ПРЕС-СЛУЖБА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:113:"Вошахотматсеправиисопион-акозаднегостоисилнафигура

    1. Среќа што во Скопје се отворија неколку амбасади. Ќе му помогнат на Министерството за односи со странство во организацијата на информирањето на јавноста. Можат и да функционираат како негови прес-служби. Така и ние но­ви­нарите повеќе нема да им се лутиме на вработените во Министерството. Едноставно ќе чекаме соопштенија од амбасадите.
    Ете, за посетата на државниот министер во британскиот Форин офис, Даглас Хог, јавноста беше информирана од британската амбасада. Министерството за односи со странство, изгледа, не знаеше дека во Македонија ќе престојува висок функционер на Обединетото Кралство. Па затоа британската амбасада со сооп­ште­ние за печат нé информира и дека нивниот функционер ќе разговара со наши­от претседател Киро Глигоров. Да не беше соопштението на Британците, немаше да знаеме дека се вратил Стево Црвенковски од Њујорк. Прес-службата на бри­танската амбасада ни го соопшти и тој податок, бидејќи во соопштението стоеше дека министерот за односи со странство ќе се сретне со Хог.
    Министерот ни е познат по тоа дека не сака свечени пречеци со микрофони на аеродромот, па и ние, знаејќи ја неговата желба, овојпат не ги блокиравме телефонските линии со контролата на летањето и не организиравме дежурства на скопскиот аеродром. Ама ете, британската амбасада го предаде. Па сега сите знаеме дека се вратил во Скопје. Знаат луѓето како се работи со јавноста. Само, нема смисла. Министерството не е толку “високо” за работите околу информи­рање­то да му ги вршат амбасадори на светски дипломатски сили.
    Токму во моментите кога пристигнуваше Црвенковски, а доаѓаше Хог, а Министерството не соопштуваше ништо, новинарите од надворешно-политичките редакции спонтано дојдоа до сознание: “Не го прашувај него. Тој ништо не знае. Работи во Министерството за односи со странство.”

    2. Минатата недела славевме. Двоен празник. Велигден и Први мај. Порано за Први мај имаше паради и огнени говори. Сега празникот на трудот не се слави така, ама, сепак, огнени говори не ни недостасуваа. Таман се погоди Велигден, па имавме политички митинзи пред црквата во Скопје.
    Оние вистински верници сигурно жалат за старото време. Тогаш, кога во црква не се одеше од помодарство, кога си присуствуваа на богослужба во достоинствена атмосфера, не мораа да се прекрстуваат пред камерите на телеви­зијата и не учествуваа на политички митинзи. На празникот кој во своја основа ја има љубовта кон сите луѓе, архиепископот охридски и македонски г.г. Михаил одржа беседа во која од името на македонскиот народ им се закануваше на непријателите, мавтајќи со крстот како со меч. А народот – како народ. Ако им држи христијански проповед, ќе вика: “Амин”. Ама, бидејќи ислуша политички говор, сосема нормално што наместо “амин” се заори аплауз. И потоа, по ислушаните политички пораки (ах колку е лоша ТВ-камерата) присуствувавме на директен пренос на сцена кога двајца постари мажи се кршат со велигденските јајца, загризуваат по еден залак и потоа вадат од џебовите шише ракија и се налеваат за здравје. По вакви сцени, оние што искрено веруваат во Христовото воскресение подобро оваа година да го проспиеја.

    3. Државата го презеде и суверенитетот на македонското небо над седум илјади метри. Навистина, тоа не ни го признаваат Србите и Грците, ама со нив веќе научивме да живееме на тој начин. Тие и натаму пиратски ќе можат да нé над­ле­туваат без да ѝ се јават на нашата обласна контрола на летање. Нам един­стве­но ни преостанува да протестираме. Освен ако некому не му текне да ги га­ѓа­ме авионите на грчки “Олимпик ервејз” со противградобијни ракети. Барем додека Америкаците не ни подарат некој суперсоничен авион за пресретнување. Само што и со него ќе имаме проблеми. Штом ќе полета од скопскиот аеродром, веднаш ќе влезе во воздушниот простор на Србија.
    Конверзацијата помеѓу капетаните на авионите што нé надлетуват и контро­лата во Скопје ќе се одвива отприлика вака: “Во овој момент влеговте во воздуш­ниот простор на Македонија. Не трепкајте… Не трепкајте… Е, сега можете. На излегување сте.”

    4. По двете катастрофални авионски несреќи многумина очекуваа дека со доаѓањето на капетанот Горан Павловски за помошник-министер за сообраќај ќе се средат работите. Арно ама, Павловски се испокара со авиокомпаниите. Тие го обвинуваат дека “некој” нарочно работи да ги уништи, за да создаде пат за форми­ра­ње на “нешто ново”. Сите знаат што е тоа “нешто ново”, ама никој не кажува.
    Со приземјувања, “одземјувања” и слични работи двете страни играат игра на нерви. И влечат еден по еден потег. Како во шах. За почетокот се исфрлаат пионите. Навистина, шахистите велат дека МАТ може да се направи и со пион. Само мора зад него да стои некоја силна фигура.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари