РОК-ОПЕРА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:106:"ПробаллиБутросГалидапобараприемкајФадилСулејмани?

    1. Се подготвува ново спектакуларно свечено отворање на популарната скопска дискотека “Хард рок”. Велат, ќе биде многу погламурозно, отколку што беше замислено минатата сабота. Овој пат на програмата е рок-опера со наслов “Али Баба и четириесетте разбојници”. Разбојниците веќе имаа генерална проба. Се очекува на премиерата да се појави уште Али Баба.
    Клучната реченица во приказната е “Сезаме, отвори се!” Ова СЕЗАМ му доаѓа нешто како кратенка за Сојуз за Македонија. Меѓутоа, Сезам почна да се отвора претпремиерно. По повод настапот на четириесетте разбојници во диско­тека­та “Хард рок”, еден од коалиционите партнери во СЕЗАМ, Либералната партија, во вчерашниот број на својот весник “Либерал” забележа дека тој е “непосре­ден и неспорен доказ за постоење на организиран криминал кај нас, како и за сите закани и опасности за граѓанинот, семејството и државата што ги носи тој вид криминал со себе”.
    Глупости. Каков организиран криминал? Па нели пред извесно време еден потсекретар за јавна безбедност во МВР, мислам дека се викаше Павле Трајанов, беше сменет затоа што не успеа да докаже постоење организиран криминал во државата. Белким за шест-седум месеци не ни се влоши толку ситуацијата, па дури и претседателот Глигоров во својот пристапен говор да мораше да посочува на опасност од организираниот криминал.
    Се надевам дека до повторното отворање на “Хард рок” Бранко Црвенковски повторно ќе биде премиер и ќе биде поканет на свечената претстава. Се надевам дека и Љубомир Фрчковски како иден министер за внатрешни работи, со допол­нителни сознанија за организираниот криминал од светската конференција на ОН во Неапол, ќе биде присутен таа вечер. Искрено се надевам дека покрај разбојниците ќе имаат сили, но и храброст, да ги идентификуваат и Али Баба и Касим и Моргана и сите други јунаци. Само што демолирањето на најпознатата скопска дискотека од организирана група разбивачи, колку и да сака некој да го прикаже безначајно, воошто не е приказна за мали деца.

    2. Грците ни ја ослободија пченката. Сега ќе ни стигнат 45 илјади тони. Што ќе му правиме на толку големо количество? Велат дека ако задоцни нема да биде добра за добиточна храна.
    Ако. Ќе си правиме пуканки. Кога ќе го ставиш зрното пченка со малку зо­ври­ено масло во затворено тенџере, тоа ќе почне да прави пуф, пуф, пуф… Веројатно поради тоа битолчани пуканките ги нарекуваат пуфки. Од пченката ќе направиме толку многу пуканки, така што ќе имаме и отповеќе. Па, на Грците ќе им продаваме – пуфки.

    3. Србите немаат американска пченка, ама пак му продаваат пуфки на цел свет. Ете, пред некој ден на сараевскиот аеродром долета генералниот секретар на ОН Бутрос Гали, со желба да се види со Радован Караџиќ. Молам!? Таков голем државник каков што е Караџиќ да губи време и да се среќава со таму неко­јаси ситна боранија од ОН?! Нема шанси! Има Бутрос Гали да закаже навреме кога мисли да го вознемирува Неговото Височество, и тоа ќе му оди во Дворецот на Пале да му ја признае Република Српска. Ако сака. Ако не, нека пати.
    Американците и Англичаните рекоа дека ќе му дозволат на Караџиќ да прави конфедерација со Милошевиќ. Голема Србија доаѓа како награда за триго­дишното етничко чистење на Муслиманите, за успешното душење на Сараево, за милионите раселени бегалци, за обновата на идејата за концентраци­они логори, за успешното гаѓање на деца со снајпер… Од друга страна Гали и сите околу него лордови, комесари, посредници, претседавачи на Европската унија, контактни групи, заслужуваат големо признание што успеаја во срцето на Европа да направат чиста муслиманска држава.
    Тоа ти е како на рекламата за чипсот “Рафлс”. Ако ти дадам тебе, треба и на другите да им дадам. Ако Милошевиќ може да има Голема Србија, зошто да нема голема Хрватска? Зошто да нема голема Албанија? Или голема Бугарија? Или голема Грција? Па и ние за инает ќе си ја обновиме паролата “Солун е наш!”

    4. Ете, токму затоа ќе може да се појавува некојси Фадил Сулејмани, кој останал без работа како професор на Универзитетот во Приштина, па сака да си изгради универзитет во Тетово и да изјавува (како вчера во “Нова Македонија”) дека ако Владата ги спречи да го отворат универзитетот, целата албанска попу­лација ќе ја дигнел на нозе, зашто тие само чекале зелено светло.
    Патем, кој е тој Фадил Сулејмани? Сте чуле ли за него порано, битен ли е чо­ве­ков, од каде толкава храброст да изјавува дека и во разговорот со Глигоров неговиот збор ќе биде последен. Пробал ли некогаш Бутрос Гали да побара прием кај Сулејмани?

    5. И средношколците излегоа пред Собранието. Целосно ги поддржувам не само затоа што сакам со нив да се чувствувам помлад, не затоа што знам дека не постои една генерација што се запишала на прва година, а додека стигне до матура не ѝ е направен експеримент барем со една реформа, не затоа што покажаа зре­лост успевајќи да се организираат и покрај официјалната Унија на средношкол­ците чиишто претставници кога ги гледав како зборуваат на телевизија веднаш ги видов како надежни бирократчиња. Едноставно затоа што во дуелот со Министерството и нивните професори учениците се тие што знаат што сакаат.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари