СЕЛСКА ЧЕШМА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:53:"Шпионитесесекадеоколунас!

    СЕЛСКА ЧЕШМА

    1. Судбинската дилема, како да се организира забавата во четврток навечер, барем за граѓаните на Скопје кои можат да ја следат експерименталната програма на “А” Телевизијата  што емитува италијанска програма, беше  дали, во исто време кога тече “Караоке” со распеаните Италијанци низ прекрасните плоштади на нивните градови, да се притисне копчето на телевизорот и да се гледаат нивните омилени јунаци во прекрасна собраниска сала, во улога на алапачи собрани кај селска чешма. Прекрасното чувство што притоа се раѓаше кај секој патриотски освестен граѓанин на оваа држава, со самото сознание дека ние навистина сме мали и сиромашни, ама имаме доволно сила, а богами и пари, да организираме неколку вида полиции, дава доволно спокојство за загарантираниот личен живот, а за правната сигурност што ја уживаме ич не треба да се зборува.
    “Шпионите се секаде околу нас”, ѝ соопшти доверливо Стамена на својата сосетка Трпана, а оваа ѝ одговори: “Знам, мажот ми Трајче ги читаше извештаите на Комисијата за контрола на службата за селска безбедност”. Потоа тајно ѝ раскажа дека во документите, што се чист оригинал, бидејќи наводно ги набавил бифеџијата Стојче, конечно се гледало дека при минатогодишниот откуп на тутунот најмногу пари земал другарот Коце, затоа што сé уште имал врски од порано, кога бил претседател на  Селската работна задруга. “Мајката!”, се чудеше Стамена, па веднаш ѝ светна во главата дека Коце во весникот “Трибина” изјавил за нивното семејство дека било фрустрирано, само за да го забуши неправилниот откуп. “Што си глупава!” ѝ рече Трпана. “Тој рече дека сте фрустрирани оти ја испративте ќерката во Скопје на факултет, а таа ви се врати трудна.” “Е, ако сакаш да знаеш, мојата Жаклина беше само малку трудна, а тоа ѝ беше наместено од твојот Роберто, затоа што нему му беше криво дека таа успеа да положи “предвојничка” од првпат”, ѝ  врати Стамена на Трпана. Оваа пак, лута, веднаш од футата извади фотокопија од оригинал лекарски наод и мавташе со него, сакајќи на тој начин да го привлече вниманието на другите селани. Овие, кога ја видоа расправијата, веднаш почнаа да вадат од разни џебови документи, тапии, видео- касети, стенограми и магнетограми. Така убаво се израскара крај селската чеш­ма, зашто допрва видоа која домаќинка на кој стопан фрлила око, кој кому крадел од салатките во нивата, кој набавувал дизел за трактор со врски, кој кому отрул куче, така што претседателот на месната заедница мораше да чека ноќта дебело да се спушти, за преморените селани да можат да си одат дома на спиење. Тие се сепак многу сериозни луѓе. Утре – мотиките на рамо и сите в поле на работа.

    2. “Сакам да кажам”, по двојни тајни канали – и од полицијата на Фрчковски и од полицијата на Змејковски, се добра до еден супер таен документ под шифра “СТОП СМОКИНГ”! По опсежната анализа на конспиративните дијалози во форма на крими драма и со експертска помош на разни шифранти и дешифранти, дојдовме до заклучок дека во наши раце  е досието на госпоѓицата Доста Димовска. Нашите извори во двете полиции ни потврдија дека според толкувањето на нивните стручњаци за англиски јазик СТОП СМОКИНГ преведено буквално на македонски значи – Доста Димовска.

    3. Настрана што по сите оние расфрлања со документи од доверлив карактер пред целата јавност, и тоа од луѓе за кои ни на крај памет не ми паднало дека би можеле да ги поседуваат, нормално е да те фати страв дека во секој момент не­кој може со некаков, којзнае каков лист хартија, да те манипулира, суди и уце­нува. Уште полошо е што по оној циркус, гарниран со листање бугарски весници, навреди од типот: “гледам органите за слух ви се добро развиени”, меѓусебни лечења на фрустрациите со обвинувања на другите дека се фрустрирани, во јавноста се создава слика која говори за некој парламент што не чини. Значи, не дека не се добри народните ни платеници, туку генерално не е добар Парламентот! Со други зборови: Што ќе ни е Парламент? Што ќе ни е парламентарна демократија? Со вакви пратеници навистина се урива угледот на самата институција – парламент. Но, дали тоа значи дека сите работи и во иднина, дури и ако се опаметиме, па избереме некои попристојни и подобри претставници, ќе се решаваат надвор од Собранието?

    4. Главната ТВ ѕвезда од директниот пренос од соборниот храм Св. Климент Охридски во Скопје на Велигден беше претседателот на Социјалистич­ката партија Киро Поповски. Неговата појава со свеќа во рацете можеби му донесе уште два и пол нови избирачи, ама реакциите слушнати другиот ден беа многу интересни:
    Прва реакција: (без зборови, само урлање од смеење, со живо потсетување на биографијата на другарот Киро).
    Втора реакција: “Кога го видоа него и најфанатичните верници престанаа да веруваат во Бога!”
    Трета реакција: “Што убаво ни беше во социјализмот, сега од ова комунис­тиве ни во црква на раат не можеш да отидеш!”

    5. Доколку се остварат претпоставките дека новото име на државата што ни го токмат ќе биде “Нова Македонија”, и моите колеги во весникот “Нова Ма­ке­­донија” ќе мораат да размислат за ново име. Ако го следат примерот на државното раководство, за почетокот ќе мора да се согласат со привремено име. А тоа би било “Вчерашна Нова Македонија”. Значи, читателите во сабота ќе купуваат “Нова Македонија” од петок.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари