ШАБАЧКА ВАРИЈАНТА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:44:"СоЦецавоНоватагодина

    1. Среќна ви Нова година. И добре дојдовте во царството на таканаречените бизнисмени со златни ланчиња на рацете и крстови на влакнестите гради, на госпоѓите со бунди и искривени потпетици, кои вежбаат ликовно по своето лице, ама заборавиле да го поправат излижаниот лак од ноктите и на нивните деца, на кои родителите им платиле да направат песна од типот “сакам кола убава и бесна” и “вечерва сум сама, ќе правиме журка”, да се појават на телевизија со чизмите “Док Мартенс” како компензација за опинокот што ги донел на свет.
    Во едно скопско кафуле, во кое однеодамна како знак на престиж и скороевштина на влезната врата беше ставена камера за правилен избор на гостите, Новата година ја пречекав со Цеца и со прекрасната песна “Кад би био рањен, крви би ти дала, ока моја оба, кад би био слеп..”. И со гордите македонски девојчиња, кои по примерот на сопругата на познатиот српски воен злосторник Аркан, стегнати во мини здолништа од почетокот до крај ги пееја сите нејзини песни, качени на шанк и по масите. Песната инспирирана од јуначките потфати на Аркан и неговите борци во освојувачките походи низ Босна и Хрватска, во последната војна од поновата историја на српскиот народ, потоа ја слушнав уште најмалку десет пати во околните кафулиња, со истата сценографија. За потсетување, Новата година ја чекав во Скопје, во центарот на главниот град на државата што се вика Македонија и на булеварот Свети Климент Охридски, а не во Житораѓа во Шумадија.
    Министерот за култура сигурно би рекол дека народот тоа го сака. Министерот за надворешни работи би ни ја елаборирал тезата за политика на активна еквидистанца кон соседите. министерот за стопанство би рекол, не е важно, само да стигаат пари. А сите ние си ја честитаме Новата година на чист македонски јазик со зборовите “Све најбоље!”
    Верувам дека и во некоја белградска кафеана овие денови можела да се слушне македонска песна. Само што во српските кафеани сè уште се негуваат “Јовано, Јованке..”, “Битола”, “Зајди, зајди”, “Македонско девојче”.. Нас ни ја испратија Цеца и заборавивме на нив. Што ти вреди што нема поубаво девојче од Македонче, кога не знае да игра на шанк? Башка, Цеца е позгодна.

    2. Неколку дена пред Нова година, во скопскиот хотел “Гранд” прием приреди новиот градоначалник на Скопје Ристо Пенов. На приемот имаше многу народ, речиси сите директори на големите фирми, луѓе од културата и естрадата, новинари, видни универзитетски професори.. На приемот немаше ниту еден претставник на Владата и ниту еден од раководството на Собранието на Македонија.
    Можеби премиерот Бранко Црвенковски бил зафатен со пуштање некоја чешма во новоформирана селска општина, ама можел да се договори со некој министер од неговиот кабинет, барем да направи лице и да се појави на приемот на градоначалникот. Или, министрите не се сметаат за жители на Скопје!? Освен тоа, што е важно што градоначалникот претставува 600 илјади жители во државата, што во главниот град е сконцентрирано целото политичко и поголемо економско влијание, што Скопје претставува културен и духовен центар и лице за државата пред светот? Важно е што Ристо Пенов не е од нивната партија и баш ме интересира дали советниците од СДСМ во Градскиот совет на Скопје ќе добијат партиски казни затоа што се појавија на приемот.
    Ова веќе не е прашање на протокол, или политичка култура. Тоа не е ни однос кон Ристо Пенов и кон неговата партија. Тоа е елементарно чувство за однос кон жителите на главниот град. Многумина не гласаа за Пенов, па сепак, по волја на мнозинството тој е и нивен градоначалник. Исто како што многумина пред повеќе од две години не гласаа за СДСМ, па сепак го почитуваат Бранко Црвенковски како премиер на Македонија. Се сеќавам, кога пред неколку години Силвио Берлускони стана премиер на Италија, медиумите јавија дека тој уште првиот ден го посетил Папата и – градоначалникот на Рим. Нашиот Бранко беше прв странски премиер кој беше примен од Берлускони, ама изгледа на средбата не му кажал како треба да се однесува со градоначалникот на главниот град на државата.

    3. Не знам дали Дедо Мраз во Скопје пристигна доброволно, или беше приведен од полицијата. Затоа што го донесоа со полициски хеликоптер. Се ми се чини дека беше приведен. Полицајците не се потрудиле дури и да му направат убава маска. Му се познаваше ластикот што му ја држеше брадата. Дедо Мраз беше случајно избран граѓанин. Затоа и не знаеше што да каже. Па мораше да чита. Дури и кога викаше “Догледање!”, наместо да гледа во децата собрани на Плоштадот “Македонија”, читаше во книжулето.
    Полицијата пак направи грешка и ни донесе погрешен човек за Дедо Мраз. Зошто министерот Чокревски не избра некој од неговите колеги, да го преправи во Дедо Мраз и да го спушти со полициски хеликоптер среде Скопје. На пример – Јане Миљовски. Еми има брада. Ем по конституција одговара на улогата. И што е најважно, знае да раскажува убави приказни. Како на пример онаа дека брзо ќе влеземе во Европа.

    4. Неодамна Владата ги намали цените на цигарите, како еден од начините за борба против шверцот и нелегалната трговија. Дали во борбата против трговијата со дрога, ќе ја легализира употребата на дрога!?

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари