“РЕЈБАН” ДИПЛОМАТИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:105:"Штосеслучуванатаванотнакабинетотнапретседателот?

    1. Понекогаш некои работи воопшто не ми се јасни. Како на пример целата онаа драма околу признавањето со Србија. Едноставно, некои работи воопшто не се логични. Србија е таа што треба да исполни некои услови од Европската унија, Белград е притиснат од меѓународната заедница да направи којзнае колку отстапки, на новоформираната СР Југославија ѝ претстојат чекори за вклучување во меѓу­народ­на­та заедница, а пак излезе дека ние тука  сме најпотресени ако Србија не нé признае.
    Прв пат во историјата Македонија како држава станува битна, барем толку за да биде условот што најважната европска институција, Европската унија, му го поставува на Белград за да ги нормализира односите со СР Југославија. Македонија е членка на Обединетите нации, го има пристапот до сите меѓународни финансиски организации, влезена е во шемата на меѓународната јавност, успешно ја одржува стабилноста во нестабилен регион, одржува стабилност во економијата, собра околу себе многу пријатели и пак вестите за признавањето од страна на Белград одат ударно и во првите моменти на вестите на електронските медиуми. Секој ден се одржува тензија, ќе дојде Милошевиќ, ќе дојде Милутиновиќ, сé е веќе прашање на денови, ако не и на часови, домашни политичарчиња одат на поклонение кај големиот вожд во Белград и тука се претставуваат како национални херои кои се избориле за уставното име, затоа што Милошевиќ им оставил таков впечаток… Небаре тоа што сме држава и не е толку важно, ако тоа и Белград не ни го каже. Не се важни ни Вашингтон, ни Москва, ни Брисел, ни Обединетите нации, ни другите соседи, ни другите држави настанати од бивша Југославија, ни меѓународни­те кредитори. Важно е да дојде Милошевиќ!
    На крајот, мерејќи ни го умот, не би ме зачудило некој да го постави прашање­то: “Што мајка ни требаше да правиме држава?”

    2. Пред некој ден претседателот на Републиката Киро Глигоров ги примаше акредитивните писма од белгискиот амбасадор. На свечената церемонија во неговиот кабинет прв пат присуствуваше и новиот министер за надворешни работи Љубомир Фрчковски. Од телевизиската снимка добивме впечаток дека нешто интересно се случувало на таванот на кабинетот на претседателот на државата. Министерот Фрчковски цело време гледаше нагоре. Што интересно се случуваше за време на  церемонијата над главите на претседателот  Глигоров и на белгискиот амбасадор?
    Новиот шеф на македонската дипломатија на ова место дојде од местото шеф на македонската полиција. Можеби во тој податок лежи одговорот зошто гледаше нагоре министерот Фрчковски. Се трудеше да ги пронајде прислушку­вачите.

    3. Досега Грците имаа проблеми со поранешниот министер за надворешни работи Стево Црвенковски. Никогаш не знаеја што им мисли. Сега ќе имаат проблем и со новиот министер Љубомир Фрчковски. Затоа што тоа што го мисли и им го кажува. Се уверија уште со неговото прво интервју по стапувањето на новата должност.
    Меѓутоа, и министерот Фрчковски на новото место може да се соочи со непредвидени проблеми. Тој рече дека сака да го реорганизира Министерството. Што правиме, ако продолжи по старо, па по углед на полицајците и на дипломатите да им купи “рејбан” наочари? Тој не знае со кого си има работа. Какви ни се дел од дипломатите, нека не се зачуди ако после со “рејбанките” на очи застанат на некоја улица по светските метрополи и почнат да им наплатуваат казни на воза­чите.

    4. Досегашниот министер за надворешни работи Стево Црвенковски во иднина ќе работи во Кабинетот на претседателот на државата. Ќе биде советник. Сега, кога нема да има потреба да се занимава со висока политика, Црвенковски ќе може да ѝ се врати на својата стара љубов. Како режисер, нему му лежат филмовите.
    Може да биде советник за филмови. Времето на претседателот на државата е скапоцено, а изборот преголем. Така што некој мора да му врши селекција. Отсега па натаму Стево Црвенковски ќе му кажува на Глигоров кој филм да го гледа.
    “А, тој филм нема да го гледаш!”

    5. Во животот работите ни се случуваат како на филм. Се враќаш од работа или од пазар дома и – те убиваат. Или, им отвораш на познати, ќе им дадеш пијач­ка и после ќе те полијат со пијачката и ќе те запалат. Зошто? Затоа што мислат дека имаш пари.
    Сé е како во наивна крими-приказна. Жртвите не се ниту мафијаши, ниту се замешани со некаков бизнис, ниту имаат некаква врска со рекетарство, дури не се работи ни за убиства од љубомора или страст. Едноставно, убиените се обични луѓе, наши пријатели и роднини, познати, лица што секојдневно ги гледаме во најобични ситуации. Тоа кажува дека следната жртва можеме да бидеме ние. Штета што ова не се случува само на филм.
    Ни се случува нам.

    6. Тоа дека сме станале земја за углед најдобро ни го потврди терористичкиот напад врз супермаркетот во Тирана. Луѓето учат од нас. И таму направија автомобил-бомба.
    Добро е што Албанците си го имаа Сигурими. Па имаа и кого да уапсат.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари