ПИЈАНИ ДОМАЌИНИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:98:"ДанебеаСрбите,сегаВашингтонќесевикашеЦариград

    1. Според тукашните правила на кафеанско однесување, човек треба да е луд ако се согласи на сите пијани гости да им нарача и плати последна тура пијачка. Очигледно господата Жак Делор и Жак Санте не ги познаваат балканските правила, па се појавија како галантни гости среде балканската крчма, подготвени, во паузата меѓу едно пеење и едно пукање, да го одврзат ќесето и да платат уште една тура. Притоа изгледа не водат сметка дека постојаните муштерии се веќе и тоа како пијани. Од национализам.
    Можеби пред да пристигнат во Југославија, европските мисионери на добра волја имаа барем трошка надеж дека по разговорите со опиените домаќини нешто ќе им стане јасно и дека ќе успеат балканската крчма да ја преуредат ба­рем во некој попристоен евтин ресторан. Меѓутоа, многу ми е чудно што на нив­ниот прв соговорник од претставниците на суверените републики, претсе­дателот на Маке­донија Киро Глигоров, му нуделе четири милијарди долари, а на крајот таа сума не ја споменувале. Веројатно кога почнале да им се редат на исповед сите претседатели, еден по еден, раскажувајќи им ја секој својата оригинална и најдобра идеја за преуредување на внатрешниот простор, заемо­давачите се подзамислиле. Па изјавија дека тие се подготвени да дадат пари, ама дали ние ќе ги добиеме, најмногу зависи од нас.
    Значи, Европа ќе заштеди четири милијарди долари.

    2. И претседателот на Србија Слободан Милошевиќ излезе задоволен од средбата со Европејците. Првпат нешто не оквалификува како заговор против Србија и српскиот народ и како машање во внатрешните работи на Србија. Уште малку ќе излезе дека на гости му дошле пријатели. А тоа не е добро. Бидејќи, како што пишуваат неговите весници, на Србија секогаш зло ѝ нанесувале прија­телите, а добро – непријателите. Затоа се во постојана потрага по непријатели. А кога ги нема – ги измислуваат.
    Она што може да излезе како последица од последната изјава на Милошевиќ е да дојде до пресврт во војната што Србија им ја објави на Соединетите Американски Држави. Бидејќи сега мора да се менува тактиката за напад. Замислена како пробив преку Европа.
    Оваа замисла не е без основа. Има покритие во славното историско минато на српскиот народ. Како што вчера објаснува “Борба”, “можевме со мирна душа, само да сакавме, да ги пуштиме Турците да ја срамнат Европа со земја, што секогаш им било цел. И тие би стигнале до Америка…” А Џорџ Буш, во тој случај би бил Турчин. Вашингтон – нов Цариград и центар на Отоманската империја.
    Во современи услови творецот на операцијата “Јапонија” што би се користела за напад на Америка е сликарот Милиќ од Мачва. Тој вели: “Србите, како слободен народ, под итно мораат во Европа да ги доведат Јапонците! Нека се научат и Европејците и Американците што е слободен и отворен светски пазар, да се види кој поубаво произведува и продава, а особено што е поевтино и поубаво…”
    Бидејќи “Црвена застава” и ЕИ “Ниш” знаат што е тоа слободен и отворен светски пазар, па уште кога на своите квалитетни, убави и евтини производи ќе им ги додадат “Јапонците”, Буш ќе може само да се слика. А Америка пред да пропадне, нема да има време ни да признае дека авторот на антисрпскиот амандман Никлс е усташ.

    3. Сметките на Србите и Јапонците може да им ги замеша само Туѓман. Со неговата силна народна гарда, со сите два хеликоптера и пет-шест противавионски топови. И со заклетвата на набрзина приучените гардисти дека за Хрватска ќе го дадат и својот живот. Бидејќи во однос на секоја нормална армија на суверена држава само тоа и им преостанува.
    Тоа што пред пет-шест децении на слични стадионски паради светот исто така гласно се смееше, подоцна многу скапо го плати. Особено што Туѓман цврсто решил токму нему да му успее тоа што ни на еден хрватски владар не му успеало со илјадници години наназад. И постигнува завидни резултати.
    По една година од неговото доаѓање на чело на државата, суверенитетот на Хрватска го стесни на половина од целата територија. Сега оди понатаму. Следната годишнина на хрватската државност суверенитетот ќе биде ограничен на тери­торијата на врховничкиот уред, заедно со оние војничиња облечени како човечињата на вињакот “Тренк”, што гордо ги нарекува претседателска почесна гарда.

    4. На вљубениците во Туѓман во Македонија сé уште не им текнало пред Собранието на Македонија да донесат некои играорци, облечени во комитска облека, да претставуваат македонска национална гарда. Без нив и сувереноста на Македонија – е нула. Како што се нула и партиите, доколку Владата не им фрли еден поголем дел од буџетскиот колач.
    На предизборните митинзи сите партии ветуваа дека ќе ги намалат за­фаќа­њата од стопанството и дека ќе го намалат буџетот. Сега пак, дури и овие пари што од републичката каса ги користат за свое финансирање им се малку. За барањата имаат дебело покритие: партиите навистина ветуваа, ама Владата како што е општо познато е – непартиска.

    5. Најнов рекламен слоган: “За голема и цврста Македонија – ВЕП!”. Вардар, Егеј, Пирин.

    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира