа ти доаѓа како од готово да си направил вересија. Во случајов не мора да е така, затоа што ПДП и во минатото се покажа како ептен стабилен и сигурен коалиционен партнер, на кого можеш да сметаш секогаш, само не кога ти е најтешко.
    Досега обично сите караници се смируваа во кабинетот на претседателот на државата. Којзнае, можеби Бранко Црвенковски пак ќе ја побара неговата помош кога неговите сигурни партнери по којзнае кој пат ќе го уценат и ќе му се заканат дека ќе ги напуштат институциите на системот. Колку да го утешат претседателот Глигоров. Да му покажат дека не го оставиле сам.

    4. Ете, дури и министерот за полиција Љубомир Фрчковски, во овој драма­тичен момент за македонската држава и за министерот Ѓунер Исмаил, не е во државата. Отиде во обиколка на секторот во САД. Што би рекол несудениот ректор на несудениот универзитет од Мала Речица, Фадил Сулејмани: “Шврчковски није био куќи!”

    5. Најголема грешка е да не се седи дома околу 7 и 30 навечер кога треба да се гледа дневникот на Македонската телевизија. Не знаеш кој сé може да се појави, кога ќе се појави и дали после тоа воопшто ќе се појави.
    Реконструкцијата на Владата е добредојдена за Македонската телевизија. Забележано е драстично зголемување на гледаноста на дневникот. И тоа од почеток до крај. Нема веќе, ќе ги погледнам првите вести и ќе свртам на друг канал. Мора внимателно да се следи докрај. Најзначајните вести можат да дојдат и по  временската прогноза. Којзнае, можеби некој ден ќе отиде нешто и пред рекламите.
    Гледајте ТВ дневник! Шоуто мора да продолжи. Вистинската забава допрва доаѓа.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари