ПОСЕБЕН СЛУЧАЈ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:122:"ГопрославивмеДенотнанезависностаигипосрамивмеАмериканците

    1. За Македонија повторно се подготвува некој специјален третман. Сé е во ред, мирна, кротка, наивна, ама сепак е посебен случај. За набљудување. Тоа што набљудувачите никако не доаѓаат и по толку писма на претседателот Глигоров, е затоа што виделе дека не сме опасни за околината. Можеме да почекаме. Судските вештаци би рекле дека сме пресметливи. Па приоритет за набљудување имаат некои од нашето опкружување, кај кои балканскиот синдром малку поагресивно се манифестира.
    Да не ни беше во генот молчењето како најпрепознатлива карактеристика, досега белким, наместо само да пишувавме писма на кои никој не сака да одговори, ќе направевме нешто да ги предизвикаме европските “лекари” да се позанимаваат и со нас. И што е најважно, сé можеше да изгледа “пресметливо”.
    Исто како што Грција веќе три недели нé прави будали, сопирајќи ни ја нафтата од солунското пристаниште, божем чека европски набљудувачи кои ќе се уверат дека таа не го крши ембаргото кон Србија и Црна Гора, можеме и ние да ги запреме сите европски камионџии на границата со Србија и да не ги пуштаме сé додека не дојдат европски набљудувачи. Зошто? Од каде сме ние сигурни дека некој грчки, холандски или германски камион нема стоката да ја истовари во Србија?
    Е сега, друго е прашањето дали ние сакаме тие набљудувачи навистина да дојдат. Може да видат и некои други работи. Па дури и не мораат да дремат на граничен премин и да бројат камиони. Та ние за успешните зделки на “Македо­нија табак” со СР Југославија јавувавме на ударните вести на телевизијата и на првите страници на весниците. Им дадовме малку на соседите да пушат. По толку војување низ Хрватска и Босна, редно беше малку српските борци да одморат со цигарче од Македонија. Баш им е нив гајле што потоа македонската влада јавно ја прогласи зделката за неважечка. Цигарите се важечки.

    2. Набљудувачите во Македонија ќе имаат можност да видат како на дело функционира нашата определба за соработка, зближување и соживот на сите граѓани, без разлика на национална и верска припадност. И сите тие заедно ја јакнат довербата меѓу државите на регионот, особено со соседите (без Грција, се подразбира).
    Албанците набавуваат девизи, Ромите набавуваат нафта, Бугарите и Турците ни ја возат до тука, а Македонците чекаат во редици. Потоа бензинот од своите резервоари им го преточуваат на Србите, за марки.

    3. Не смеев никако да ги заборавам Србите при набројувањето на субјектите вклучени во решавањето на нафтената криза. Ако ги испуштев од шемата, можеше да се сфати дека тоа е нафтено загрозување на нивното национално чувство.
    Веднаш ќе реагираше Бора Ристиќ од Демократската партија на Србите во Македонија и ќе спроведеше референдум меѓу Србите наредени во редиците пред пумпите на “Макпетрол”. Бидејќи по шестчасовно чекање во ред заедно со возачите-Македонци им се заканува опасност од целосна асимилација, Ристиќ набрзина ќе направеше САО “Ред”. И ќе се обратеше до радикалите на Шешељ за братска помош при обединувањето на САО “Ред” со САО “Скопска Црна Гора” и САО “Кумановска долина” во единствена држава “Српска Република РСЦГКД”.
    Така ќе фати добри позиции за некои евентуални мировни преговори на некоја нова лондонска конференција. Дарежливо, како Караџиќ што се откажува од 6 од сто од освоената територија во Босна и Ристиќ на македонското раководство ќе може миротворно да му понуди дел од територијата на САО “Треќи спрат”, друга врата лево, у насељу Српски Јане Сандански у Скопљу цара Душана и вожда Ристиќа”.

    4. Сé уште не можеме да се освестиме по лудото славје на Денот на независ­носта на Македонија. Прва годишнина од референдумот, најголем државен празник… Таква импозантна прослава не се памети на овие простори. И толку импозантен собир на највисоките државни раководители, партиски лидери, културни дејци. Малку недостигаше, па нивната бројка да ја надминеше бројката на оние што присуствуваат на отворањето на “Фолк-фест”. Или на концертите на скопската пиварница.  Сето тоа во софистициран амбиент со полузнамиња. (Сонцето на знамињата низ Скопје беше отпечатено само од едната страна.)
    Американците можат вода да ни носат. Кога видоа како ние си го славиме нај­го­лемиот празник, можат комотно да си ги укинат прославите на нивниот четвр­то­јулски Ден на независноста. Од сега ќе го прославуваат осми септември.

    5. Љупчо Кирков ја продолжи успешната ТВ серија “Директно со Владата”. И ги прилагоди прашањата за новата главна личност. Наместо да го прашува Бранко Црвенковски за најнови модели на машини за перење, како во леген­дарната епизода со Никола Кљусев, во четвртокот вечерта го допре новиот премиер во срце, барајќи од него да им препорача на најмладите кој вид компјутери да користат.
    Како и да е, и новиот премиер нема да може да се оттргне од сферата на апара­тите за домаќинство. На Кирков му објаснуваше дека “ќе мора да се испегла­ат диспаритетите во платите”. Со таа разлика што нему му е полесно отколку на Кљусев. Во неговата Влада има и две жени. Сега Софија Тодорова и Гордана Силјановска ќе ги земаат пеглите в раце.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари